Регион
Албанската дијаспора има план да заземе дипломатска мисија на Србија

Српското министерство за надворешни работи поседува информации за плановите на албанската дијаспора во САД или Европа за заземање на една од дипломатските мисии на Србија во странство со цел да се издејствува Белград да се откаже од судскиот прогон на поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај, кој минатата седмица беше уапсен во Франција по меѓународна потерница што ја издадоа српските власти, тврди во понеделникот шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ.
Во четвртокот 12-ти јануари се очекува заседание на судот во Франција во врска со поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај. Тој минатата среда беше уапсен на францускиот аеродром Базел-Мулуз-Фрајбург по потерницата на Србија којашто го товари за воени злосторства извршени врз Срби во текот на војната 19980/1999 година во поранешната српска покраина Косово и Метохија, којашто од 2004 година е издадена во Интерпол. Белград од француските власти бара екстрадиција на Харадинај, а Приштина и Тирана вложија протести.
„Располагаме со информации за плановите на албанската дијаспора за заземање на едно од нашите дипломатски претставништва во САД или во Европа со цел да се принуди Србија да се откаже да му суди на Харадинај. За ова се информирани полициите и безбедносните служи на тие држави и сите наши конзуларни и дипломатски мисии и даден им се инструкции за преземање мери за превентивна заштита“, го цитира Ивица Дачиќ службата за односи со јавноста при српското министерство за надворешни работи.
Шефот на српската дипломатија во писмената изјава истакнува дека „тоа покажува на што сé се подготвени албанските политичари, па дури и на тероризам“, пренесува Танјуг.
Претходно Дачиќ укажа дека изјавата на албанскиот премиер Дитмир Бушпати за преиспитување на дијалогот меѓу Приштина и Белград, покажува дека „суштината на албанската политика е дека злосторствата против Србите се дозволени и оти дијалогот е само цел за натамошно афирмирање на косовската независност“.
Истакнува и дека Србија е за конструктивен дијалог, но не се плаши и не дозволува никој да ја условува и понижува. Дачиќ порачува и дека Србија нема да се откаже од судското гонење на Харадинај, како и на другите кои сториле злосторства кон српските државјани.
Српските власти сакаат да му судат на Харадинај и издадоа меѓународен налог за апсење врз основ на кој накусо беше уапсен во јуни 2015 година кога минуваше низ Словенија. Го обвинуваат дека во текот на судирите со српските сили неговата единица „Црни орли“ го контролирале пограничниот регион со Албанија, која според Белград измачувала и егзекутирала повеќе десетици српски цивили чиишто тела се најдени во близина на езерото Радоњич, во областа Дечани, во северниот дел на поранешната јужна српска покраина.
Харадинај во декември 2004 година беше избран за премиер на Косово, но по сто дена мораше да поднесе оставка за да одговара пред Хашкиот трибунал. Sегашниот челник на косовска опозиција против кој Меѓународниот суд за воени злосторства извршени на територијата на поранешна Југославија во Хаг водеше процес за воени злосторства сторени во судирот 1998/1999 година, беше ослободен во 2008 откако му беше судено по 37 обвинувања и потоа повторно ослободен на апелациониот суд во 2012 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Бугарија и Романија на сила црвен метео аларм поради обилни дождови

Во Бугарија и Романија на сила е црвен метео аларм поради обилни дождови. Обилните дождови продолжија да ја погодуваат Бугарија, што доведе до затворање на патишта, прогласување црвен метео аларм во неколку области, а 51 населено место останаа без електрична енергија поради бурата. Надлежните органи го интензивираат надзорот над сите мостови и инфраструктура што е потенцијално оштетена од поплавите, пишува денес „Новините“. Службениците предупредија дека секоја локација што е изложена на ризик ќе биде веднаш затворена.
Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни, да избегнуваат патувања и да ги следат упатствата на надлежните служби. Бугарскиот национален институт за метеорологија и хидрологија прогласи црвен метео аларм, највисоко ниво на предупредување, за осум области каде што се очекуваат повеќе од 65 литри дожд на квадратен метар, пренесува Танјуг.
Во исто време, властите објавија дека Бугарија ќе побара помош од Европскиот фонд за солидарност за погодените места поради предизвиканите штети.
Метеоролозите во Романија денес го продолжија црвениот временски аларм поради предвидените обилни врнежи од дожд за пет области и градот Букурешт со можност за врнежи до 140 литри на квадратен метар.
Според најновото предупредување на Романската национална метеоролошка управа (ANM), од 21 часот на 7 октомври до 15 часот на 8 октомври се очекуваат обилни врнежи од дожд во неколку области, пишува романската новинска агенција Аѓерпрес.
Фото: принтскрин
Регион
Убиен судија на Апелациониот суд, во судница во Тирана

Судијата Астрит Каљаја беше убиен денес во Апелациониот суд во Тирана додека траеше рочиштето.
Напаѓачот, засега непознат, влегол во судницата и го застрелал Каљаја, кој бил однесен во болница каде што му била пружена медицинска помош, објавува „Албанија пост“.
На местото на настанот, според медиумот, има бројни полициски сили, кои веднаш го уапсиле осомничениот сторител, а како што се наведува, идентитетот на напаѓачот и мотивите на нападот засега се непознати.
Судијата Астрит Каљаја служел со години во албанскиот судски систем, а неодамна во Апелациониот суд во Скадар.
Тој го поминал процесот на верификација во 2019 година, каде што бил потврден на функцијата од Независната квалификациска комисија, а потоа и од Специјалниот жалбен панел во 2022 година.
Фото: принтскрин
Регион
Пронајдени се телата на браќата од Хрватска во словенечките Алпи

Словенечките планински спасувачи ја продолжија својата акција утрово под врвот Тошќ, во Јулиските Алпи, каде што вчера лавина затрупа тројца хрватски планинари.
Исчезнатите лица, по кои се трагаше од вчера, за жал се пронајдени мртви, објавува словенечки 24ur. Како што неофицијално дознава словенечкиот медиум, двајца од нив биле браќа.
„Ги пронајдовме двајцата – едниот беше закопан околу еден метар во снегот, а другиот околу метар и пол. Првиот успеавме да го транспортираме во долината со хеликоптер, додека сè уште чекаме транспорт за вториот. Самиот терен е многу тежок бидејќи е карпеста, стрмна клисура со бројни карпести скокови, што ја направи работата опасна и тешка за спасувачите. За жал, ќе кажам дека сите тројца планинари што ги пронајдовме во лавината починаа. Им изразувам искрено сочувство на нивните семејства“, рече тој.