Европа
Германското разузнавање верува дека зад хакерскиот напад врз ОБСЕ стои Русија
Челникот на германското внатрешно разузнавање Сојузното биро за заштита на уставот (Bundesverfassungsschutz – BfV), Ханс-Георг Маасен во интервју за агенцијата DPA вели дека кибернетичкиот напад врз Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), може бил извршен од Русија.
На 28-ми декември беше објавено дека есента 2016 година, бил извршен кибернетички напад врз ОБСЕ, но не беше соопштено кој стои зад тој напад, или кон кого се насочени сомневањата. Тогаш за руските медиуми портпарол на организацијата изјави дека интегритетот на информатичкиот систем не бил нарушен, и оти не е познато кој стои зад сајбер нападот.
Маасен вели дека при нападот врз ОБСЕ е користена инфраструктурата слична на она којашто ја користат хакерите од групата позата како АРТ28. Притоа истакнува дека АРТ28 извршила напади и врз серверите на германскиот Бундестаг.
„Во случајот со АРТ28 постојат докази кои укажуваат на руски извори“, тврди првиот разузнавач на Германија.
Францускиот весник Le Monde, повикувајќи се на неименувана „западна разузнавачка агенција“, претходно исто така пишуваше дека хакерскиот напад врз ОБСЕ е резултат на активностите на наводно руската хакерска група АТР28.
Овие информации за хакирањето на ОБСЕ од страна на Русија, се совпаѓаат со времето кога трите главни американски разузнавачки агенции – CIA, NSA и FBI го објавија својот извештај во кој го обвинуваат рускиот државен врв за кибернетичките напади врз серверите на Демократската партија за да му се помогне на претседателските избори да победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
Русија повеќепати категорично ги отфрлаше ваквите обвинувања, оценувајќи ги како произволни, без основа и без докази. Во новиот извештај претставен во јавноста во петокот, американското разузнавање на 16 страници тврди дека рускиот претседател Владимир Путин лично ја дал наредбата за хакирање на американските институции за да вмеша во изборите, и да предизвика сомневање во американскиот систем, како и преку медиумите да влијае на внатрешните состојби во САД./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

