Европа
Три години затвор за екс францускиот министер Жером Кајузак
Француското правосудство го осуди во четвртокот поранешниот министер за буџет Жером Кајузак на три години строг затвор поради затајување на данок и перење пари во рамките на најголемиот скандал во текот на претседателскиот мандат на социјалистот Франсоа Оланд.
Некогашниот предводник на борбата против затајувањето на данокот, поранешниот министер за буџет Жером Кајузак, покрај трите години строг затвор добил и ограничување во текот на пет години да не може да биде избиран на должности. Неговата сопруга, пак, е осудена на две години строг затвор.
Француското правосудство во четвртокот, исто така, ја осуди и женевската банка „Reyl“ на казна од 1,875 милиони евра, бидејќи била „инструмент за прикривање на имотот“ на Кајузак. Банката е осудена и на максимална казна за перење пари, но ја избегна забраната за вршење банкарска дејност во Франција, како што бараше обвинителството.
Бакарот Франсоа Рејл е осуден на една година затвор условно, и на 375.000 евра казна./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украинците објавија снимка: Го уништивме рускиот систем Бук, не можеа да го изгаснат пожарот
Украинските сили за специјални операции тврдат дека го уништиле лансерот на рускиот противвоздушен ракетен систем Бук на линијата на фронтот во регионот Суми.
Според извештаите, операторите во украинската единица забележале руски противвоздушен ракетен систем Бук-М1 додека изведувале борбени операции на фронтот.
Операторите потоа користеле нападни беспилотни летала за да ја нападнат целта. Русите неуспешно се обиделе да го изгаснат пожарот и да ја спасат својата опрема, тврдат Украинците. Тие споделија и видео на кое се гледа експлозијата и последователниот пожар.
Украинците наведуваат дека лансерот со шест проектили бил уништен со прецизен удар. Инаку, Украинците во вторникот пријавија и уништување на два Бука на истиот дел од бојното поле.
Европа
Грузија сака да донесе закон за „странски агенти“, oфицијален претставник на ЕУ: Неприфатливо
Висок функционер на Европската унија денеска ја предупреди грузиската влада дека предложениот закон за „странски агенти“ е неприфатлив и ќе претставува пречка во напорите на земјата да се приклучи кон ЕУ, доколку биде усвоен во сегашната форма.
Грузискиот парламент вчера го усвои законот во второто читање, за кој опозицијата вели дека е инспириран од Кремљ, додека полицијата употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера толпата демонстранти.
Владата смета дека законот е неопходен за да се гарантира транспарентно странско финансирање на невладините организации.
Секоја вечер, речиси еден месец, се поголем број демонстранти излегуваат на улиците. Вчера десет илјади демонстранти го блокираа центарот на Тбилиси на најголемиот антивладин митинг организиран досега.
Герт Јан Купман, директор на Управата за проширување на Европската комисија, за новинарите во главниот град на Грузија изјави дека Брисел ја следи ситуацијата и е загрижен за тоа што се случува.
„Гледаме загрижувачки случувања кога станува збор за законодавството. Законот за транспарентност, кој беше усвоен во второ читање, е неприфатлив во сегашната форма и ќе создаде сериозни пречки на патот кон пристапување во ЕУ“, рече Купман.
„Но, има уште време. Во септември ќе излеземе со препораки дали да ги започнеме пристапните преговори со Грузија и да објавиме извештај во октомври и ноември, така што има уште време. Но, сега топката кај владата“, додаде тој.
Грузискиот парламент се очекува да го разгледа законот во третото читање за околу две недели.
Европа
Русија: Не ја гледаме поентата на мировната конференција во Швајцарија
Русија објави дека не ја гледа поентата на конференцијата за прекин на огнот во Украина што Швајцарија ја планира за средината на јуни и на која Москва не беше поканета. Швајцарската влада соопшти дека Русија „во овој момент“ не е меѓу десетиците поканети земји, додавајќи дека е отворена за нејзино учество, но дека Москва не е заинтересирана. Берн го најави собирот во јануари, велејќи дека го организирал на барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласи дека Москва не ја смета за веродостојна иницијатива.
„Не разбираме каква пресвртница би била таа мировна конференција“, им рече тој на новинарите. „За каква конференција зборуваме, за каква сериозна конференција со сериозни очекувања дека ќе има некакви резултати, без учество на Русија?
„Тоа е целосно невозможно и јасно е дека тоа е некаква иницијатива која не е фокусирана на резултати“, заклучи тој.
Швајцарската влада соопшти дека „мировниот процес не е можен без Русија. Украина, од друга страна, ги доведува во прашање придобивките од руското учество на состанокот што ќе се одржи во близина на градот Луцерн.
„Знаеме дека нема смисла да ја имаме Русија на маса ако не можете да се осигурате дека таа ќе дејствува со добра волја“, рече шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба минатата недела во интервју за магазинот „Форин полиси“.
Кулеба смета дека создавањето дополнителен притисок врз Русија на бојното поле и обединувањето на земјите „кои ги делат принципите“ ќе помогнат Русија да биде подготвена да учествува во дијалогот.