Македонија
Во Битола се засадија 800 дрвца
Есенската акција „Ден на дрвото- засади ја својата иднина“, во Општина Битола се спроведуваше на повеќе локации меѓу кои во урбаниот дел во Брусничко – лавчанската населба, населбата Буковски ливади, паркот на улицата „Анести Пановски“, покрај улиците „Солунска“, Булевар „1 ви Мај“, „Македонски гемиџии“, градски парк, Широк Сокак и во близина на Тера телевизија.
„Традиционално продолжуваме со засадувањето на дрвја, но денес во договор со Влада одлучивме тоа да го направиме во урбаниот дел на градот. Обично засадувањето беше во делот каде што беа големите пожари, каде и денес „Македонски шуми“ има акција за пошумување, но ние сме сконцентрирани во урбаниот дел. Во овој дел ќе бидат засадени околу 800 садници. Овој пат акцент се стави на неколку градови кои што имаат проблем со загадувањето, со што се стави фокус и на Битола. Така што мислам дека ќе имаме масовен одзив на нашите граѓани не само во текот на денешниот ден туку во текот на целата недела. Се разбира доколку има потреба, доколку има можности и доколку сакаат граѓаните акцијата ќе трае и подолго од она што беше предвидено со планот”, изјави градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески.
Како и за останатите акции и овојпат граѓаните покажаа голем интерес и зедоа активно учество во акцијата за пошумување, која всушност претставува наш заеднички придонес кон обезбедувањето на чиста и здрава животна средина.
Во денешната акција активно учество зедоа и основните и средните училишта преку организирање на наставен ден со посебна програма и засадување на садници во училишниот двор или најблиската зелена површина.
„За разлика од минатите години, акцентот е ставен на урбаниот дел во Битола, затоа што четири градови Битола, Скопје, Кичево и Тетово се во минатиот период најзагадени градови, така што Владата додели најповеќе садници за тие центри. За Битола се доставени 3850 садници кои во текот на денешниот ден и наредните неколку денови треба да бидат засадени на 15 локации. Покрај јавни зелени површини и дрвореди и онаму каде што недостасува, главно акцентот ќе биде ставен на урбаниот дел”, истакна директорот на ЈП „Комуналец“, Зоран Соклевски.
Покрај редовното вклучување во акцијата, општина Битола во соработка со ЈП „Комуналец“, за заинтересираните физички и правни лица, обезбеди садници кои од денес ќе придонесат за разубавување на приватните и дворовите на јавните објекти. Во рамките на оваа акција официјални барања доставија 25 правни лица за 500 садници и 62 физички лица за 320 садници./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

