Свет
Амбасадорите именувани од администрацијата на Обама во САД треба да се вратат до 20-ти јануари
Амбасадорите кои се назначени на должноста од администрацијата на американскиот претседател на заминување Барак Обама, во САД треба да се вратат најдоцна до20-ти јануари, кога на должноста стапува новиот тим на републиканскиот избран претседател Доналд Трамп, потврдил во петокот на редовниот брифинг со новинарите портпаролот на Белата куќа, Џошуа Ернест.
„Постои традиција, според којашто политички именуваните шефови на дипломатските мисии треба да се вратат во САД на денот на инаугурацијата, за новата администрација и новиот претседател да имаат можност да номинираат свои претставници за унапредување на односите на САД со другите земји“, изјави Ернест.
Сите американски амбасадори ги именува администрацијата, а нивната кандидатура ја потврдува Сенатот. Многумина од нив се дипломати од кариера, коишто се постојани службеници на американскиот Стејт департмент.
Портпаролот на Белата куќа всушност го потврди претходно пишувањето на весникот The New York Times, дека транзицискиот тим на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој на должноста ќе биде инаугуриран на 20-ти јануари, побарал амбасадорите кои се назначени од претседателот Барак Обама да ги напуштат своите функции до стапувањето на должност на 45-от претседател на САД.
Медиумските написи следуваа откако тоа на Twitter го објави американскиот амбасадор на Нов Зеланд, Марк Гилберт, кој најави повлекување од должноста.
Ваквото барање, во кое нема исклучоци, било содржано во телеграмата на Стејт департментот од 23-ти декември.
Весникот наведува неименувани дипломатски извори, според кои, претходните американски администрации, и републиканските и демократските, ги продолжувале роковите за амбасадорите, особено оние со деца на училишна возраст, за да имаат можност да останат во соодветните земји уште неколку седмици или месеци.
Во Вашингтон наведуваат дека може да се случи САД неколку месеци, додека Сенатот не ги потврди новите амбасадори, да останат без амбасадори во клучните држави, како Германија, Канада и Велика Британија.
Високо позициониран претставник од екипата на Трамп за весникот изјавил дека во мерката нема злонамереност и дека нејзината единствена цел е да гарантира дека дипломатските претставници на Обама навреме ќе ги напуштат функциите, исто како и илјадниците политички помошници во Белата куќа и федералните служби.
Подготвувајќи се за стапување на должноста, Трамп планира на функција да не остави ниту еден политички функционер назначен од Обама и да смени многу од постигнатото во областа на внатрешната и надворешната политика од неговиот претходник во Белата куќа, забележува The New York Times./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Блинкен пристигнува во Израел, седми пат од почетокот на војната
Американскиот државен секретар во вторник ќе го посети Израел, седми пат по нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше со израелскиот одговор во Појасот Газа.
Јавниот сервис Кан објави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафах, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држеше Хамас.
Блинкен моментално е во посета на Кина.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Европа
Уапсен украински министер
Украинските антикорупциски тела денеска го уапсија министерот за земјоделство Микола Солски. Судот на министерот му изрече превентивна мерка притвор во траење од 60 дена, до 24 јуни. Сепак, Солски ќе биде ослободен од притвор доколку плати кауција од 75,7 милиони гривни (околу 1,7 милиони евра).
Обвинителството побара притвор поради ризик од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и бегство. Тие истакнаа дека Солски во текот на вонредната состојба неколку пати ја минувал границата.
Адвокатот одговори дека Солски ја преминал границата поради службени патувања, освен во еден случај кога заминал на договорено отсуство. Тој се осврна и на тоа дека Солски како функционер може да патува во странство само со согласност на премиерот. Тој исто така изјави дека нема докази дека Солски би можел да се меша во истрагата или да влијае на сведоците.
Солски вчера понуди оставка откако беше осомничен за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште. Обвинителите тврдат дека Солски бил фатен дека поседува државно земјиште во вредност од 291 милион гривни и дека се обидел да добие друго земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски ги негира обвиненијата, за кои обвинителите велат дека се однесуваат на настани од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски е еден од најбогатите функционери во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Ако плати кауција, ќе мора да ја предаде својата обврзница на властите и нема да му биде дозволено да разговара со други осомничени и сведоци во случајот.