Свет
Турција го проблематизира присуството на коалициските сили во Инџирлик, може да бара помош од Русија
Турскиот вицепремиер Вејси Кајнак изјави во четвртокот дека Анкара го доведува во прашање присуството на силите на антиџихадистичката коалиција предводена од САД во турската воздухопловна база Инџирлик, а истовремено американски официјални лица тврдат дека Турција ќе ја одбие американската помош и ќе побара воздушна поддршка од Русија за својата кампања во соседна Сирија против екстремната организација Исламска држава.
Според турскиот вицепремиер Вејси Кајнак, прашањето за овозможувањето на користење на воздухопловната база Инџирлик од страна на меѓународната коалиција предводена од САД, е на агендата на владата во Анкара, пренесува Reuters.
Причина за ваквиот став, како што веруваат во Анкара, е недоволната поддршка од страна на Вашингтон во операциите на турските копнени сили против ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава во областа на сирискиот град ал-Баб.
Портпаролот на штабот на меѓународната антитерористичка коалиција во Ирак и во Сирија предводена од САД, американскиот полковник Џон Доријан во Багдад изјави дека „операцијата во ал-Баб беше предмет на разговори во рамките на дипломатските преговори“, вклучително и „на највисоко ниво“. „Очекуваме дека поддршката за турските операции во областа на овој град ќе биде осигурена“, додаде.
Во меѓувреме две американски официјални воени лица за телевизиската мрежа NBC News во средата изјавија дека Турција ја одбила поддршката на американските воздушни сили за своите копнени сили во Сирија, и во неколкуте изминати денови побарала Русија да ја преземе нивната улога.
Во овој период американските воздушни сили извршиле само неколку летови над градот ал-Баб, како демонстрација на сила но без бомбардирање. Според NBC News, на прашањето дали Русија ја напаѓаат Исламската држава во овој град, еден од американските воени функционери одговорил „засега таму се“.
Забелешките на Анкара беа искажани и во средата, кога турскиот министер за одбрана Фикри Исик порача дека изостанувањето на американската воздушна поддршка за турските сили „ги поттикнува негативните чувства“ во турската јавност кон Вашингтон во врска со користењето на базата во Инџирлик.
Уште во декември, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган истакна дека САД не го исполниле своето ветување за воздушна поддршка во Сирија, главно во офанзивата за заземање на градот ал-Баб, кој се покажа како тешка цел за турските сили.
„И покрај тоа што коалицијата предводена од САД не успеа да ги одржи своите ветувања (за воздушна поддршка) во нашата операција за ослободување на ал-Баб, ние ќе ги исчистиме градот од терористите на Исламската држава без оглед на тоа“, рече тогаш Ердоган, потсетува Press TV.
Градот Ал-Баб, се наоѓа меѓу Алепо и Манбиџ, од кој минатата година од САД поддржувана курдска милиција Единици за заштита на народот (YPG) која Турција ја смета за непријателска и поврзана со забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) ја потисна Исламската држава. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

