Вести
Племињата во Намибија ја тужат Германија за геноцидот
Потомците на племињата Хереро и Нама кои живеат на територијата на денешна Намибија ја тужат Германија во САД поради геноцидот кој германските колонијални сили го извршиле на почетокот од XX век и во кој биле убиени повеќе од 100.000 луѓе.
Според тужбата поднесена пред судот на њујоршки Менхетен, тужители се жалат дека Германија ги исклучила од расправата за геноцидот којашто ја води со Намибија и најави дека спогодбата меѓу двете земји нема да вклучува отштети на семејствата на жртвите, дури и доколку Намибија добие отштета.
„Нема гаранции дека предложената помош на Германија ќе стаса или ќе им помогне на малцинските автохтони заедници кои директно се оштетени. Не може да има преговори или спогодби за нив без тие да се вклучени во тоа“, изјави Кен Меккалион, адвокат на подносителите на тужбата.
Со тужбата се бара неодредена сума пари за илјадниците потомци на жртвите поради „непроценливите штети“.
Портпаролот на германското министерство за надворешни работи Мартин Шафер во петокот изјави дека Берлин го призна геноцидот и дека двете влади помалку од две години разговараат како да се однесуваат со минатите криминални дела на Германија.
Германската развојна помош за Намибија веќе е на ниво на „светски рекорд“ според количествата средства по глава на жител, но разговорите меѓу владите може да доведат и до дополнителни исплати, тврди Шафер.
Геноцидот, кој Германија официјално го призна во јули 2015 година, се случил меѓу 1904 и 1908 година, додека Намибија била германска колонија под името Германска Југозападна Африка, откако племињата Хереро и Нама се побуниле против германското владеење.
Според многуте извештаи, жртвите биле подложени на страшни услови во концентрациони логори, а черепите биле испраќани во Германија поради научни експерименти. Некои историчари тоа го сметаат за првиот геноцид во XX век, а масакрот е квалификуван како геноцид и во извештајот на Обединетите народи од 1985 година.
Германија веќе има исплатено отштети на жртвите на Холокаустот во кој нацистите убиле околу шест милиони Евреи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.