Европа
Четворицата челници го осудија кршењето на примирјето во Украина
Челниците на Франција, Германија, Украина и Русија го осудија во четвртокот во телефонски разговор постојаното кршење на примирјето коешто се случува последните денови, соопшти кабинетот на францускиот претседател Франсоа Оланд.
Телефонската конференција на четворицата челници потписници на мировниот договор за Украина од 12-ти февруари постигнат во белоруската престолнина Минск, е одржана ден откако рускоајзичните бунтовници целосно го зазедоа стратешки важниот град Дебалцево длабоко на територијата којашто тие ја контролираат а во кој околу осум илјади украински војници речиси цел месец беа во опкружување, и откако украинските сили во средата целосно организирано се повлекоа од него по дводневните жестоки борби кога бунтовниците навлегоа во градот.
Еден од портпаролите на украинската армија Анатолиј Стелмах изјави во четвртокот дека повеќе од 90 отсто од украинските војници се повлекле од Дебалцево и околината, кој е важен железнички транспортен центар во источниот дел на Украина, но има важност и од воен аспект, бидејќи се наоѓа меѓу двата одметнати региона Донецк и Луганск и овозможува напади на нивните територии.
Рускиот претседател Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел, украинскиот претседател Петро Порошенко и францускиот претседател Франос Оланд го осудија кршењето на прекинот на огнот последните денови и се согласија дека пакетот мерки договорен во главниот град на Белорусија Минск треба да се спроведува стриктни и целосно, објави кабинетот на францускиот претседател.
„Претставниците на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) би требало да се сретнат со конфронтираните страни на лице место поради итно спроведување на тие мерки“, се одава во соопштението на Елисејската палата во коешто се истакнува и дека министрите на четирите земји подоцна во четврток ќе разговараат за деталите од овој план, пренесува AFP.
На официјалната интернет страница на украинското претседателство, се наведува, пак, дека претседателот Петро Порошенко во телефонскиот разговор барал ослободување на сите заробени Уркаинци, вклучително и оние кои се заробени или се предале во Дебалцево. Како што пренесува Reuters, тој на другите челници им порачал дека „не треба да се преправаат оти она што се случи во Дебалоцево е во согласност со договорот од Минск“.
И во соопштението на Кремљ се истакнува дека челниците се согласиле околу „неопходноста од строгото почитување на договорите постигнати во Минск“. „Истакнато беше дека почетокот на исполнувањето на одобрениот од страна на Контактната група во Минск (претставниците на Киев и на самопрогласените републики во Донецк и Луганск, со посредување на претставници од Украина, Русија и ОБСЕ – з.р.) Комплекс мерки овозможило намалување на интензитетот на борбените дејствија во Донбас, и придонело за намалување на жртвите меѓу цивилното население“, пренесува агенцијата ТАСС.
Се одбележува, исто така, дека четворицата лидери ја потцртале „неопходноста од обезбедување одржлив прекин на огнот, спроведување на практичните чекори за повлекување на тешкото вооружување на двете спротиставени страни, како и брзо ослободување на заробените“.
„Подвлечена беше подготвеноста активно да се поддржи работата на набљудувачката мисија на ОБСЕ во оваа важна фаза од спроведувањето на договорот“, се вели во изјавата од кабинетот на рускиот претседател. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: На Украина ѝ е потребна меѓународна помош за заштита на енергетската инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ е потребна меѓународна помош за да ја заштити својата енергетска инфраструктура од руски напади.
Зеленски во видео порака рече дека системите за воздушна одбрана и заштитата на енергетската инфраструктура се „највисоки приоритети со оглед на руските напади“.
„Всушност, нашите добавувачи на енергија, тимови за поправка и силите за цивилна одбрана се зафатени со обновување на областите по нападите секој ден“, рече Зеленски, апелирајќи за помош од меѓународната заедница.
Четврта зима од војната
Додека војната влегува во својата четврта зима, руската војска повторно систематски ги гранатира електраните и трафостаниците за да го прекине снабдувањето со електрична енергија, греење и вода на украинското население.
Укренерго соопшти дека во четврток повторно се планирани фазни прекини на електричната енергија низ целата земја за да се стабилизира мрежата.
фото: принтскрин

