Европа
Путин, Порошенко и Меркел разговараа за примирјето и Дебалцево

Прашањата во врска со почитувањето на договорениот прекин на огнот, повлекувањето на тешкото вооружување, како и состојбата во Дебалцево, и другите мерки за постигнување мир на југоистокот од Украина, беа дискутирани во текот на телефонскиот разговор меѓу дел од челниците на ткн „нормандска четворка“, односно рускиот, украинскиот и францускиот претседател, Владимир Путин, Петро Порошенко и Франсоа Оланд, и германската канцеларка Ангела Меркел, кои на 12-ти февруари во белоруската престолнина Минск ги договорија мерки за надминување на украинската криза, објави Кремљ.
Според договорот по маратонските 16-часовни преговори, четворицата челници треба да одржуваат постојани контакти со цел да се следи исполнувањето на мерките предвидени со Минската спогодба или решавање на проблемите кои може да се појават на теренот, меѓутоа разговорот ноќта кон вторникот минал без учество на францускиот претседател.
Како што соопшти Елисејската палата, францускиот претседател Франсоа Оланд претходно доцна вечерта во понеделникот разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел и со украинскиот претседател Петро Порошенко.
„Изразија загриженост поради продолжување на борбите во Дебалцево. Исто така, изразија желба на набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да им се овозможи слободен пристап за својата работа на теренот на објективен начин“, соопшти кабинетот на Оланд.
ОБСЕ во неделата соопшти дека рускојазичните бунтовници одбиле на нејзините набљудувачи да им овозможат пристап кон градот Дебалцево во кој околу осум илјади украински војници се наоѓаат во опкружување.
Проруските бунтовници појаснија дека главниот пат кон Дебалцево е миниран од страна на украинската армија, а еден од командантите на силите на самопрогласената Народна република Донецк, Едуард Басурин, изјави дека поради постојаното гранатирање од страна на украинските сили, приодот кон градот е небезбеден.
Додаде и дека на украинските сили им оставиле ткн „зелен коридор“ за повлекување кон внатрешноста на Украина. Киев тврди дека овој град, која е важен железнички јазол во источните региони треба да го контролира украинската војска, бидејќи во моментот на потпишувањето на договорот тој беше под контрола на неговите сили, додека бунтовниците тврдат дека Дебалцево се наоѓа длабоко во територијата којашто ја контролираат тие, која според една од одредбите на договорот од Минск ќе добие специјален статус и поголема автономија.
Кремљ подоцна соопшти дека во телефонскиот конференциски разговор меѓу Путин, Порошенко и Меркел била разгледана реализацијата на договорените мерки од Минск, односно „почитувањето на прекинот на огнот, повлекувањето на тешкото оружје од страна на двете завојувани сили, и особено состојбата во областа на Дебалцево“, без да се навлегува во поединости за разговорите и позициите на тројцата челници.
Се додава само дека соговорниците размениле мислење за улогата на набљудувачите на ОБСЕ во тековната фаза од спроведувањето на договорот од Минск./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Осумнаесет општински службеници во Истанбул завршија во затвор

Турски суд затвори 18 службеници на градската власт во Истанбул поради обвиненија за корупција продолжувајќи ја репресијата против опозицијата поради која беше затворен и градоначалникот Екрем Имамоглу.
Имамоглу, главен политички ривал на претседателот Ердоган и водечки на анкетите, беше затворен во март во очекување судење по обвиненијата за корупција. Тој се соочува и со обвиненија за помагање терористичка група.
Градоначалникот ги негира сите обвиненија, а неговото апсење ги предизвика најголемите протести во Турција во последната деценија, економски превирања и обвинувања за политизирано судство. Владата ги отфрла овие тврдења и вели дека судството е независно.
НТВ објави дека 34 од 52 лица приведени за време на викендот биле ослободени со кауција. Турските медиуми пред четири дена објавија дека властите привеле десетици вработени во општина Истанбул како дел од правните истраги насочени кон Имамоглу проширувајќи ја репресијата против опозицијата, која почна кон крајот на минатата година.
Меѓу приведените се генералниот секретар, началникот на кабинетот на Имамоглу и претседателот и заменик-претседателот на Управата за водоснабдување и канализација.
Европа
Шведската полиција уапси осомничен за пукањето во кое загинаа три лица

Шведската полиција објави дека привела осомничено лице по пукањето во кое загинаа три лица во градот Упсала во вторникот.
Лицето е осомничено за убиство и е едно од неколкуте лица што се испрашуваат како дел од истрагата, изјавија полицајци за новинарите.
Пукањето се случило во фризерски салон во Упсала, додадоа тие.
Полицијата соопшти дека инцидентот се смета за изолиран и не е поврзан со големите прослави на Валпургиската ноќ, што се очекуваат во Упсала в среда.
Европа
Русите ги нападнаа Харков и Днепар со беспилотни летала: едно лице загина, 46 повредени

Роеви руски беспилотни летала ги нападнаа украинските градови Харков и Днепар доцна синоќа, при што загинаа најмалку едно лице, а најмалку 46 беа повредени, соопштија официјални лица.
Харков, кој се наоѓа на североисток, во близина на руската граница и е втор по големина град во Украина, е цел на редовни руски напади со беспилотни летала и ракети откако Москва ја започна својата тотална инвазија пред повеќе од три години. Во нападот врз градот доцна синоќа се повредени најмалку 46 лица, меѓу кои две деца и една бремена жена, соопшти регионалниот гувернер Олех Синехубов.
Нападите се случија откако САД, кои се обидоа да посредуваат во мировен договор меѓу Русија и Украина, изјавија дека ќе се повлечат како посредник доколку Москва и Киев не излезат со конкретни предлози.
Завчера, рускиот претседател Владимир Путин прогласи тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници во Втората светска војна, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итен прекин на огнот во траење од најмалку 30 дена.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека вчера биле цел на напади неколку делови од градот, кој бил опустошен од последователни напади. Харков е дом на околу 1,2 милиони луѓе, во споредба со речиси 2 милиони пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. „Врз Харков беа извршени 16 напади. Беше погодена висока станбена зграда, како и приватни куќи, медицински објект и цивилна инфраструктура“, напиша Терехов на Телеграм.
Во југоисточниот град Днепар, беспилотни летала предизвикаа пожари, при што загина 53-годишен маж, а уште едно лице беше повредено, изјави Серхиј Лисак, гувернер на регионот Днепар.
„Тешка ноќ за Днепар. Приватни куќи беа оштетени“, напиша Лисак на Телеграм. Тој рече дека девет руски беспилотни летала биле уништени над регионот преку ноќ. Целосниот обем на ноќниот напад врз Украина не е познат. Двете страни негираат дека гаѓале цивили. Во масовен руски напад со беспилотни летала врз Днепар минатиот месец загинаа четири лица и предизвика голем пожар во хотелски и ресторански комплекс и други згради.