Регион
Меѓу жртвите во нападот во Истанбул и Русинка, ранет Американец
Една државјанка на Русија е меѓу жртвите од терористичкиот напад во Истанбул во новогодишната ноќ, а меѓу ранетите е и Американец, потврдија во неделата вечерта генералните конзулати на двете земји во турската метропола.
„Ја потврдуваме смртта (на државјанката на Русија). Првично се претпоставуваше дека станува збор за државјанка на Азербејџан, но според документите таа има руско државјанство“, изјавиле од рускиот конзулат во Истанбул и додале дека нема други руски државјани смртно настрадани или ранети во терористичкиот напад во ноќниот клуб.
Истовремено претставници на американскиот Стејт департмент потврдија дека во истиот напад е ранет и државјанин на САД.
„Можеме да потврдиме дека еден државјанин на САД бил ранет за време на тој напад. Продолжуваме да му ги даваме сите расположливи конзуларни услуги“, изјавиле од американската дипломатија истакнувајќи дека меѓу загинатите нема Американци.
Во меѓувреме турските медиуми пишуваат дека идентификацијата на жртвите е завршена и оти е малку веројатно дека досегашните податоци ќе се менуваат.
Ноќта кон неделата напаѓач по кого турската полиција уште трага, со автоматска пушка изврши напад врз ноќниот клуб „Reina“ во истанбулскиот кварт Ортекај. Според последните информации кои ги соопшти турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, во нападот се убиени 39 луѓе, од кои 16 се странски државјани. Меѓу жртвите се државјани на Франција, Русија, Тунис, Белгија, Саудиска Арабија, Јордан, Мароко, Либија, Либан и Израел.
Министерот за здравство Реџеп Акдага соопшти дека во истанбулските болници се згрижени 65 ранети лица, од кои четворица и натаму се во критична состојба.
Снимките од надзорните видео камери емитувани на турските телевизии покажуваат дека напаѓачот со капа на Дедо Мраз почнува да пука во луѓето пред влезот на ноќниот клуб и во возилата кои се движат по улицата. По нападот, сторителот исчезна и по него се трага. Засега никој не ја презема одговорноста за нападот./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

