Свет
Примирјето во Сирија се одржува и покрај почетните инциденти
Примирјето меѓу сириската владина армија и бунтовничките рупи кои стапи на полноќ во петокот, во текот на денот се одржува, по претходните изолирани судири, соопштија набљудувачите и бунтовниците.
Прекинот на огнот беше нарушен во неколку покраина во североисточниот дел на Сирија, два часа откако стапи на сила. Меѓутоа, опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, повикувајќи се на своите активисти на теренот подоцна објави дека ситуацијата „главно е мирна“.
Претставникот на бунтовничката група Џаиш ал-Наср, за Reuters потврдил дека „во текот на ноќта имаше гранатирања, но денеска престана … ситуацијата засега е добра“.
Националното примирје коешто треба да го запре шестгодишното крвопролевање во четвртокот го објави рускиот претседател Владимир Путин, кој е клучниот сојузник на сирискиот претседател Башар ал-Асад, по договорот со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган чијашто земја ја поддржува сунитската ткн умерена опозиција, а во договорот е вклучени и Иран, исто така сојузник на сирискиот алавитски (шѓиитски) претседател.
Сириската армија во четвртокот објави дека ги прекинува сите воени операции на територијата на целата земја, а рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на претседателот Путин му предложи повлекување на значаен дел на руските сили во Сирија, имајќи ја предвид моменталната ситуација.
Од договорот за прекин на огнот се изземени ултрарадикалните сунитски џихадистички групации како Исламска држава и поранешната Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда, и бунтовничките групи поврзани со неа.
Портпаролот на бунтовничката групации кои ја сочинуваат Слободната сириска армија (FSA) чијашто командна структура е во егзил во Турција на прес-конференцијата во Анкара изјави дека примирјето не ја опфаќа и курдската милиција Единици за одбрана на народот (YPG), како ниту партијата на Курдите во Сирија (PYD), кои турските власти ги сметаат за блиски на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), и оти тие нема да учествуваат на мировните преговори.
Бунтовниците се согласија примирјето да го надзираат Русија и Турција, како и во текот на еден месец да започнат политичките преговори, изјавил нивен претставник. Анкара, жесток противник на сирискиот претседател, во меѓувреме го омекна својот став и се согласи на учество на Асад во преодниот период во земјата.
Ова е трето примирје во Сирија постигнато оваа година. Претходните две договорени меѓу САД и Русија пропаднаа по неколку седмици, а страните се обвинуваа дека не ги извршуваат обврските од договорот.
Новиот договор е постигнат без САД и Обединетите нации. Но рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека САД можат да се вклучат во мировниот процес откако избраниот претседател Доналд Трамп на 20-ти јануари ќе стапи на должноста. Додаде и дека сака во процесот да се вклучат и Египет заедно со Саудиска Арабија, Катар, Ирак, Јордан и Обединетите нации./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп му се заканува на Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно испрати силна порака до Иран, предупредувајќи дека ако преговорите не успеат, „веројатно ќе се случат лоши работи“. И покрај заканите, тој потврди дека разговорите се во тек.
„Во моментов имаме бродови што пловат кон Иран, големите, најголемите и најдобрите. Разговараме со Иран и ќе видиме како ќе заврши“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа. Тој додаде дека договорот би бил „одличен“, но дека ќе има последици ако не се случи. „Ако не го сториме тоа, веројатно ќе се случат лоши работи“, рече тој, пренесува Анадолија.
Дипломатската активност се интензивираше во последните денови. Axios објави дека специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, се очекува да се сретнат во Истанбул во петок.
Се очекува средбата да биде дел од обновените напори за решавање на прашањето за нуклеарната програма на Иран. Извори запознаени со подготовките потврдија дека тие се во тек, но еден од нив забележува дека плановите сè уште не се конечни и се предмет на промена.
Турција, Египет и Катар одиграа клучна улога во посредувањето и олеснувањето на контактите меѓу Вашингтон и Техеран во последните денови. Арагчи веќе беше во Истанбул минатиот петок, каде што се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и министерот за надворешни работи Хакан Фидан.
Иако немаше официјални најави, иранската новинска агенција Тасним објави дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан наредил продолжување на нуклеарните разговори со САД, во кои учествуваат високи претставници од двете земји.
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.
Свет
Ученик пукал во училиште во Русија
Ученик од деветто одделение отворил оган со воздушна пушка во една гимназија во Уфа, најголемиот град во Република Башкортостан во Русија, потврди гувернерот на таа република Радиј Хабиров.
Според неговите зборови, во инцидентот немало повредени, а малолетниот напаѓач бил приведен. Како што пренесува руската агенција ТАСС, безбедносните служби веднаш реагирале, а состојбата во училиштето била ставена под контрола.
Хабиров наведе дека нема опасност за учениците и наставниот кадар и дека во моментов се утврдуваат сите околности поврзани со настанот.

