Свет
Петмина мртви во терористички напад во кинеската покраина Синџијанг
Напаѓачи во средата се забија со автомобил во владина зграда во западната кинеска покраина Синџијанг, која оваа година беше релативно мирна, и притоа активирале експлозивна направа која усмртила едно лице, додека сите четири терористи се убиени, соопшти регионалната влада.
Во кусото соопштение на владата на Синџијанг-Ујгурската автономна покраина се наведува дека инцидентот се случил во округот Каракаш, длабоко во јужниот дел од оваа покраина во кој мнозинство се народот Ујгури. Во соопштението се прецизира дека четворицата криминалци се забиле со автомобилот во дворот општинската канцеларија на Комунистичката партија, и дека детонирале експлозивна направа, како и дека сите се убиени. Три лица се ранети, а едно починало, додава локалната влада, како и дека јавниот ред е стабилен.
Синџијанг-Ујгурскиот регион е безбедносни најнестабилната област во Кина. На оваа територија живее автохтоното туркофоно население Ујгури кои станаа малцинство во однос на кинеската етничка група Хан, а според кинеските власти, дејствува терористичката организација Источен Туркестан, којашто Пекинг ја сомничи за поврзаност со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда а од неодамна и со ултрарадикалната Исламска држава. Западните влади и организации за човекови права, пак, сметаат дека кинеските власти претеруваат и со тоа ја оправдуваат својата власт на „цврста рака“.
Во округот Шаче, или Јарканд на ујгурски јазик, во јули 2014 година избија жестоки судири пред крајот на муслиманскиот празник рамазан. Автономната област Ујгурија-Синџијанг последните години е потресувана од безредија со многу жртви, поради нетрпеливоста меѓу доминантниот народ Хан и Ујгурите. Официјален Пекинг тврди дека станува збора за исламски фундаментализам и дека екстремните Ујгури се поврзани со талибаните и други исламистички движење во Пакистан, поради што е отворен дијалог со владата во Исламабад.
Откако од пред две години во Кина се одиграа неколку големи напади, поради што властите во Синџијанг во мај 2014 годинава воведоа режим на антитерористичка операција кој беше на сила до јуни 2015 година. Притоа, беше објавено дека во изминатиот период безбедносните служби успеале да уништат повеќе од 30 терористички ќелии во автономниот регион.
Кина и претходно ги обвинуваше ујгурските сепаратисти и верските екстремисти за серија напади во покраината Синџијанг и тврди дека сакаат да формираат независна држава којашто ќе ја нарекуваат Источен Туркистан базирана на екстремните исламистички прописи. Ова тврдење не е далеку од вистината, бидејќи последните години повеќе ујгурски активисти ја потенцираат нивната етничка поврзаноста со турската популација.
Немирите досега не беа проширени надвор од покраината Синџианг, иако се претпоставува дека од 1997 година радикалните Ујгури се одговорни за бомбашки напади во кои се убиени повеќе стотици лица во некои слични такви напади во другите покраинив во Кина.
Ујгурите сочинуваа повеќе од 40 отсто од вкупно 21 милиони жители на овој регион. Повеќето од нив се населени во Кашгар и другите јужни делови на провинцијата и во последните години искажуваат незадоволство од нивниот статус во општеството
Покраината Синџијанг зазема една шестина од вкупната државна територија на Кина, а граничи со Авганистан, Пакистан, Индија и Централната Азиска Република, богата е со нафта, гас и јаглен. Автохтоното население се Ујгурите, но во децениите доселување на покраината со мнозинскиот кинески народ Хан од другите делови на Кина, денес во Синџианг, Ујгурите се помалку од половината од населението.
Постојаните тензии поради големите рестрикции на ујгурската јазична, културна и верска автономија кулминираа во јули 2009 година, кога во насилните судири меѓу Кинезите од народот Хан и етничките Ујгури во главниот град на провинцијата Урумкчи загинаа околу 200 луѓе, претежно припадници на народот Хан. Од тогаш кинеските власти погубија десетици лица осудени за поттикнување на насилни судири, уапсени и кривично гонети се стотици други, а безбедносните мерки се заострени во целата покраина. Во април 2013 година во близина на Кашгар, пак, во меѓуетничките судири загинаа 21 лице./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кралот Чарлс ја поддржува истрагата за врските на неговиот брат Ендру со Џефри Епстин
Бакингемската палата денеска соопшти дека кралот Чарлс Трети ќе ѝ даде поддршка на британската полиција која ги испитува наводите дека поранешниот принц Ендру му проследувал доверливи информации на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Соопштението следува откако полицијата потврди дека ги разгледува тврдењата според кои Ендру Маунтбатен-Виндзор во 2010 година му испраќал на Епстин извештаи поврзани со трговија.
Полицијата од областа Темз Вели, која е надлежна за регионите западно од Лондон, вклучително и Виндзор каде што се наоѓала поранешната резиденција на членот на кралското семејство, покренала истрага по медиумските објави за мејлови што укажуваат дека тогашниот принц му испраќал на Епстин извештаи од својата турнеја во Југоисточна Азија во 2010 година, кога бил британски пратеник за меѓународна трговија.
Кабинетот на принцот Вилијам соопшти дека тој е „длабоко загрижен“ поради откритијата што произлегуваат од американската истрага поврзана со починатиот сексуален престапник.
Свет
Маск: САД 1.000 посто ќе банкротираат без вештачка интелигенција и роботи
Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, предупреди дека експлозијата на американскиот јавен долг може да доведе до финансиски колапс на САД доколку вештачката интелигенција и роботиката не ја трансформираат економијата, јавува „Форбс“
Во интервју за подкастерот Дваркеш Пател, Маск изјави дека без масовна примена на ВИ и роботи, САД „1000% ќе банкротираат“. Тој посочи дека јавниот долг достигнал 38,5 билиони долари, а каматите изнесуваат околу еден билион долари годишно, што веќе го надминува воениот буџет.
Маск објасни дека неговата поддршка за кратење на државната потрошувачка, додека го водел Одделот за ефикасност на владата (DOGE), имала цел да се забави „неодржливата фискална траекторија“ и да се добие време додека новите технологии го поттикнат економскиот раст.
Тој предупреди дека масовната автоматизација може да доведе и до силна дефлација, бидејќи производството на добра и услуги би растело побрзо од паричната маса.
Сепак, експертите посочуваат дека САД имаат предности – доларот е светска резервна валута, а Министерството за финансии може да се задолжува по релативно ниски каматни стапки. Комитетот за одговорен федерален буџет предупреди дека, иако е невозможно да се предвиди точен момент, некаква фискална криза е речиси неизбежна доколку не се промени насоката на фискалната политика.
Свет
Соработничката на Епстин бара помилување од Трамп за да сведочи пред Конгресот
Партнерката на американскиот финансиски магнат и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, Гилен Максвел, е подготвена да сведочи пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес доколку ѝ биде одобрено помилување или намалување на казната од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти нејзиниот адвокат, Дејвид Маркус.
Претходно, Максвел одби да сведочи, повикувајќи се на уставното право да молчи и одбивајќи да одговара на прашањата на членовите на комитетот.
„Ако овој комитет и американската јавност навистина сакаат да ја слушнат нефилтрираната вистина за тоа што се случило, постои едноставен пат. Госпоѓа Максвел е подготвена да зборува целосно и искрено ако претседателот Трамп ѝ одобри помилување“, напиша Маркус на социјалната мрежа Икс.
Како причина за одбивањето да сведочи, одбраната наведе дека е во тек постапка за преиспитување на законитоста на пресудата, тврдејќи дека осудителната пресуда се темели на „фундаментално неправедно судење“.
Во соопштението се наведува и дека дел од поротниците за време на изборот на поротата дале неточни изјави за да бидат избрани, како и дека администрацијата наводно ветила имунитет, кој потоа бил прекршен – нешто што, според адвокатот, го потврдуваат новообјавените документи.
„Само таа може да даде целосен приказ на настаните. Вистината е важна, дури и ако на некого не му се допаѓа“, наведува Маркус, додавајќи дека ниту Трамп ниту поранешниот претседател Бил Клинтон „не учествувале во никакви незаконски дејствија“ и дека Максвел може да објасни зошто.
Претседавачот на Комитетот за надзор, републиканецот Џејмс Комер, ја оцени одлуката на Максвел да се повика на правото на молчење како „многу разочарувачка“, истакнувајќи дека пратениците имале бројни прашања за кривичните дела и можните соучесници.
Демократите во комитетот ја обвинија Максвел дека се обидува да „купи помилување“ со одбивањето да сведочи.
Според Си-Ен-Ен, Трамп досега не ја исклучил можноста да ѝ одобри помилување или намалување на казната.
Трамп и Клинтон, чии имиња се појавуваат во документите објавени од американското Министерство за правда, негираа било каква вмешаност во незаконски активности поврзани со Епстин.
Гилен Максвел во 2021 година беше прогласена за виновна за улогата во сексуалното злоупотребување малолетнички организирано од Епстин и беше осудена на 20 години затвор.
Џефри Епстин во 2019 година беше обвинет пред федерален суд во Менхетен за трговија со малолетници со цел сексуална експлоатација. Тој беше пронајден обесен во својата ќелија додека го чекаше судењето, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.

