Регион
Албанија нема да подигне ограда на границата
Албанија нема да подигне ограда на својата граница, во случај бегалците и мигрантите да почнат да ја користат оваа земјата како транзит кон земјите од Европската унија (ЕУ), изјавил шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати за време на неговата посета на САД.
Во интервју за Voice of America, Бушати оценил дека бегалската криза е заеднички предизвик и дека подигнувањето на огради не е решение.
„Подигнувањето на ѕидови не е решение за мигрантскиот проблем, бидејќи предизвикува синџир на реакции кај соседите. Албанија не сака ниту да ги отвори, ниту да ги затвори границите. Нашата земја ќе ѝ биде верна на ЕУ“, рекол Бушати.
Албанскиот премиер Еди Рама пред два дена рекол дека Албанија не сака да стане нова рута за мигрантите кои идат кон западна Европа.
„Ние немаме ниту услови, ниту сила и ентузијазам за да го спасуваме светот додека другите ги затвораат границите“, рекол тој. Според Рама, Албанија не може да го поднесе целиот товар, но доколку тој се распореди тогаш и неговата земја ќе преземе соодветен дел./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Татко и син предизвикаа несреќа во БиХ па се степаа: потоа синот тргна да гази луѓе со својот автомобил
Драма се одвиваше вчера во местото Трнови во близина на Велика Кладуша, каде што сообраќајна несреќа прерасна во физичка пресметка, а потоа и во обид за прегазување луѓе со автомобил.
Според очевидци, во инцидентот биле вклучени татко и син, а вознемирувачките снимки од настанот брзо се проширија на социјалните мрежи.
Otac i sin prave haos u Kladuši pic.twitter.com/XSMBk5wTPd
— Doznajemo (@Doznajemo) November 9, 2025
Сè започна кога „голфот“ премина во спротивната лента и предизвика судир. По несреќата, двајцата мажи во „голфот“ застанаа на блиска раскрсница, каде што ситуацијата ескалираше.
Набрзо избувна вербална, а потоа и физичка пресметка со други учесници во сообраќајот. Двајцата од „голфот“ се судрија со возачот на сив автомобил кој не беше вклучен во несреќата и го удрија. Според снимките објавени на интернет, возачот на „голфот“ исто така беше погоден во тепачката, по што неговиот сопатник седна зад воланот, го запали моторот и вози со полн гас кон групата луѓе со кои штотуку се расправаа.
Потоа го сврте автомобилот и повторно се залета во луѓето.
Во хаосот што настанал е повредено најмалку едно лице. Според првичните информации, повредениот пешак е префрлен во болница.
фото: принтскрин
Регион
Воздухот во Загреб во црвена зона: „Не е добра идеја да се трча или игра фудбал надвор“
Густа магла се насобрала над Загреб, а со неа и опасно загадување на воздухот, кое трае со денови. Официјалните мерења покажуваат дека главниот град е во црвена зона, што значи дека квалитетот на воздухот е лош и може да има штетно влијание врз здравјето, а најпроблематични се ПМ-честичките 2,5, кои лесно продираат во белите дробови, пренесуваат медиумите во регионот.
„Катастрофа. Да знаевме, немаше ни да излеземе со нашето бебе. Сега трчаме дома штом слушнавме дека е црвено. Бебето има два месеца“, вели Иван од Загреб во изјава за РТЛ.
Другите граѓани не се изненадени. „Ништо изненадувачки. Магла, нема ветер, зима. Кога нема ветер, воздухот не може да се прочисти“, коментира Драгослав додавајќи дека лошиот воздух во Загреб може да се почувствува речиси секогаш, исто така и поради Јакушевац.
Мерните станици повторно во црвена боја утрово
Што се однесува до ситуацијата утрово, веб-страницата на Министерството за заштита на животната средина покажува дека мерните станици Загреб 1, Загреб 2 и Загреб 3 повторно се во црвена боја утрово.
„Избегнувајте физички активности на отворено“
Бранко Колариќ, директор на Наставниот институт за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“, предупредува на претпазливост.
„Кога квалитетот на воздухот е лош, советуваме да не се прави интензивна физичка активност на отворено. Кога нема ветер или дожд, смогот е видлив со голо око и не е мудро да се трча или игра фудбал надвор“, вели тој за РТЛ.
Тој објаснува дека станува збор за честички од саѓи и пепел. „Хемиските соединенија што би можеле да бидат поопасни не се покачени, туку се во нормални граници. Ова загадување е типично за зимските месеци и грејната сезона“, рече Колариќ.
Критично и во други градови
Иако Загреб моментно е во фокусот, ситуацијата не е многу подобра во другите делови на Хрватска.
„Граѓаните се со право огорчени. Пред десет години ми кажаа дека моите здравствени проблеми се поврзани со загадувањето на воздухот“, вели Мирослав од Славонски Брод.
Здружението „Екоинтеграл“, кое со години предупредува за проблемот во Славонски Брод, вели дека ова е најкритичниот дел од годината.
Фото: принтскрин
Регион
Студентите во Србија не се откажуваат: објавија нови планови
По големиот комеморативен митинг одржан на 1 ноември во Нови Сад, студентите на блокада од сите универзитети во Србија подготвуваат нови протести во нивната борба за распишување предвремени парламентарни избори.
Сепак, како што открија во едно интервју, плановите за овој месец се променети поради нивната поддршка за Дијана Хрка, а годишнината од блокадата, 29 ноември, се споменува како можен датум за следниот голем собир, објавува „Нова.рс“.
„Дефинитивно, имаме план за нови протести, интензивно работиме на тоа, но некои неочекувани настани малку нè нарушија. Сега сите сме фокусирани на Дијана Хрка и поддршката што сакаме да ѝ ја дадеме. Имавме план за ноември, за протестите што ги одложивме“, рекоа студентите на Универзитетот во Нови Сад.
Покрај борбата за предвремени парламентарни избори, студентите подготвуваат и политичка програма. „Студентскиот список е готов, а сега сме фокусирани на политичката програма што ја подготвуваме заедно“, додадоа тие.
Студентите од универзитетите во Белград и во Нови Сад нагласуваат дека ќе објават заедничко соопштение или поточно најава за нови акции, дури откога сите пленуми ќе се согласат за идните планови.
„Само кога сите ќе се согласат, ќе знаеме кога ќе има нови акции. Нема одмор и не правиме паузи, но понекогаш се случуваат непланирани активности, како оваа со Хрка, што е наш приоритет. Се заседава секојдневно, а набргу ќе имаме заеднички план“, велат студентите.
Тие нагласуваат дека се разгледува датум за следниот голем собир, но засега ништо не е потврдено.
фото: принтскрин

