Свет
Најмалку 10 убиени во напад со авто-бомба во Сомалија
Во експлозија автомобил бомба врз полициски контролен пункт покрај пазар во сомалиската престолнина Могадишу, соопштија во саботата полициски извори.
Очевидец на агенцијата Reuters наведува дека видел неколку тела на местото на експлозијата покрај пазарот во округот Вабери во Могадишу, каде што земјата била прекриена со крв, а продавниците разурнати и амбулантните возила ги одвезуваат жртвите.
„Целиот пазар е уништен, а има изгинато луѓе. Сигурно е дека бројот на жртвите ќе расте““, изјавил за агенцијата Абдикар Фарах и додал дека е потврдено оти најмалку десет луѓе загинале а десетици се ранети.
Сомалиската исламистичка групација ал-Шабаб често изведува вакви напади во главниот град Могадишу, иако засега никој од оваа група не ја презема одговорноста за саботниот напад. Ал Шабаб се бори за соборување на владата која ја подржува Западот и сака да ја наметне својата строга интерпретација на исламот.
Радикалната исламистичка група Ал Шабаб (Движење на младите муџахедини) одржува тесни врски со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, на која ѝ изрази лојалност во 2012 година, поради што нејзините челници последните месеци беа цел на операции на американските командоси, а во Сомалија е активна од 2006 година.
Ал-Шабаб се смета за хетерогена организација којашто обединува голем број фракции, поделени по идеолошка и клановска основа. И покрај тоа, според експертите, таа останува силна групација и претставува сериозна безбедносна закана. Изминатите шест години Ал Шабаб се бори против централните сомалиски власти и ги попречува хуманитарните активности на ОН во земјата.,
Сомалија се уште се бори со исламистичкиот бунт, истовремено обидувајќи се да се изгради по повеќе од две децении судири и хаос кои ја уништија земјата.
Сомалија престана да постои како унитарна држава во 1991 година со падот на диктаторскиот режим на Сиад Баре. Како единствен легитимен орган во земјата меѓународната заедница ја признава федералната влада, која го контролира Могадишу и неколку околни области. Останатите делови на Сомалија се под контрола на непризнаени самопрогласени територии. Делови од јужна и северно-источна Сомалија се управувани од страна на локалните кланови и радикални исламски движења, вклучувајќи ги и оние поврзани со Ал Каеда. Територија на север и северозападниот дел од Сомалија е под контрола на непризнаената Република Сомалија. Официјалните сомалиски власти немаат контрола врз ситуацијата во земјата. Пет илјади припадници на мировните сили Африканската унија, исто така, не можат да ја земат контролата врз безбедносната ситуација и под контрола имаа само неколку клучни стратешки локации во Могадишу. Во насилството во Сомалија од 2007 година, според статистиката на Обединетите нации, загинале повеќе од 20 илјади луѓе, а околу 1,5 милион се бегалци.
Во текот на изминатите неколку седмици се одржува гласање за новиот состав на сомалискиот парламент. Околу 14.000 кои ги претставуваат сомалиските сојузни покраини се избрани да изберат 275 пратеници. Овие членови на парламентот ќе го изберат потоа новиот претседател. Владата, функционери на ОН и на меѓународните донатори рекоа дека поширокото гласање не е одржано од безбедносни причини. Парламентарните избори ќе бидат завршени до 30-ти ноември, по неколку одложува, но има најави дека може да траат и до средината на декември.
Ал Шабаб ги обвинува властите дека се слуги на странците. „Ги повикуваме Сомалијците да земат оружје в рака и да ја ослободат нашата Сомалија“, изјави претходно во саботата за Reuters еден од претставниците на исламистичкото движење./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: САД ги притискаат Русија и Украина да ја прекинат војната пред летото
САД сакаат Москва и Киев да најдат решение за тоа како да се стави крај на војната во Украина пред летото, изјави претседателот Володимир Зеленски. Неговата изјава ја пренесе „Ројтерс“.
Во изјава за новинарите објавена од неговиот кабинет денес откога Украина и Русија одржаа дводневни разговори со посредство на САД во Абу Даби оваа недела, Зеленски рече дека Вашингтон предложил разговори во Мајами за една недела и дека Киев се согласил со тоа.
Зеленски, исто така, ја критикуваше Русија поради нападот врз украинските енергетски постројки извршен преку ноќ, велејќи во коментарите објавени на „X“ дека на Москва мора да ѝ се одземе можноста да го користи студеното зимско време како средство за влијание против Киев.
Фото:Депоситотос
Свет
Франција ги истражува поранешниот министер за култура и неговата ќерка за измама поврзана со Епштајн
Француските финансиски обвинители соопштија дека отвориле истрага против поранешниот министер за култура Џек Ланг и неговата ќерка Каролин Ланг под сомнение за „перење пари поврзано со сериозна даночна измама“ во случај поврзан со починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, објавија француските медиуми.
Се зголемува притисокот врз Ланг да поднесе оставка од функцијата претседател на Институтот за арапски свет во Париз, откако документите објавени од Министерството за правда на САД минатата недела покажаа дека Епштајн и Ланг повремено се допишувале помеѓу 2012 година и смртта на Епштајн во затвор во 2019 година.
Француските медиуми, вклучувајќи ги „Ле Монд“, „Ле Фигаро“ и „Медиапарт“, објавија дека прелиминарната истрага е отворена откако документите на Министерството за правда на САД открија години преписка и финансиски врски меѓу Ланг и Епштајн, вклучително и оние во странство.
Канцеларијата ја потврди истрагата, но не даде дополнителни детали.
Џек Ланг, кој негира какво било кривично дело, е повикан на сослушување од Министерството за надворешни работи, надзорниот орган на Институтот за арапски свет, културна и истражувачка институција која промовира разбирање на арапскиот свет.
„Џек Ланг беше државен министер, тој ќе донесе одлука со чиста совест“, изјави неговиот адвокат Лоран Мерле за француските медиуми, одговарајќи на повиците Ланг да ја напушти институцијата.
Името на Ланг се појавува повеќе од 600 пати во досиејата на Епштајн, според прегледот на документите од страна на Ројтерс.
Пред шест дена, ќерката на Ланг, Каролина, поднесе оставка од функцијата раководител на Францускиот синдикат на независни продукции откако се открија нејзините врски со Епштајн. Ланг вели дека тоа е неправда
„Џек Ланг верува дека презентирањето на фактите е многу неправедно, но тој е борец и ќе ги даде сите потребни објаснувања на неговото надзорно тело и на судовите за да докаже дека не бил вмешан во никакво недолично однесување или кривично дело што може да му се припише“, рече неговиот адвокат.
„Немаше трансфер на средства… Но, мислам дека е нормално судијата да сака да го испита тоа“, рече тој, додавајќи дека се надева оти обвинителот ќе дејствува брзо.
Објавувањето на документите ја интензивираше истрагата за глобалните врски на Епштајн со јавни личности, вклучувајќи го Британецот Ендрју Маунтбатен-Виндзор, помладиот брат на кралот Чарлс, и Питер Манделсон, поранешниот британски амбасадор во Соединетите Држави.
Фото:ЕПА
Свет
Низ разузнавачките канали протекоа детали за „Дмитриев пакет“, вреден е 12 трилиони долари, вели Зелениски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои ризик САД и Русија да склучат билатерални договори кои се однесуваат на Украина, но без учество на Киев. Тој тоа го изјави на брифинг за новинари вчера, во време на засилени дипломатски активности насочени кон завршување на војната, при што веќе следната недела се очекува можено продолжение на трилатералните преговори помеѓу Украина, САД и Русија, веројатно на американска територија, пишува „Киев индипендент“.
„Со оглед на потенцијалните ризици, украинската делегација го пренесе ставот дека, ако и дојде до билатерални договори меѓу Русија и САД, одредбите што се однесуваат на Украина не смеат да бидат во спротивност со нашиот устав“, рече Зеленски, алудирајќи на територијални прашања.
Тој нагласи дека Киев добива сигнали за можно потпишување на билатерални документи помеѓу Вашингтон и Москва, вклучувајќи ги и оние за економска соработка.
Зеленски додаде дека Украина нема целосен увид во сите можни деловни аранжмани, но дека некои детали протекле низ разузнавачките канали. Како пример тој го наведе таканаречениот „Дмитриев пакет“, кој во САД наводно го претставил рускиот преговарач Кирил Дмитриев.
„Разузнавачите ми го покажаа таканаречениот ‚Дмитриев пакет‘ претставен во САД – вреди околу 12 трилиони долари“, рече Зеленски, опишувајќи го како предлог за обемна економска соработка меѓу двете земји. Тој додаде дека Киев забележал и знаци дека потенцијалните американско-руски документи можат да содржат одредби кои се однесуваат на Украина.
„Јасно велиме дека Украина нема да поддржи никакви договори за нас без нас“, заклучи тој.

