Европа
Порошенко го потпиша законот за специјалниот статус на Донбас

Украинскиот претседател Петро Порошенко го потпиша законот „За специјалните статуси на локалната самоуправа во одредени региони на Донецката и Луганската област“, се наведува во соопштението на украинското претседателство објавено во четвртокот навечер, во пресрет на неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин на маргините од самитот ASEM во петок во Милано.
„Специјалниот статус во овие области е воведен со законот за период од три години, од денот на неговото стапување на сила“, се истакнува во соопштението објавено на интернет страницата на украинското претседателство.Овој специјален статус беше една од точките на мировниот план од Минск од 5-ти септември, претходно дискутиран од Порошенко и Путин, со кој се воспостави примирје меѓу прозападните власти во Киев и проруските бунтовници во доминантно рускојазичните источни региони Донецк и Луганск, кои прво по соборувањето на претседателот Виктор Јанукович бараа федерализација на земјата, а потоа самопрогласија ткн Народни републики во областа позната под заедничко име Донбас, која тие ја нарекуваат Новорусија. Во соопштението се истакнува дека главна цел на законот е „да се создадат услови за брзо нормализирање на ситуацијата, да се врати владеењето на правото, на уставните права и слободи на граѓаните, создавање услови за враќање на населението… обновување на животот во населените места и развој на овие територии“.Во документот се укажува на тоа дека украинската држава ќе го поддржи социјално економскиот развој на овие региони и воведувањето посебен економски режим за нив.Според соопштението, државата нема да продолжи да ги гони и да ги повикува на одговорност учесниците во настаните во областите. За спроведување на законите и редот во регионите ќе бидат формирани тимови на народната милиција.Во источна Украина, меѓутоа, и натаму траат спорадичните судири меѓу завојуваните страни, и покрај потпишаниот прекин на огнот и договорот за разграничување на нивните сили во тампон зона во широчина од триесет километри од првичните позиции коишто ги заземале.Во петок се очекува средбата на рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Петро Порошенко во Милано. На разговорите меѓу двајцата челници ќе присуствуваат и домаќинот на самитот, италијанскиот премиер Матео Ренци, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд, британскиот премиер Дејвид Камерон и највисоките функционери на Европската унија, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо и претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј. Форматот на средбата сугерира дека оваа средба на Путин и Порошенко може да доведе до напредок во решавањето на украинската криза, откако двата нивни претходни состанока, во јуни во Нормандија и во август во Минск, постигнаа само ограничени резултати./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украински војник кој преживеа ужасна руска тортура исчезна од болница

Војникот на украинската Национална гарда, Владислав Нахорни, кој преживеа ужасна тортура од страна на руските сили, исчезна од болница во Днепарк завчера, потврди денес портпаролката на полицијата, Хана Старчевска. Исчезнувањето го пријавила неговата сопруга, а полицијата почнала обемна потрага, објавува „Киев индипендент“.
33-годишниот војник бил заробен пред неколку недели во близина на Покровск откога неговата бригада ја изгубила својата позиција. Подоцна сведочел за ужасите што ги доживеал опишувајќи како руските војници ги осакатувале другите затвореници пред да им ги пресечат грлата. Тој бил фрлен во јама заедно со уште седум свои соборци, кои неговите џелати ги сметале за мртви.
Во неверојатен пресврт на настаните Нахорни бил единствениот преживеан. И покрај сериозните повреди, тој успеал да лази пет дена пред да стигне до територијата контролирана од Украина.
Тој бил примен во болница во регионот Днепропетровск на 17 август во критична состојба. Изгубил голема количина крв, а раните му гноеле.
Не можејќи да зборува поради операција на гркланот, тој го запишал своето ужасно искуство во дневник. Во него опишал како руските војници им ги ваделе очите на затворениците, им ги сечеле усните, ушите и носовите и ги осакатувале на други начини.
Неговиот случај се надополнува на растечкиот број докази за систематски воени злосторства извршени од руските сили против украинските затвореници. Генералниот обвинител на Украина во јули објави дека Русија, кршејќи ги Женевските конвенции, егзекутирала најмалку 273 украински воени затвореници за време на нивното заробеништво.
фото: принтскрин
Европа
На Германка ѝ паднале очилата во езеро додека била на чамец, се удавила барајќи ги

Една жена загина во Хамбург кога се обидела да ги земе очилата што ѝ паднале од чамец во езерото Алстер во близина на пристаништето, соопшти вчера полицијата.
Се верува дека 57-годишната жена нурнала под пристаништето за да ги бара, но не се вратила на површината. Нејзиното безживотно тело подоцна било извлечено од водата и не можело да се реанимира. Минувачите ги известиле службите за итни случаи.
Двајца мажи исто така исчезнале додека пливале во водите на Хамбург во неповрзани инциденти еден ден претходно, според властите.
Четириесетгодишен маж скокнал во реката Елба и бргу бил однесен од струјата, соопшти полицијата. Другиот, 46-годишен маж, пливал на друго место во градот кога одеднаш исчезнал под водата, соопшти полицијата.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Путин: Оваа криза не почна со рускиот напад врз Украина, резултат е на државниот удар во Украина, кој Западот го поддржа

Рускиот претседател Владимир Путин денес се обиде да ја оправда инвазијата на Украина пред сојузниците, обвинувајќи го Западот за провоцирање на конфликтот.
Тоталната инвазија на Украина беше наредена од Владимир Путин пред три и пол години. Во војната загинаа десетици илјади луѓе и беше опустошен голем дел од источна Украина.
Putin spoke at the Shanghai Cooperation Organization Summit.
He blamed the West for the "Ukrainian crisis" and said that "the root causes of the crisis" must be removed in order for peace to come.
Looks like Putin has made his choice: he's going to continue the war. https://t.co/yqVH2adAxs pic.twitter.com/kbqYtFnpyH
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) September 1, 2025
„Оваа криза не започна со рускиот напад врз Украина, туку е резултат на државниот удар во Украина, кој Западот го поддржа и охрабри“, рече Путин на самитот на Шангајската организација за соработка во кинескиот град Тјенџин.
„Друга причина за кризата се постојаните обиди на Западот да ја вовлече Украина во НАТО“, додаде рускиот претседател.
Како избувна војната?
Конфликтот во Украина започна во 2014 година по месеци масовни протести познати како Револуција на достоинството, кога беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович. Кратко потоа, Русија го окупираше и анектираше Крим, а на истокот од земјата, во Донецк и Луганск, избувнаа борби меѓу украинските сили и проруските паравоени групи со директна поддршка од Москва. И покрај договорите од Минск од 2014 и 2015 година, војната во Донбас никогаш навистина не заврши.
Ситуацијата драматично ескалираше на 24 февруари 2022 година, кога Русија, по наредба на Путин, започна целосна инвазија на Украина.
Руските сили тргнаа од неколку правци, тргнувајќи и кон Киев, но наидоа на жесток украински отпор и беа принудени да се повлечат од северните региони. Војната потоа се концентрираше на југот и истокот од земјата, каде што се водеа најжестоките борби.
До ден денес, украинските градови остануваат систематски бомбардирани од руски ракети и беспилотни летала, додека Украина возвраќа со напади врз воени цели длабоко на руска територија. Конфликтот одзеде десетици илјади животи, расели милиони и претвори огромни делови од земјата во бојно поле, а мировните преговори се во застој.
фото: принтскрин