Македонија
Пендаровски: Ноќната мора – извршители, ќе биде минато

Носителот на листата кандидати за пратеници во ИЕ 1, Стево Пендаровски, во петок рече дека на годишно ниво во изминатите фискални години по основ на глоби, власта проектираше да зема од сопствените граѓани, и земаше од 65 до 85 милиони евра и дека таа политика по 11 декември ќе престане и ќе биде заменета со сосема друга казнена политика која ќе се потпира на превенцијата како главен столб.
„Тоа значи дека инспекцијата кога ќе дојде кај вас, нема да ве казнува веднаш, туку ќе ве опомене. Ако по втор пат го направите истиот прекршок тогаш правниот субјект ќе биде казнет , но најмногу до 50 проценти од ова што е сега. Инспекциите по 11 декември сигурно нема да бидат правени по партиски нарачки во партиски штабови туку ќе постапуваат само ако има силни докази дека некој правен субјект не работи во согласност со законот“, рече Пендаровски.
Најави и дека ноќната мора-извршители ќе биде минато. „Нема да биде можно по 11 декември компензацијата за извршената извршителска работа да биде 5 до 7 пати поголема од сумата која треба да биде извршена.Ако должите 1.000 денари, нема да биде можно извршителот да земе 3 или 5.000 денари.“, рече тој
Според него и судските казни и трошоци денеска се енормни. „Во нашата програма стои, и тоа ќе биде реализирано како една од првите мерки на новата Влада, судските трошоци и казни нема да бидат повеќе од 20 проценти од вкупниот спор“, додаде Пендаровски.
Најави и дека граѓаните ќе добиваат со враќање на ДДВ и тоа 15 отсто на тие што го платиле, освен за луксузните производи./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ресенскиот Сарај блесна во ликот на балканскиот рис

Синоќа, во позитивна атмосфера исполнета со љубопитност, во Ресен беше отворена патувачката изложба на фотографии посветена на балканскиот рис – организирана од Македонското еколошко друштво, во соработка со Националниот парк „Галичица“ и Домот на културата „Драги Тозија“.
Фотографиите се изложени во познатиот ресенски Сарај, еден од најрепрезентативните споменици на неокласичното архитектонско наследство во земјата од почетокот на минатиот век. Изложбата ќе биде достапна за посетителите во следните две недели, по што ќе го продолжи своето патување во друг град. Досега таа беше поставена во Галичник, Битола и Охрид.
Балканскиот рис претставува критично загрозен подвид што живее исклучиво во регионот на Западен Балкан, а денес брои помалку од педесет возрасни единки во природата. Неговата иднина е сериозно загрозена од загубата на живеалишта, криволовот и ниската генетска разновидност, иако овој редок предатор е незаменлив дел од природното, но и културното наследство на регионот.
Повеќето од прикажаните фотографии се снимени со фотозамки – метод што најчесто се користи при истражувањето на притаени и тешко забележливи диви животни, и тоа како дел од активностите на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ започната во 2006 година.
Македонското еколошко друштво ја продолжува својата повеќегодишна мисија за закрепнување на балканскиот рис преку научни истражувања, работа со локалните заедници и едукативни активности. Целта на оваа изложба е јавноста не само да се запознае со убавината и реткоста на овој вид, туку и да ја препознае својата улога во неговата заштита – како дел од заедничките напори за зачувување на биолошката разновидност на Македонија и целиот Балкан.
Македонија
Времето денес променливо облачно, во следните денови дожд, најавува УХМР

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во петок и понеделник врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи, а во понеделник наместа и пообилни. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец кој ќе надминува брзина од 70 километри на час.
Македонија
Македонија го одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Денот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. На 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет.
Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. Во политичка смисла, борбата за автономија значела формирање самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.
По повод Денот на македонската револуционерна борба, во Собранието ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.