Македонија
Заев ветува дека Македонија ќе биде напредна држава
Подобар живот за сите во Македонија, вети лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ако ја добие власта, во понеделник вечер пред стружани, каде коалицијата „За живот во Македонија“ја презентираше својата предизборна програма „План за Македонија“.
Заев најави реформи во образованието, здравството, повисоки просечна и минимална плата, поголема социјална помош, враќање на ДДВ-то од 15 проценти, инвестиции во енергетскиот сектор…
„Ние сме вреден народ, тоа што го сака нашата земја е достоинствен живот, повеќе пари во секое семејство, сакаме децата да ни имаат добро образование, да имаме добро здравство, да чекаме деца и внуци околу нас“, рече Заев.
Пред стружани вети намалување на фондот на часови и бројот на предмети во основното образование, воведување практична настава во средното и укинување на екстерното тестирање.
„Децата ќе ни учат тоа што ќе им треба во животот, а не се и сешто. Истовремено во средното образование ќе воведеме практична настава. Сите деца не се за факултет, затоа ќе има и две и тригодишно средно образование, за младите што не им се учи на факултет да можат веднаш да се вградат на пазарот на трудот, да заработуваат и да основаат свои семејства. Образовниот процес ќе биде модерна европска пракса“, рече Заев.
Според лидерот на СДСМ, за четири месеци минималната плата ќе се зголеми на 12.000, а до крајот на мандатот на 16.000 денари. Просечната плата, како што истакна Заев, ќе достигне до 30.000, а социјалната помош ќе ја зголеми на 12.000 денари.
„Тоа ќе го направиме директно со буџетска поддршка, нема газдите на фирмите да ги даваат разликите во плата, туку ние од Буџетот“ додаде лидерот на СДСМ Заев.
Законите, според него, ќе важат еднакво за сите и сите што згрешиле ќе одговараат. Потсети дека Законот предвидува три до пет години затворска казна за закани, уцени, заплашувања или подмитувања.
„Наша намера е конечно сплотено и здружено да ја туркаме Македонија да биде напредна држава, рамо до рамо со сите други европски земји. Промените продолжуваат, паѓа режимот, се раѓа животот во Македонија, а ние сме на вистинската страна, ние сме победници и гарантори за иднината на нашата Македонија“, вели Заев./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.
Македонија
Евакуирани околу 110 лица по поплавите во Кичево, обезбедено привремено сместување и итна помош, отворена и сметка за донации
Поради обилните врнежи и зголемениот водостој на реките, во Кичево дојде до поплавување на населени места и земјоделски површини, при што беа погодени повеќе домаќинства. Од загрозените подрачја се евакуирани околу 110 лица, кои привремено се сместени во спортската сала во градот, каде што има обезбедено соодветно греење.
Градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, информира дека во соработка со Црвениот крст е обезбеден дел од потребната помош, додека храната за сместените лица се обезбедува преку општинската народна кујна и Црковната кујна, со средства на Општината и поддршка од Црвениот крст.
Во меѓувреме, донесена е одлука за редовна дезинфекција и дезинсекција на просториите со цел да се спречи евентуално ширење на зарази, а ангажирани се и хигиеничарки за одржување на хигиената. На терен активно дејствуваат сите надлежни служби, меѓу кои ТППЕ Кичево, ЈКП „Комуналец“ и други институции.
По барање на Општината, ЈЗУ „Општа болница“ – Кичево ќе обезбедува медицински тимови кои двапати дневно ќе вршат здравствени прегледи на сместените жители. Како што посочува градоначалникот, приоритет во моментов се здравјето, редот и безбедноста на граѓаните.
Од Општината информираат дека станува збор за долгогодишен проблем со излевање на речното корито, кое со години не било соодветно чистено. Штом ќе се создадат услови за безбедна работа, ќе биде ангажирана механизација за чистење на коритото и изработка на насип во регионот кај улицата „Прилепска“, по што ќе се пристапи и кон трајно решавање на проблемот и обезбедување соодветни услови за сместување. Воедно, уште со преземањето на градоначалничката функција започната е изработка на комплетен проект за уредување на речното корито, со цел вакви ситуации да не се повторуваат.
Кризниот штаб ќе формира комисија за проценка на штетите откако ќе се повлече водата и ќе може безбедно да се пристапи на терен.
Црвениот крст на Република Северна Македонија информира дека преку својата општинска организација во Кичево, во соработка со Општина Кичево, во изминатите 24 часа обезбедил итна хуманитарна помош за евакуираното население. На погодените им се доставени душеци, ќебиња, креветнина, облека, храна, вода, хигиенски средства, како и топли оброци, а на терен се ангажирани волонтери кои постојано ја следат состојбата и одговараат на потребите на населението.
Воедно, Црвениот крст упати повик до граѓаните и компаниите кои сакаат да помогнат да донираат парични средства преку Фондот за солидарност. Финансиската помош може да се уплати на сметка 300000001327966, примател Црвен крст на РСМ – Фонд на солидарност, даночен број 4030984271620, преку АД Комерцијална банка, со назнака „Помош за настраданите граѓани од поплавата во Кичево“. Од Црвениот крст посочуваат дека донациите ќе бидат распределени транспарентно и еднакво до сите засегнати.
Дополнително, од Скопје се очекува пристигнување на поголема количина опрема, душеци и кревети, за кои се проценува дека ќе бидат доволни за тековните потреби. Центарот за управување со кризи информира дека во Кичево и околните населби има појава на вода во подрумски простории и на дел од површините, при што ЈКП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода.
Надлежните апелираат на смиреност, солидарност и одговорност, нагласувајќи дека здравјето на луѓето е најважно и дека конкретни мерки ќе се преземат веднаш штом ќе се создадат соодветни услови на терен.

