Свет
Медиуми: Турција назначува во НАТО проруски кадар
Британскиот магазин The Times, повикувајќи се на свои извори, пишува дека турските власти наводно ги отповикуваат од должноста прозападно ориентираните воени лица и дипломати во НАТО, и на нивно место назначуваат функционери кои се повеќе наклонети кон Русија, Кина или Иран.
Според податоците на весникот, овие информации имаат потврда во електронските писма кои дошле до Times како резултат на истекување на информации. Турските офицери кои неодамна биле отповикани од клучните позиции во НАТО, за што неодамна зборуваше американскиот генерал на чело на сојузничките сили во Европа, Кертис Скапароти, токму нему му напишале писмо во коешто го истакнале „значителниот раст на ултранационалистички и антизападно настроени“ личности во турската армија.
„Алармантно се забележува дека некои од новите турски претставници во НАТО имаат радикални станови. Некои од нив ги ставаат под прашање вредностите на НАТО и дури имаат омраза кон западните организации, притоа поддржувајќи ги Русија, Кина и Иран“, го цитира Times дел од електронското писмо напишано од турски офицер и еден од воените началници на НАТО адресирано до генералот Скапароти.
Според информациите на поранешен функционер на НАТО, соговорник на весникот, најмалку два високо рангирани турски офицери во амбасадата во Лондон биле отповикани во Турција по обидот за воен преврат во средината на јули годинава.
Околу 150 турски офицери ги напуштиле командните структури на НАТО по неуспешниот воен преврат од 15-ти јули за соборување на владата и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, изјави во средата американскиот генерал на чело на сојузничките сили во Европа, Кертис Скапароти.
„Голем број турски офицери се во затвор, некои се отповикани од Брисел, а некои заминаа во пензија“, изјави Скапароти во рамките на еден состанок на НАТО во Брисел. Скапароти појасни дека тие заминување, некои присилни а некои посакувани, се однесуваат на 50 отсто од турските офицери во Сојузничката команда за операции (ACO) и дека станува збор за 150 воени лица.
Местата од кои заминале се SHAPE, стратешкиот главен штаб на НАТО во Монс во Белгија, и двата друга главни штаба на ACO во Неапол во Италија и Брунсум во Холандија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на 18-ти ноември откри дека неколку турски офицери побарале азил во земјите членки на НАТО по чистките кои се спроведуваат по неуспешниот државен удар, без да ги прецизира ниту нивниот број, ниту земјите во кој барале азил. Во една база во Рамстејн, во западна Германија, забележани се неколку истапувања на турски офицери, пишува германскиот печат.
Случајот кон најмногу го следат медиумите се однесува на осум турски офицери кои ноќта кон 16-ти јули со хеликоптер пребегаа во соседна Грција. Грчкото правосудство се согласи на Турција да ѝ предаде тројца офицери кои можат да бидат обвинети дека соработувале со пучистите, иако тие го негираат тоа. Ден претходно, пак, судот во Атина одби да ги екстрадира другите тројца офицери кои ги бара Анкара. Многу турски војници и офицери побегнаа во разни европски земји по обидот за државен удар и чистките кои се спроведуваат во војската.
По обидот за пуч од 15-ти јули, турските власти ги обвинија поддрживачите на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен за учество во пропаднатиот државен удар. Во рамките на чистите кои следеа во сите структури од државната управа и институции беа уапсени 32.000 лица, а околу 100.000 беа отпуштени или суспендирани од работа./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Француската агенција за храна: Електронските цигари носат ризици по здравјето
Француската агенција за храна, животна средина и здравје при работа (ANSES) денеска соопшти дека електронските цигари се поврзани со потенцијални среднорочни и долгорочни здравствени ризици, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и канцерогени последици, иако го признава нивниот потенцијал како привремена алатка за откажување од пушење.
По анализа на околу 3.000 научни студии и извештаи, ANSES заклучува дека ризиците по здравјето се поврзани со вдишување на токсични супстанции, присутни во течностите за е-цигари или создадени при нивното вдишување.
Според агенцијата, електронските цигари со никотин можат да предизвикаат кардиоваскуларни ефекти, како што е покачен крвен притисок, додека ризикот од респираторни и канцерогени ефекти постои и кај производите без никотин.
ANSES истакнува дека корисниците мора да бидат подобро информирани за здравствените ризици, а истовремено е потребно да се обесхрабрат непушачите и младите лица да почнуваат со употреба на електронски цигари.
Агенцијата заклучува дека овие производи можат да се сметаат за преодна опција во рамки на програми за откажување од пушење, но тој период треба да биде краток.
Според Барометарот за јавно здравје на Франција за 2024 година, околу три милиони луѓе во земјата користат електронски цигари.
Свет
Украина и Русија почнаа втор круг мировни преговори во Абу Даби
Украински и руски преговарачи денеска во Абу Даби почнаа втор круг преговори за завршување на војната, со посредство на САД.
Дводневните трилатерални средби следат по изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека Русија го искористила минатонеделниот „енергетски“ прекин на огнот — договорен со помош на САД — за да натрупа муниција, при што во вторникот нападнала со рекорден број балистички проектили.
„Во Абу Даби започна уште еден круг преговори. Преговарачкиот процес започна во трилатерален формат — Украина, САД и Русија“, соопшти на Телеграм главниот украински преговарач Рустем Умеров.
Тој додаде дека тимовите ќе се среќаваат и во одвоени групи за да разговараат за специфични теми, по што ќе следи заедничка средба за усогласување на ставовите.
Изминатата година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги охрабруваше и Киев и Москва да најдат компромис за ставање крај на четиригодишниот конфликт, кој започна со руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Но, двете страни остануваат на различни позиции околу клучните точки и покрај неколкуте рунди разговори со американски претставници.
Најчувствителни теми се: Барањето на Москва Киев да се откаже од територии кои сѐ уште ги контролира, судбината на нуклеарната централа Запорожје — најголемата во Европа — која се наоѓа на територија под руска окупација. Русија бара повлекување на украинските сили од целата источна област Доњецк, вклучително и утврдените градови кои претставуваат силни упоришта на украинската одбрана. Украина, пак, предлага конфликтот да се замрзне долж сегашната линија на фронтот и одбива какво било еднострано повлекување.
Свет
Повеќе од една третина од случаите на рак во светот можеле да се спречат, покажува нова анализа
Речиси 40 отсто од случаите на рак во светот во 2022 година биле поврзани со причини кои можеле да се спречат, според глобална анализа објавена во вторникот во списанието Nature Medicine.
Анализата е објавена во пресрет на Меѓународниот ден за борба против ракот, кој се одбележува на 4 февруари.
Истражувањето го водела Изабел Сориоматарам од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) во Лион, а утврдено е дека тутунот, алкохолот и инфекциите биле најчестите ризик-фактори.
„Околу 30 отсто од карциномите кај жените и 45 отсто кај мажите можеле да се избегнат“, покажува анализата.
Вкупно, од 18,7 милиони нови случаи на рак регистрирани на глобално ниво во 2022 година, околу седум милиони биле потенцијално спречливи, што претставува приближно 38 отсто од вкупниот број.
Истражувачите користеле глобални податоци за да ги поврзат новите случаи на рак со фактори на ризик за кои постои докажана причинско-последична поврзаност со болеста. Истражувањето ги вклучувало и однесувачките ризици како пушење, како и изложеност на еколошки и професионални ризици.
Во субсахарска Африка, 38 отсто од случаите на рак кај жените биле потенцијално спречливи, во споредба со околу 25 отсто во северна Африка и западна Азија. Во тие региони, инфекциите биле водечки спречливи причини.
Во Европа, САД, Канада и Австралија, тутунот бил најдоминантен ризик-фактор.
Коавторот на истражувањето, Андре Илбави од Светската здравствена организација (СЗО), изјавил дека овие наоди даваат прв глобален увид во уделот на случаите на рак кои може да се припишат на ризици што можат да се спречат. Тој истакнал дека разбирањето на регионалните модели може да им помогне на владите и на поединците да преземат насочени мерки за намалување на ризикот од рак.
Изабел Сориоматарам додала дека справувањето со причините кои можат да се спречат е еден од најефикасните начини за ограничување на растечкиот глобален товар од рак, за кој, според податоците на СЗО, се предвидува дека би можел да порасне за 50% до 2040 година, ако сегашните трендови продолжат.

