Свет
Асад одбива примирје во Вади Барада и не сака да се преговара за неговото повлекување
Сирискиот претседател Башар ал-Асад одби во понеделникот какво и да е примирје во областа Вади Барада од каде што главниот град Дамаск се снабдува со вода и повтори дека не сака неговото отстапување од должноста да биде на дневниот ред на мировните преговори кои под покровителство на Русија и Турција за крајот на јануари се закажани во казахстанската престолнина Астана.
Откако целосно го ослободија Алепо, вториот по големина и по важност град во земјата, сириските владини сили помогнати од локалните милиции и борците на либанското шиитско движење Хезболах започнаа офанзива за истиснување на бунтовниците од градот Вади Барада, на 15 километри од Дамаск, за да воспостават контрола над главните извори на вода од кои се снабдува престолнината.
Продолжувањето на овие борби в Вади Барада, западните престолнини инсистираат дека може да го загрози примирјето чиишто покровители се Русија и Турција и кое стапи на сила на 30-ти декември, и коешто главно се почитува на целата територија на земјата, а треба да преставува вовед во мировните меѓусириски преговори во Астана. Меѓутоа, Вади Барада е под контрола на џихадистичките групации кои се изземени од примирјето склучено меѓу владините сили и вооружената опозиција.
„Задачата на сириската војска е да го ослободи тој сектор, за да не можат терористите со водата како оружје да ја уништуваат престолнината“, изјави сирискиот претседател Башар ал-Асад во интервјуто за француските медиуми – радиото RTL, телевизиската мрежа LCP и радио-телевизијата France Info од кое дел беше емитуван во неделата, а дел во понеделникот.
„Примирјето е нарушено бидејќи терористите го заземаа главниот извор на вода за Дамаск, поради што повеќе од пет милион цивили веќе три седмици се без вода за пиење“, истакна Асад.
„Примирјето не ги вклучува (ултрарадикалните терористички исламистички групации) Исламска држава ниту Џебхат ан-Нусра, а секторот (Вади Барада) каде што се водат борбите за негово ослободување, е во рацете на ан-Нусра… Значи таа не учествува во примирјето“, појасни Асад.
Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда, се преименуваше од Џебхат ал-Фатах ал-Шам и наводно се дистанцираше од Ал Каеда, пред октомврискиот договор за примирје под покровителство на САД и Русија. Тогаш Москва го обвини Вашингтон за сугерирање за преименувањето на оваа џихадистичка група за да биде изземена од договорот кои бунтовнички групи ќе бидат напаѓани од страна на коалициските сили предводен од САД и од руската авијација, бидејќи сириската Ал Каеда беше најсилната вооружена бунтовничка формација во северната покраина Алепо и им даваше најсилен отпор на владините сили.
Алавитот Асад, кој со победата во Алепо што ја прогласи на 22-ри декември – извојуван со помош на руските воздушни напади и иранските воени стручњаци, Хезболах и шиитски доброволци од регионот – направи голем пресврт во војната која започна во март 2011 година, како и претходно ја одбива можноста во Астана да се преговара за неговото заминување од власта, што го бара сунитската опозиција, регионалните сунитски монархии и нивните сојузници од Западот.
„Имаме желба да разговараме за сé. Но мојата позиција ја одредува уставот, а тој многу јасно кажува како се избира и се менува претседателот“, додаде.
„Значи, доколку сакаат (опозицијата) да разговараат за тоа, мора да разговараат за уставот, а тој не му припаѓа ниту на претседателот, ниту на владата, ниту на опозицијата, туку само на сирискиот народ и за тоа е неопходен референдум“, порача Асад./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Тешка сообраќајна несреќа во Србија: четири лица загинаа во судир на комбе и работна машина – валјак
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи рано утрово, околу 6:20 часот, на патот помеѓу Ириг и Рума во Србија, четири лица го загубија животот, според првичните информации, додека тројца се повредени. Трагедијата се случила кога патничко комбе удрило во работна машина – валјак, од причини кои сè уште не се познати, пишува Телеграф.рс.
Сцените од местото на настанот се ужасни. Поради силината на ударот, комбето буквално влегло под валјакот и било целосно згмечено. Бројни екипи за итни случаи, пожарникари и полиција веднаш биле испратени на местото на настанот.
Пожарникарите вложија големи напори за да ги извлечат мртвите и повредените од уништеното возило. Според неофицијални информации, неколку лица се извлечени без знаци на живот. Сите повредени се итно пренесени во болница.
Полицијата спроведува истрага за да ја утврди точната причина за оваа тешка несреќа.
Сообраќајот на овој дел од патот е целосно затворен за сите возила. На возачите им се препорачува да користат алтернативни правци до понатамошно известување.
фото: принтскрин – 192.rs/Instagram
Свет
Суспендирана миграцијата од Авганистан во САД откако Авганистанец застрела припадници на Националната гарда близу Белата куќа
Двајца припадници на Националната гарда на Западна Вирџинија се во критична состојба откако вооружен човек отвори оган врз нив во близина на Белата куќа, соопштија официјалните лица.
Во обраќањето, претседателот Доналд Трамп го опиша пукањето како чин на зло, чин на омраза и чин на терор, додавајќи: „Ова беше злосторство против целата наша нација“.
Трамп, повикувајќи се на информации од Министерството за внатрешна безбедност, рече дека осомничениот влегол во Соединетите Држави од Авганистан во септември 2021 година и ја критикуваше претходната администрација на претседателот Џо Бајден.
Трамп рече дека пукањето „ја нагласува најголемата закана по националната безбедност со која се соочува САД.
„Треба да биде прегледан секој странец од Авганистан кој влегол во нашата земја за време на администрацијата на Бајден“, рече Трамп и додаде: Мора да ги преземеме сите потребни мерки за да обезбедиме отстранување на секој странец од која било земја кој не припаѓа тука или кој не е од корист за нашата земја.
Трамп не го именуваше осомничениот, но неколку извори од органите за спроведување на законот запознаени со истрагата го идентификуваа за ABC News како 29-годишниот Рахманула Лаканвал.
Според три извори од органите за спроведување на законот, Лаканвал аплицирал за азил во 2024 година и добил азил во април 2025 година за време на администрацијата на Трамп.
Во објава на социјалните мрежи кратко по коментарот на Трамп, Службата за државјанство и имиграција на САД објави дека
„Обработката на сите барања за имиграција што вклучуваат авганистански државјани е суспендирана на неодредено време додека е во тек понатамошен преглед на безбедносните и протоколи за проверка.
Во објава на „Икс“, агенцијата, цитирана од Би-Би-Си , рече : „Заштитата и безбедноста на нашата земја и американскиот народ останува наш главен фокус и мисија“.
Најновата наредба доаѓа како додаток на забраната за патување во САД што Трамп им ја наметна на граѓаните на Авганистан – и 11 други земји – претходно оваа година.
Авганистанските граѓани со специјални имиграциски визи, достапни за оние кои работеле директно со американската војска пред Талибанците да ја вратат контролата врз земјата во 2021 година, беа меѓу ретките исклучоци од широките забрани.
Неколку извори за ABC News изјавија дека тоа е точно.
ФБИ го истражува пукањето како потенцијален чин на меѓународен тероризам што укажува дека властите се обидуваат да утврдат дали можеби е инспирирано од меѓународна терористичка организација. Се очекува службениците за спроведување на законот и канцеларијата на обвинителот во Вашингтон да дадат повеќе информации за осомничениот во четврток.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Индонезија
Земјотрес со интензитет од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди индонезискиот остров Суматра во близина на покраината Ачех, соопшти геофизичката агенција на земјата, пренесе Ројтерс.
Земјотресот бил на длабочина од 10 километри и нема потенцијал за цунами.

