Европа
Азиланти во Германија мамеле за социјална помош

Град во северна Германија основаше специјална комисија која би требало да испита 300 случаи во коишто азилантите мамеле за социјална помош.
Повеќето случаи се во врска со бегалци од Судан кои во Германија пристигнале со бегалскиот бран во летото 2015 година, изјавил претседателот на комисијата во градот Брауншвајг, Јоерн Меменга. Тој штетата ја проценува на неколку милиони евра.
Постојат сознанија дека бегалците неколку пати се регистрирале на различни места за повеќе пати да добиваат социјална помош, Повеќето од нив се пријавувале со две или три различни имиња и презимиња, вели Меменга, опишувајќи ги методите со кои се служеле. „Понекогаш едноставно ќе пуштеле брада, ставале очила, ќе ја истрижеле косата…“, додава.
Меменга тврди дека за тоа не се виновни преоптоварените социјални работници кои во периодот на кулминацијата на бегалската криза регистрирале и до две илјади луѓе дневно.
Секое лице ги измамило властите во просек за неколку илјади евра, а во еден случај исто лице користело дванаесет различни идентитети и така се стекнало со 45.000 евра.
Државната обвинителка на Брауншвајг вели дека е малку веројатно дека измамите ќе добијат суд епилог. „Кога измамите беа откриени, повеќето веќе заминале“, изјавила Јулија Мејер.
Брауншвајг е град со 250.000 жители во сојузната покраина Долна Саксонија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Единаесетгодишно девојче исчезна откако вчера влегло во реката Темза во Лондон

Единаесетгодишното девојче кое исчезна откако вчера влегло во реката Темза во источен Лондон е именувано како Калија Коа, потврди полицијата.
Калија беше надвор и играше и влезе во реката во близина на аеродромот во Лондон Сити.
Итната помош била повикана на местото на настанот во 13 часот и 23 минути. по локално време, а во потрагата по девојчето се вклучени лондонската Брза помош, пожарникари, крајбрежна стража и спасувачка служба.
Метрополитенската полиција води операција за пребарување и спасување долж Темза.
Ден Кард, началникот на локалната полиција за североисточен Лондон, рече: „Нашите службеници специјалисти го поддржуваат семејството на девојчето во овој исклучително тежок момент, а нашите мисли се со сите погодени од овој настан. Посветени сме на наоѓање на Калија и, работејќи со партнерите, спроведуваме детална потрага на широк простор, користејќи беспилотни летала и чамци“.
Тој им се заблагодари на граѓаните, полицајците и другите служби за итни случаи за брзата реакција и големата операција за пребарување.
Една жена која се обидела да помогне, рече дека стигнала до брегот со појас за спасување, но не можела да го најде девојчето.
Кери Бенаџауд (62) изјави за новинската агенција PA дека децата трчале и викале дека нивната другарка е во реката.
„Ми се јави еден сосед. Тој рече дека повикал полиција и тогаш видел дека нејзините раце исчезнуваат под водата. Кога пристигнав со појасот за спасување, повеќе не ја видов“, рекла таа.
Европа
Мелони застана во одбрана на Ле Пен: „Им се одземаат правата на милиони граѓани“

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска ја критикува одлуката на францускиот суд со која ѝ се забранува на лидерката на екстремната десница, Марин Ле Пен, да се кандидира на претседателските избори во 2027 година.
„Не ги знам деталите за обвиненијата против Марин Ле Пен, ниту причините за ваквата сурова одлука, но мислам дека никој што се грижи за демократијата не може да се радува на пресуда што ќе влијае на лидерот на голема партија и ќе ги лиши правата на милиони граѓани“, рече Мелони во интервју за италијанскиот весник „Ил Месаџеро“.
Мелони, која важи за најмоќниот десничарски лидер во Европа, со оваа изјава застана во одбрана на француската политичарка, која во понеделникот од парискиот суд беше прогласена за виновна за проневера на средства на Европската Унија.
Ле Пен е осудена на четири години затвор, од кои две ќе поминат под електронски мониторинг во домашен притвор, а две години се условни. Покрај тоа, таа е казнета со 100.000 евра и забрана за учество на избори во следните пет години.
Европа
Земјотрес ја погоди Италија

Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала е регистриран денес, вторник, 1 април 2025 година, во 3.30 часот во Италија.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 6 километри под површината на земјата.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.