Европа
Затворени приодите кон Бакингемската палата по нападите во Берлин
Улиците кои водат кон Бакингемската палата ќе бидат затворени во текот на смените на стражите почнувајќи од средата, според распоредот воведен по нападот со камион во Берлин во кој беа убиени 12 луѓе, соопшти полицијата на британската престолнина Лондон.
Смените на стражите се настан кој редовно привлекува големи групи туристи пред резиденцијата на британската кралица Елизабета Втора во центарот на Лондон.
Лондонската полиција во соопштението појаснува дека затворањето на приодот кон Бакингемската палата е „неопходна мерка за претпазливост“.
Затворањето било планирано во пробен период од три месеца, а стапува на сила порано поради нападот во германската престолнина во понеделникот навечер.
„По должина на затворените улици ќе бидат поставени дополнителни пречки за да се задржи безбедноста на движењето на стражата“, се наведува уште во соопштението на полицијата.
Во Велика Британија од 2014 година на сила се мерките кои се воведени „поради висока веројатност од терористички напади“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русите го нападнаа Киев по 19-ти пат овој месец: има повредени, а уништена е и градинката
Девет лица се повредени, неколку станови се опожарени, а детска градинка е оштетена во 19. руски напад врз украинската престолнина овој месец, соопштија властите во Киев.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија лансирала 62 беспилотни летала во текот на ноќта, но противвоздушната одбрана уништила 33 од нив над Киев и други региони, иако 25 се водат за исчезнати.
„Деветнаесет воздушни напади врз Киев во октомври!“, напиша Серхи Попко, шеф на воената администрација на Киев, на апликацијата за пораки Телеграм. „Во текот на ноќта руските беспилотни летала повторно го прелетаа главниот град“.
Остатоците што паднаа од уништениот дрон предизвикаа пожар во повеќекатната станбена зграда во западниот кварт Соломјански во Киев, при што беа повредени најмалку девет лица, меѓу кои и едно 11-годишно девојче, изјави градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм.
На сите им беше укажана помош од лекари на лице место, изјави Кличко.
Од зградата се евакуирани 19 лица, соопшти градската воена управа, која објави и фотографии од зградата со разнесени прозорци и оштетена фасада, за која велат дека е градинка во Соломјански.
Во текот на ноќта повеќе од два часа беше во сила воздушна тревога низ Киев, околниот регион и речиси цела источна половина на Украина.
Европа
Кремљ му се закани на Рајнметал
Фабриките за оружје во Украина управувани од германскиот одбранбен гигант Рајнметал се легитимна цел на руската војска, се закани Кремљ.
На прашањето дали објектот за одржување возила, кој компанијата неодамна го отвори во Украина, е легитимна цел, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече: „Секако дека е“.
На почетокот на оваа година, извршниот директор на Рајнметал, Армин Папергер, беше цел на обид за атентат на руски оперативци, кој беше спречен од САД и Германија. Компанијата со седиште во Дизелдорф планира да оперира четири фабрики во Украина кои ќе произведуваат сè, од артилериска муниција до барут и системи за противвоздушна одбрана, а исто така ќе има и постројка за поправка и одржување на возила.
Рајнметал – за која Папергер тврди дека е најпрофитабилната одбранбена компанија во светот – објави претходно овој месец дека веќе испратила околу 200 борбени возила Мардер во Украина, а германската влада ги донираше системите за противвоздушна одбрана на Рајнметал, како и илјадници проектили
Европа
Италија инвестира огромни пари во армијата: парламентот одобри милијарди за вооружување
Италијанската парламентарна комисија вчера одобри план за набавка на тенкови од новата генерација и за реконструкција на копнените сили на армијата, вреден околу 8,2 милијарди евра, изјавија два неименувани извори за Ројтерс.
Овој план е дел од пошироката иницијатива на владата на премиерката Џорџа Мелони за зголемување на одбранбените капацитети на земјата.
Според парламентарниот документ што го видел Ројтерс, програмата ќе трае од 2025 до 2038 година.
За овие цели веќе се издвоени околу 5,4 милијарди евра, додека се очекува да се подготви план за финансирање на преостанатите 2,7 милијарди евра.
„Програмата се однесува на набавка на платформи со тешки компоненти со посебен осврт на новата генерација на главниот борбен тенк (MBT)“, се наведува во документот.
Италијанската компанија Леонардо и германската Рајнметал објавија во јули дека развојот на италијанскиот капацитет на тенкови ќе биде приоритет за заедничкото вложување што го започнаа овој месец.
Според агенцијата, тенкот Panther KF52 ќе го замени постариот модел Arieta, од кој Италија има околу 200, од кои само околу 50 се оперативни.