Надворешна политика
Попоски: Македонија ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на безбедноста во земјата
Македонија нема да пропушта мигранти од економска природа, а оние, пак, кои ќе бидат пропуштени ќе се насочуваат кон точки каде што можат да бидат регистрирани, изјави во понеделникот министерот за надворешни работи Никола Попоски, по состанокот со амбасадорите во земјава.
Министерот наведе дека државата ќе го направи она за коешто смета дека е неопходно за обезбедувањето на безбедност на земјата.
„Она што е значајно е дека имаме недвосмислена одлука да ги употребиме сите неопходни ресурси зависно од проценката дали ќе се однесуваат на физичко ограничување и насочување или со луѓе или комбинација од двете со цел да обезбедиме безбедност на Република Македонија, да не дозволиме неконтролирани премини, да ги насочиме мигрантите на места каде што можат да бидат регистрирани, да ги идентификуваат и да одлучат дали има можност да влезат во Република Македонија. Никаква опција не е исклучена и оставаме на стручните служби да проценат во кој обем и во каков тип мерки ќе бидат применети. Тоа не е само наше право, туку и наша обврска“, истакна Попоски.
Министерот додаде дека Македонија во повеќе наврати досега покажа дека е подготвена да им помогне на тие што транзитираат низ земјата.
„По каскадата реакции и одлуки на север за проток на таквите мигранти кои беа донесени во Австрија, Словенија, Хрватска, а ние бевме информирани, исто така и од Србија ние мора да ги почитуваме и да ги земеме предвид како фактор кој влијае на бројот на мигранти кои можат да влезат во Македонија, но понатаму и да можат да излезат од Македонија кон Србија на пат кон ЕУ. Во овој момент за нас е значајно секоја од земјите на овој пат да ги исполни своите обврски. Така што и Грција како земја членка на ЕУ и на шенген зоната треба да соработува во насока на одредено филтрирање односно дефинирање на тоа кој може, а кој не може да помине. Ние ќе ги почитуваме овие одлуки, нема да спречуваме премин на кој било кој може да стигне до неговата дестинација бидејќи ние сме само земја транзит“, додаде тој.
На состанокот со амбасадорите било дискутирано и за неодамешниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, при што Попоски потенцира дека сега е времето да се даде валидност на препораката за почеток на пристапните преговори, поради тоа што сега се наоѓаме во момент кога веќе нема аргументи за одложувањето на почетокот на овие преговори./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.