Македонија
Доби награда за најубаво украсен објект, парите ќе ги донира за болно дете
Скопјанецот Денчо Јосимов, во четврток доби награда од Град Скопје за најубаво новогодишно украсен двор, а парите ќе ги донира за болно дете во Кратово.
Скромниот радишанец, во неврзан муабет по доделувањето на наградите, кажа дека парите од наградата, 10.000 денари сака да ги донира на болно дете во Кратово. „Се местат работите како што треба“, коментираше со насмевка Јосимов.
Покрај него, наградени за најубаво украсени објекти одностно тераса се и Богоја Китанчев, за најубаво украсен угостителски објект е избран ресторанот „Рагуза“, а за најдобро украсен учулишен двор, беше избрано средното училиште „Никола Карев“.
„Градот Скопје и годинава, традиционално, ја организира манифестација „Новогодишните бои на Скопје“ – со која ги поттикнуваме средните училишта и нашите сограѓани да ги украсат своите работни простории и домови со новогодишни декорации и да придонесат за разубавување на празничниот амбиент. Ме радува фактот што оваа манифестација е прифатена од граѓаните и тие учествуваат во сите категории, а за да се обезбеди максимална транспарентност изборот за најубаво новогодишно украсени објекти во градот го направи жири-комисија составена од претставници на медиумите. На наградените во првите три категории Градот Скопје ќе им додели по 10.000 денари, а ЕВН Македонија наградените во сите категории еднократно ќе ги ослободи од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија, за месец декември 2016 година“, рече Трајановски, кој на сите им посака добро здравје и успеси во Новата година.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски им даде благодарница на ЕВН Македонија за долгогодишната поддршка и за учеството во оваа градска манифестација.
Игор Гиевски, од Бордот на директори на ЕВН, истакна дека неговата компанија веќе традиционално учествува и ја поддржува манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје, и нагласи дека и во иднина ќе бидат партнери на Градот во организирање на оваа манифестација.
ЕВНМакедонија на добитниците на наградите ќе им ја платат декемвриската сметка за
потрошена електрична енергија.
Директорката на СУГС „Никола Карев“ Елизабета Марковска Ставревска истакна дека
редовно учествуваат на оваа манифестација и оти првпат ја добиваат наградата, а во
украсувањето учествувале повеќе ученици, заедно со професорите.
„Да се украси еден училишен двор треба доста време, труд, но пред сѐ желба за нашето
училиште да изгледа убаво и новогодишно украсено“, рече Марковска Ставревска.
Сопственикот на „Рагуза“ Мирко Голомеиќ рече дека првпат учествуваат на манифестацијата и се задоволни од освоената награда.
За прогласувањето на победниците решаваше комисија составена од новинари од повеќе медиуми./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.












