Македонија
СДСМ бара бесплатен јавен превоз за сите заради загадувањето
Бесплатен јавен превоз за сите, запирање на сите градежни активности, најмалку тројца патници во евтомобил, училишниот распуст да почне порано бара СДСМ, во насока на намалување на загадувањето на воздухот во главниот град.
„Бараме градската и централната власт веднаш и без одлагање да спроведат итни мерки кои ќе го намалат загадувањето на воздухот: Веднаш да се воведе бесплатен јавен превоз за сите граѓани на Скопје, под итно, времено да се запрат сите градежни активности на територијата на градот, да се воведе времена мерка за обврска од најмалку тројца патници во еден автомобил, a во спротивно автомобилот да биде исклучен од сообраќајот, за да се заштитат децата и нивното здравје, училишниот распуст да почне порано од предвиденото и место греење за демонстрантите пред ДИК, власта да обезбеди греење за социјално најранливите категории на граѓани“, рече Дамјан Манчевски од СДСМ.
Според него, ова се интервентни мерки кои што Градот Скопје и Владата треба да ги обезбедат во најкус можен рок, а посочи дека потребни се и долгорочни мерки за да се намали загадувањето на воздухот.
„Токму затоа, новата влада предводена од Социјалдемократскиот сојуз ќе воведе целосна гасификација на Скопје, но и на другите градови. За најголемите загадувачи ќе обезбедиме субвенции за најсовремени филтри. Преку двојното зголемување на задолжителното зеленило во Законот за просторно и урбанистичко уредување ќе обезбедиме враќање на зеленилото во градовите. Ќе субвенционираме фотоволтаични уреди за домовите и куќите за да граѓаните го користат сонцето како енергенс. Ќе субвенционираме 20% од трошоците за енергетски изолациски материјал на постоечките објекти“, рече Манчевски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на Ѓавато и во Крушево
Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри утрово има на планинскиот премин Ѓавато и Крушево, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Министерот Стоилковиќ објави видео од канцеларија со импровизирани кревети во кои работеле службеници од ДУИ
Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, објави снимка на социјалните мрежи на која, според него, е прикажана канцеларија во неговото Министерството, а во која биле службеници од ДУИ кои биле отпуштени на 24 декември.
„Ова е канцеларијата во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што го гледате, во која „работеа“ вчера отпуштените службеници кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирањето на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку!“, напиша Стоилковиќ.
ДУИ претходно обвини за дискриминација поради тоа што од Министерството биле отпуштени седуммина Албанци.
Македонија
Променливо облачно време со сончеви периоди, температура до 10 степени
Утрото ќе биде облачно, во крајните југозападни делови ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Во текот на денот ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во текот на денот со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Следува период на стабилно и студено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).

