Европа
Во Франција откриен магацин со оружје на терористите на ЕТА
Складиште со оружје кое припаѓа на баскиската сепаратистичка терористичка организација ЕТА, е откриено во соседна Франција, објави во петокот вечерта министерството за внатрешни работи на Шпанија.
Магацинот во кој покрај оружје имало и експлозиви, точното количество запленето оружје уште не е утврдено. Било откриено во петокот вечерта во општината Луосоа во департманот Атлантски Пиринеи, каде се приведени три лица.
Операцијата, којашто заеднички ја водат Граѓанската гарда на Шпанија и Главната управа за внатрешна безбедност (DGSI) при министерството за внатрешни работи на Франција, продолжува и натаму. Не се исклучени нови апсења, соопштија власите во Мадрид.
Баскиската сепаратистичка терористичка организација ЕТА (Euzkadi Ta Azkatasuna или на баскиски јазик Татковина и слобода), е основана на 31-ви јули 1959 година. Во текот на нејзиното постоење е обвинета за убиства на околу 860 луѓе. Во 2011 година организацијата ЕТА објави „неопределено сеопшто примирје“. Како одговор на оваа објава шпанската влада побара нејзино целосно ликвидирање.
Последниот напад на ЕТА се случи на 9-ти август 2009 година. Оттогаш, шпанската полиција со помош на француските, португалските и британските колеги речиси ја уништија организацијата. Од почетокот на 2010 година, полицијата уапси вкупно повеќе од 60 осомничени високи членови на ЕТА, во акции извршени во неколку држави, притоа се запленети повеќе тони експлозиви, голем број лажни документи користени за илеглани патувања, оружје, дрога а беа откриени и неколку тајни лаборатории за производство на експлозиви во Португалија и беа спречени создавања две бази во Португалија во Каталонија.
Официјален датум на формирањето на баскиската терористичка организација ЕТА е 31-ви јули 1959 година, кога група млади луѓе која ја напуштаат Баскиска национална партија, одлучиле да се борат се оружје за независност на регионот Баскија. Според некои извештаи, првата жртва на баскиската терористи (иако организација сé уште нема преземена никаква одговорност за тој напад) е 22-месечно девојче Бегоња Урос Ибарола, кое изгорело живо во самоубиствен напад извршени од терористи на 27-ми јуни 1960 година на железничката станица „Амара“ во Сан Себастијан.
Првпат организацијата официјално презеде одговорност за своја акција на 7-ми јуни 1968 година, при терористички напад во кој загина еден полицаец, Жозе Пардиње. Се смета дека од страна на ЕТА, според најновите податоци, досега се убиени 858 лица. Последниот убиствен терористички напад беше извршен на 30-ти јули 2009 година во Мајорка, кога беа убиени двајца полицајци./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски: На Путин ќе му требаат 2 години и 800.000 војници за да ја освои источна Украина
Русија ќе мора да жртвува дополнителни 800.000 војници во следните две години ако сака воено да ја освои источна Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во среда.
„Освојувањето на источна Украина би ги чинело уште 800.000 животи. Би им требало најмалку две години, со многу бавен напредок. Според мене, нема да траат толку долго“, рече Зеленски во интервју за француската телевизиска станица Франс 2.
Војната во Украина, најсериозниот вооружен конфликт на европскиот континент по Втората светска војна, трае речиси четири години и досега одзеде десетици, а можеби и стотици илјади животи од двете страни. Милиони Украинци оттогаш избегаа во странство.
Зеленски рече дека официјалните украински бројки покажуваат дека бројот на убиени украински војници е 55.000. „Во Украина, официјално, на бојното поле, бројот на загинати војници, без разлика дали се професионални или мобилизирани, е 55.000. Исто така, има голем број луѓе кои Украина ги смета за исчезнати“, рече тој.
Во Абу Даби е отворена нова рунда разговори со учество на САД, со цел да се најде излез од војната.
Но, набргу по почетокот на разговорите, Кремљ повторно инсистираше Украина да ги прифати нејзините услови, вклучително и повлекувањето на украинските сили од источниот регион Донецк, што дополнително ги зголемува сомнежите за успехот на дипломатските напори што се водат со месеци со поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Улогата на американскиот претседател е клучна. Путин се плаши само од Трамп“, рече Зеленски. Тој додаде дека Трамп сака да ја заврши војната преку компромис, но дека Украина не може да се согласи на отстапки што би го довело во прашање нејзиниот суверенитет.
„Ги поддржавме неговите предлози, но не може да има компромис за нашиот сопствен суверенитет“, рече тој.
Европа
Шпанскиот премиер: Злосторствата се толерираат на социјалните медиуми; Маск: Тиранин и предавник
Илон Маск го нарече шпанскиот премиер Педро Санчез тиранин и предавник откако објави планови за забрана на лицата под 16 години од социјалните медиуми и за сузбивање на говорот на омраза. Санчез рече дека се неопходни итни мерки за заштита на децата од она што го нарече „дигитален Див Запад“, што предизвика гнев кај сопственикот на платформата Икс, пишува The Guardian.
Dirty Sánchez is a tyrant and traitor to the people of Spain 💩 https://t.co/B3oyHrBYpR
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Откако Санчез ги презентираше плановите на својата влада во говорот на Светскиот самит на влади во Дубаи, Маск одговори на својата платформа Икс. „Валканиот Санчез е тиранин и предавник на шпанскиот народ“. Околу час и половина подоцна, тој дополнително ја заостри својата реторика. „Санчез е вистински фашистички тоталитарист“, рече тој.
Sánchez is the true fascist totalitarian https://t.co/b2U17fEwa7
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Санчез претходно го критикуваше Маск за користење на Икс за „зајакнување на дезинформациите“ за одлуката на администрацијата на Санчез да легализира 500.000 недокументирани работници и баратели на азил, истакнувајќи дека самиот Маск е мигрант.
Шпанскиот премиер вчера изјави дека се потребни итни мерки бидејќи социјалните медиуми станале „пропадната држава каде што законите се игнорираат, а злосторствата се толерираат“. Тој најави дека владата подготвува низа мерки, вклучително и забрана за социјалните медиуми за лица под 16 години.
„Нашите деца се изложени на простор во кој никогаш не требало да бидат. Тоа повеќе нема да го прифатиме“, рече Санчез. „Ќе ги заштитиме од дигиталниот Див Запад“, вети тој. Предложената забрана ќе се спроведе со измена на постојниот закон за дигитална заштита на малолетници, кој се дискутира во парламентот.
Претставниците на Google, TikTok, Snapchat и Meta сè уште не ги коментираа најавените мерки. Се чини дека Шпанија и Грција, кои се исто така блиску до објавување слична забрана за лица под 15 години, ќе им се придружат на земји како Велика Британија и Франција во заземањето построг став за социјалните медиуми.
Европа
Дрон се урна во воен комплекс во Полска
Полската воена полиција истражува пад на беспилотно летало од непознато потекло кое се урна во воен комплекс на североистокот на земјата, на само неколку метри од складиште за оружје. Инцидентот, кој властите го потврдија во понеделник, се случил на 28 јануари во Вториот радиоелектронски центар во Пжасниш, град на околу деведесет километри северно од Варшава, пренесува Анадолија.
Според Радио Зет, дежурен офицер во единицата го забележал дронот како лета над базата, по што леталото ја изгубило контролата и се урнало во близина на складиштето за оружје. Војниците го обезбедиле дронот и го преместиле во воена зграда за испитување. Портпаролот на Врховниот командант на воената полиција изјавил дека воената полиција била известена и набргу потоа официјално започнала истрага, која вклучува обезбедување на леталото и земање изјави од сведоци.
Инцидентот се случува во време на растечка загриженост низ Полска и другите членки на НАТО за неовластена активност на беспилотни летала во близина на клучни инфраструктурни и воени објекти. Загриженоста се зголеми особено по руската инвазија на Украина и брзото ширење на технологијата за беспилотни летала со ниска цена.
Во Германија и балтичките држави, безбедносните служби истражуваат повторени видувања на неидентификувани дронови во близина на воени полигони за обука, пристаништа и енергетски објекти, што ги зголемува стравувањата од шпионажа и проверка на подготвеноста.
Иако засега нема индикации дека инцидентот во Пжасниш бил непријателски чин, официјалните лица не исклучуваат ниту едно сценарио, вклучувајќи грешка на операторот, технички дефект или намерно извидување. Полското Министерство за одбрана сè уште јавно не коментирало за потеклото или видот на дронот, ниту дали бил опремен со уреди за снимање или друг товар.

