Македонија
Маја Иванова им подари пакетчиња на децата во Клиниката за детски болести
Маја Иванова, сопругата на претседателот на Република Македонија, во сабота ја посети Клиниката за детски болести во Скопје и им подари новогодишни пакетчиња на децата згрижени во таа јавна здравствена установа.
„По традиција, и оваа година сум на Клиниката за детски болести во Скопје во пресрет на новогодишната ноќ. Во посета сум на децата кои за жал оваа Нова година место во своите домови ќе ја поминат на клиника“, изјави Иванова.
Таа посака во Новата 2017 година да нема повеќе детски и родителски солзи. „Овие деца што поскоро да се вратат во своите домови, во прегратките на своите родители, баби и дедовци, во школските клупи меѓу своите другарчиња“, рече Иванова.
Таа изрази благодарност и почит кон персоналот на Детската клиника кои, како што рече, пред се ја даваат својата несебична љубов, а потоа и своето знаење за сите деца што се на клиника и воопшто за сите деца на кои им е потребна помош.
Директорката на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова изрази задоволство од традиционалната посета на првата дама, Маја Иванова со која ги слушаат желбите на дечињата, кои ги искажуваат во просториите на клиниката.
„Болеста им оневозможува тоа да го направат во своите домови, со своите другарчиња. Убавата енергија што ја внесуваме заедно, пакетчињата што ги делиме и споделбата на желбите кои сакаме да ни се исполнат, а тоа е здравјето, да ни биде секогаш примарно. И оваа година тоа е дел од нашата најголема желба 2017 година да бидеме сите многу поздрави, посреќни и понасмеани и со многу повеќе љубов“, рече Софијанова./крај/со/бб
Одговарајќи на новинарско прашање, Софијанова рече дека капацитетот на Клиниката е исполнет 100 отсто. – Не ни се случило толку многу да имаме деца во последниов период бидејќи имаше доста горнореспираторни и гастроинтестинални инфекции. Некаде околу 90 до 100 деца ќе бидат на клиниката, рече Софијанова./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.

