Надворешна политика
Дипломатски брифинг во МНР во пресрет на македонското претседавање со здравствената мрежа на ЈИЕ
По повод претседавањето на Република Македонија со Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, во среда во Министерството за надворешни работи се одржа заедничка средба на министрите за надворешни работи и здравство, Никола Попоски и Никола Тодоров со дипломатските претставници од земјите учеснички во овој процес.
Во пресрет на претстојниот регионален состанок на Светската здравствена организација во Копенхаген и улогата на Република Македонија како Претседавач со Здравствената Мрежа на Југоисточна Европа со која ќе претседава министерот Тодоров, тој се обрати на дипломатските претставници на земјите од здравствената мрежа на ЈИЕ во присуство на преставникот на канцеларијата на СЗО во Македонија преставувајќи ги иницијативите на македонското претседавање со регионалната здравствена мрежа.
Тодоров, посебно се осврна на иницијативата за зајакнување на човечките ресурси како фактор за развој во областа на здравството, преку овозможување на едукации, обуки, специјализации и субспецијализации за здравствените работници во рамки на земјите-членки на ЗМЈИЕ. Со оваа иницијатива ќе се овозможи значително зајакнување на капацитетите и вештините на медицинскиот кадар, со што ќе се придонесе кон целокупно зајакнување на здравствените системи на земјите-членки на Здравствената Мрежа.
Во своето обраќање Тодоров ја нагласи и иницијативата за зајакнување на улогата на Здравствената Мрежа на Југоисточна Европа од аспект на менаџирање на кризи, како и пружање на соодветна помош при појава на кризни состојби, што беше поздравена од дипломатите.
Реафирмирајќи ја македонската поддршка за понатамошно унапредување на регионалната соработка во рамки на ЗМЈИЕ, министерот Тодоров изрази очекување дека присутните амбасадори ќе ја пренесат пораката на Министрите за здравство во нивните земји, за учество на Министерски состанок кој во рамки на македонското претседавање со ЗМЈИЕ се очекува да се одржи во ноември.
Министерот Никола Попоски во својство на домаќин и шеф на македонската дипломатија посочи дека нашите дипломатски претставници стојат на располагање за олеснување на активностите во здравствената мрежа во насока на подигнување на стандардите. Во доменот на економската дипломатија, сегментот на здравството е интегрален дел преку кој МНР се залага за презентирање на можностите на македонската фармацевтска индустрија во странство./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.