Европа
Лавров: Турција ја мина границата, се суспендира безвизниот режим
Русија донесе одлука за суспендирање на безвизниот режим меѓу двете земји, од 1-ви јануари 2016 година, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во петокот на средбата со неговиот сириски колега Валид Муалем, оценувајќи дека Анкара ја „минала границата“, во атмосфера на зголемени тензии меѓу двете држави по турското соборување на рускиот воен авион во близина на сириско-турската граница.
„Сметаме дека турското раководство ја мина границата на прифатливото (однесување)’, нагласи шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Анкара ризикува Турција да ја стави во многу тешка ситуација, додаде и предупреди дека соборувањето на рускиот авион во вторникот може сериозно да ги поткопа турските државни интересите. Лавров пред средбата со Муалем, порача и дека Москва сериозно преиспитува дали Турција навистина има намери да се бори против тероризмот.
„Имаме сé повеќе прашања за активностите на Анкара и нејзината посветеноста да се искорени тероризмот“, изјави Лавров на заедничката прес-конференција со Муалем
Додаде дека Русија ќе продолжи да ѝ ја дава сета неопходна помош на Сирија во борбата против тероризмот и изрази благодарност за учеството на сириските специјалци во операцијата за спасување на пилотот откако во вторникот беше соборен рускиот бомбардер од турски ловци, кој се спушти на територијата контролирана од туркменските сириски бунтовни кои се поддржувани од Турција.
Лавров појасни дека Русија е многу загрижена за зголемувањето на терористичките закани во Турција. „Тоа е директно поврзано со безбедноста на Руската Федерација. Преку Турција се одвива најголемиот проток на милитанти во сите насоки“, смета шефот на руската дипломатија.
„На наша огромна жал, турските власти крајно неволно, благо речено, соработуваат по ова прашање, кога станува збор за државјани на Руската Федерација“, истакна Лавров додавајќи неколку примери.
„Во текот на годинава ние 17 пати официјално со ноти побаравме од турските власти информации во врска со руски државјани кои беа уапсени под сомневање за учество во терористички активности… и баравме пристап до тие луѓе. Сите 17 обраќања остана без никаква реакција“, посочи Лавров.
Спомена и дека годинава повеќе од 200 руски државјани биле депортирани откако биле обвинети за нелегални активности, и оти и покрај меѓудржавниот договор само во седум такви случаи била навремено информирана руската страна. „Во повеќето случаи овие лица се депортирани без да бидат вратени во Русија, во трети земји, вклучително и држави кои спроведуваат непријателска политика кон Русија“, истакна Лавров оправдувајќи ја одлуката за суспендирање на безвизниот режим меѓу двете земји.
Објавувајќи го решението на Москва да го суспендира договорот со Анкара за безвизно патување, Лавров рече дека „не станува збор за вештачка закана“ и додаде „Напротив овие закани се многу реални и ние со сета одговорност информиравме за тоа“.
Во моментов Русите можат без виза да престојуваат на територијата на Турција 60 дена, а максималниот период на постојан престоја на руски државјани изнесува 90 дена во рок од шест месеци.
Покрај оваа мерка, којашто се очекува дека ќе се одрази врз турскиот туристички сектор, кој според некои процени само од руските туристи остварува околу 4 милијарди долари годишно, се подготвуваат и редица економски мерки. Министерот за економија Алескеј Улукаев, во петокот изјави дека не ја отфрла можноста за мерки кои ќе го погодат турски извоз на земјоделски производи во Русија, кој се проценува на милијарда долари годишно, а особено двата огромни енергетски проекта, гасоводот Турски тек и нуклеарната централа Акују, што може да ја погоди сиромашната со енергенси Турција. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

