Црна хроника
Обвинение за убиството кај црквата „Св Мина“ во Куманово

Основното јавно обвинителство Куманово поднесе во вторникот Обвинителен акт за убиството во кругот на црквата „Света Мина“ против Д.Д за сторено кривично дело „Убиство“ од чл. 123 од Кривичниот законик.
Според обвинителниот акт, Д,Д, се товари дека на 26-ти јуни годинава со умисла го одземла животот на сега починатиот Б.И.
Настанот се случил кога по посета на ноќен клуб, обвинетиот и жртвата се упатиле кон кумановската населба Вера Которка, во кругот на црквата „Света Мина”. Додека меѓусебе разговарале, обвинетиот му пришол од зад грб на сега починатиот кој седел на клупа во близина на бунар, извадил огнено оружје, пиштол марка „Црвена застава” и од непосредна близина на растојание од 2 сантиметра, испукал еден куршум во левиот тилен дел на главата на сега покојниот.
Нанесената прострелна рана предизвикала фатални повреди поради што веднаш настапила смртта. Обвинетиот потоа го фрлил телото на починатиот во блискиот бунар и го напуштил местото на настанот.
По спроведување на истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово ги прибра сите материјални и вербални докази во предметот и до Основниот суд Куманово го достави обвинението. Притоа, поднесен е и Предлог за продолжување на мерката – притвор за обвинетиот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Лишени од слобода 12 лица во Гевгелиско, полицијата најде дрогa

Полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија синоќа во периодот од 22.00 до 03.00 часот на локален пат од село Миравци кон место викано „Бел Рај“, Гевгелиско ги лишиле од слобода Б.Ј.(25), С.Н., М.К.(31), Н.М.(20), А.И.(24), Ф.П.(22) и Д.Б.(34) сите од Скопје, Г.А.(21) и Т.Ј.(38) и двајцата од Кавадарци, К.П.(21) од Неготино, П.З.(38) од Радовиш и Е.Ј.(22) од Берово.
Како што соопшти МВР, во осум поединечни случаи при преглед на лицата или во возилата во кои се превезувале биле пронајдени марихуана и четири таблети виолетова боја.
За сите настани бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Црна хроника
Ни трага, ниту глас од исчезнатите мајка и син од Прилеп, полицијата ги бара

Полицијата во Прилеп трага по 36-годишната Л.И. и нејзиниот 17-годишен син, кои исчезнале на 18 јули, а случајот бил пријавен вчера на 25 јули, во 08:20 часот во ОВР Прилеп.
Како што информираше МВР, пријавата ја поднел С.Ќ. (48) од Прилеп, сопруг на исчезнатата жена. Според неговата изјава, Л.И. се оддалечила од семејниот дом заедно со својот син, а имала и здравствени проблеми. Од тогаш, од нив нема никаков контакт.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за нивно пронаоѓање и расветлување на случајот.
Топ
Влегол на Онкологија и крадел од пациентите – притвор за 60-годишник

Скопското Обвинителство поведе постапка против 60-годишник осомничен за тешка кражба.
Кражбата ја извршил на Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде искористил невнимание на еден пациент од велешко, ја протнал раката во неговиот џеб и одзел 300 евра и 28.000 денари.
Пациентот малку подоцна забележал дека му се украдени парите и пријавил во полиција, а сторителот бил идентификуван од снимките на видео камерите во болницата, соопшти Обвинителството.
Имајќи предвид дека сторителот бил и претходно осудуван, како и дрскоста со која делото сега го извршил во медицинска установа во која во исто време поголем број пациенти во тешка состојба, меѓу кои и оштетениот, чекале да примат терапија од која им зависи животот, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка му предложи да определи мерка притвор за осомничениот. Притворот е прифатен.