Македонија
Либералната партија нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ по изборите
Либералната партија нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ по изборите, затоа што за нив не е доволно да се смени само врвот на партијата, туку сакаат либерална влада.
„Не прифаќаме влада со ВМРО-ДПМНЕ и со Груевски. Некои лицитираат со тоа дека им е доволно да се смени партиската врхушка во ВМРО. Тоа не ни е цел, ниту ни е цел да го реформираме ВМРО-ДПМНЕ. Ние сакаме либерална влада, граѓанска влада и неа можеме да ја правиме со оние кои немаат учествувано во криминал“, рече лидерот на ЛП, Ивон Величковски, во Велес.
Данчо Марковски, носител во изборната единица 3 вели дека само Либералната партија јасно и прецизно кажа дека после изборите нема да коалицира со ниедно раководство на ВМРО-ДПМНЕ
„Нас не ни требаа „бомбите“ да ги слушаме за да ни стане јасно што се случува во државава. Cите знаеме дека овој систем, направен за да бенефицираат одредени структури и тој систем мора да се промени, не да се замени“, додава Марковски.
За да се справиме со ситуацијата треба да ја погледнеме вистината во очи и да не се лажеме себе, сметаат од ЛП, да бидеме реални и по правила на стоицизмот да бидеме разумни, праведни и умерени во постапките.
„Ние нема да обвинуваме туѓи чудни странски сили, нема да спомнуваме Букурешки договор, бивша Југославија, рамковен договор и така натаму. Затоа што животот има едно уникатно својство, а тоа е да тече само напред“, вели Величковски.
Либералната партија има опширна програма готова повеќе од една година, внимателно и домаќински сработена, која е доследна на основните принципи: демократија и плурализам; пазарна економија и владеење на правото што гарантира остварување на човековите и граѓанските права и слободи.
„Тука се и двата проекта во доктрината на кои посветуваме особено внимание. Тоа е проектот Македонски производи во секој дом од Балканот и Солидарен концепт, со кој ќе ослободиме околу 30 илјади граѓани од прангите на банкарските долгови. Државата како гарант за долгот ќе овозможи полесно враќање на истиот без притоа должникот да бива притискан од дополнителни камати и судски такси“, рекоа либералите пред велешани./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.

