Црна хроника
Кривична за разбојникот кој однесе часовник вреден 7.000 евра
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија поднесе во петокот кривична пријава против 23-годишен жител на гевгелиското село Прдејци, поради сомневање дека е сторител на разбојничкиот чин од вторникот кога турски државјанин беше ограбен за 5.000 евра и рачен часовник од престижната марка „Ролекс“, чија цена е 7.000 евра.
Осомничениот за стореното дело „разбојништво“, министерството за внатрешни работи го идентификуваше со иницијалите Н.П. од Прдејци.
Според сознанијата, тој во вторникот, 3-ти јануари годинава, околу 19,30 часот, во селото Мрзенци, гевгелиско, по претходен план се прикрил и го причекал во куќата каде што престојувал како потстанар оштетениот турски државјанин. Во моментот кога оштетениот заедно со неговата девојка ја отклучиле вратата, напаѓачот со маска на лицето и вооружен со пиштол, извршил разбојништво над 28-годишната Л.Д. и 31-годишниот А.Џ. и двајцата од Турција.
Разбојникот ја турнал девојката, а со пиштол го удрил оштетениот во пределот на главата нанесувајќи му телесни повреди, по што паднал на земја. Потоа со закана му одзел 5.000 евра и часовник „Ролекс“ во вредност од 7.000 евра, и веднаш побегнал во непознат правец.
Гевгелиската полиција, веднаш откако инцидентот бил пријавен, ги преземала мерките и за идентификација, пронаоѓање и фаќање на сторителот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Претепал сограѓанин и му се заканувал со пиштол пред кафеана, приведен жител на Грчец
Триесет и деветгодишниот З.Ф. од селото Грчец, скопско, бил приведен во текот на денешниот ден поради напад пред угостителски објект на подрачјето на општина Сарај.
Претходно, на 7 февруари, тој со тврд предмет физички го нападнал 47-годишниот Р.З., исто така од Грчец, а потоа му се заканувал и со пиштол, јави МВР.
По целосно документирање на случајот, против З.Ф. ќе биде поднесена пријава.
Црна хроника
Запалени „порше“ и „форд ренџер“ во Батинци, известен е обвинител
Во раните утрински часови во селото Батинци, општина Студеничани, избувнал пожар во кој биле опожарени две возила – патничко возило „порше“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на 47-годишниот Џ.И. од Батинци, и товарно возило „форд ренџер“, сопственост на правен субјект.
Случајот бил пријавен во 02:15 часот во СВР Скопје. Пожарот го изгаснала екипа од Бригадата за противпожарна заштита на Скопје. Во инцидентот нема повредени лица.
Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Фото: илустрација (depositphotos)
Црна хроника
Автомобил излета од патот кај Маврово: скопјанка тешко повредена, сопатникот се здобил со полесни повреди
Седумдесет и тригодишна скопјанка е тешко повредена, а возачот со кој патувала се здобил со телесни повреди, откако нивното возило излетало од коловозот на патот Маврови Анови – Дебар, кај гостиварското село Скудриње.
Несреќата се случила на 7 февруари 2026 година, околу 9 часот наутро, кога патничко возило „опел зафира“ со скопски регистарски таблички, управувано од Ј.М. од Скопје, излетало од патот. Повредените се префрлени во Ургентниот центар во Охрид, каде кај сопатничката биле констатирани тешки телесни повреди.
Извршен бил увид.

