Македонија
Одржана комеморативна седница за Есма Реџепова-Теодосиевска
Во понеделник, во салата на Советот на Град Скопје се одржа комеморативна седница за пејачката, текстописец, хуманитарка и советник во Град Скопје Есма Реџепова-Теодосиевска, која почина во саботата по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст.
На комеморативната седница присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, министерот за култура, Елизабета Канческа – Милевска, претставници на голем број институции, членови на семејството, како и повеќе пријатели, уметници и музичари.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, кажа дека денеска тука се оддава почит на кралицата на ромската музика, на националниот уметник, но и на една голема хумана личност, Есма Реџепова-Теодосиевска.
Градоначалникот Трајановски кажа дека со голема тага се простуваме со Есма Реџепова-Теодосиевска, голем човек и многу позитивна личност и хуманист.
„Есма беше наша кралица на ромската и на македонската музика, но и кралица на хуманоста и една од најголемите претставници на Македонија во светот. Со голема тага можам да кажам дека изгубивме голем човек и сакам да го изразам моето сочуство до нејзиното семејство“, кажа Трајановски.
Уметникот и директор на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, Зоран Џорлев кажа дека Есма Реџепова-Теодосиевска беше врвен естраден уметник над 50 години, јубилеј што ретко кој може да го оствари.
„Таа беше неуморна на музичката естрада, како гласовен гениј од негуван во неприкосновен добродетел на врвна уметничка креација. Есма владееше со волшебниот клуч на комуникацијата, срцето, емоциите и страста, па така разгорени истите ги пренесуваше на публиката од Македонија, Балканот и од целиот свет. Таа со неподнослива леснотија ги интерпретираше ремек-делата на македонскиот и на ромскиот дух. Кралицата на ромската песна тоа го достигнуваше со маестралната изведба на гласот, нејзиниот глас излегуваше од дното на душата и со својата сила успеваше да ги расплаче и најтврдите срца“, кажа Џорлев.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и преостанатите присутни се потпишаа во книгата на жалост. Книгата на жалост ќе биде отворена за јавноста до среда, секој ден од 8.30 до 16.30 во холот на Салата на Советот на Град Скопје.
Есма Реџепова-Теодосиевска е родена во Скопје на 8 август 1943, а нејзината богата музичка кариера траеше над 55 години, во кои има одржано повеќе од осум илјади концерти, настапи на над 15 јазици, а има издадено над 60 албуми. Во септември 2013 година беше одликувана со титула „Национален уметник на Република Македонија“ за нејзиниот децениски придонес за афирмација на Република Македонија во светот. За мисијата на врвен уметник и културен амбасадор на државата, таа во 2010 година од претседателот на државата Ѓорге Иванов беше одликувана и со „Орден за заслуги на Македонија“.
Есма Реџепова-Теодосиевска од граѓаните на Скопје три пати по ред беше избрана за член во Советот на Град Скопје (2005, 2009 и 2013 година)./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.





