Македонија
ДИК одлучи: Ќе се прегласува во Теарце
Државната изборна комисија, на седница во среда, донесе едногласна одлука да се повтори гласањето на избирачкото место 2011 во општина Теарце.
Според симулацијата направена од ИТ-секторот на ДИК, прегласувањето може да влијае на резултатот од изборите, односно на бројот на освоени мандати на политичките партии во шестата изборна единица.
Прегласувањето во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ ќе се врши в недела, на 25 декември.
Управниот суд, во вторник, ја прифати како основана тужбата поднесена од СДСМ и од коалицијата за ова избирачко место откако ДИК го отфрли нивниот приговор.
Приговорот и тужбата на СДСМ за ова гласачко место беа бидејќи, како што велат од партијата, на почетокот на гласањето било констатирано дека недостига гласачко ливче, кое на крајот при пребројувањето на гласовите било најдено во избирачката кутија сосе кочанот и серискиот број. Освен тоа, во доверливиот гласачки материјал недостига и образецот број 15.
Воедно, во образложението на пресудата се наведува дека Државната изборна комисија решението со кое го одбила приговорот го донела во постапка спротивна на законот, бидејќи за оспорувањето на приговорот гласале осум членови на ДИК, четири „за“, четири „против“, а еден член, односно Субхи Јакупи, самиот се иззел од гласањето, што е, како што утврдил советот на Управниот суд, спротивно на Изборниот законик и на правилникот за начинот и за постапката за решавање по приговори.
Во Изборната единица 6, според првичните резултати на ДИК, најмногу гласови (40.599) освои ДУИ, потоа следува ВМРО-ДПМНЕ со 26.135 гласови, па СДСМ со 25.828, Беса со 25.054, Алијанса за Албанците со 17.970, ДПА со 16.225, ВМРО за Македонија со 919 и Коалицијата за промени и правда – Трет блок со 239 гласови./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

