Црна хроника
Запленети стари монети, девизи, ловечка муниција, цигари, лекови и облека
Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани стари монети, девизи, ловечка муниција, цигари, опрема за тетовирање, лекови, облека, мотоцикл, автоделови, козметички средства, бижутерија, мобилни телефони и таблет уреди, електромотори, ореви и фалсификати. Покрај тоа откриен е и еден обид за криумчарење марихуана и психотропни печурки.
Во два одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики се откриени 753 стари монети и 4.600 швајцарски франци. Во првиот случај, при контрола на багажот на македонска државјанка, која имала намера да отпатува со лет за Дубаи откриени се 753 стари монети.
Аеродромската служба за рентгенска контрола забележала сомнителни предмети во багажот на патничката, по што се повикани царинските службеници. При преглед на багажот, помеѓу личните работи на патничката пронајдена е кеса полна со стари монети со различно потекло и старост, кои според стручно мислење на експерти од Музејот на Македонија не претставуваат културно наследство на Република Македонија, но може да имаат значителна нумизматичка вредност.
Во вториот случај, при контрола на рачниот багаж на македонска државјанка која допатувала со лет од Цирих, во паричник и во плик се пронајдени вкупно 16.600 швајцарски франци. Согласно законските прописи, на патничката и биле вратени 12.000 швајцарски франци (противвредност на 10.000 евра), износ што може слободно да се внесе во државата, додека 4.600 швајцарски франци се привремено задржани.
Во три одвоени случаи биле откриени 101 патрони за ловечко оружје, при обид на тројца патници да ги внесат во државата. Во првиот случај, на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, во кеса сместена во фиоката за документи, мобилните царински тимови открија 50 парчиња ловечка муниција.
Во вториот случај, на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Базел, пронајдени се 45 патрони ловечка муниција.
Во третиот случај, на граничниот премин Свети Наум, при контрола на патничко возило со грчки регистарски таблички, управувано од грчки државјанин, во фиока помеѓу возачкото и совозачкото седиште се откриени 6 парчиња ловечки куршуми.
Во четири одвоени случаи, два од страна на мобилните царински тимови и два случаи на скопскиот аеродром Александар Велики, биле откриени 189 штеки цигари. Од страна на мобилните царински тимови се откриени вкупно 137 штеки цигари. Во првиот случај, при контрола на автобус со турски регистарски таблички, управуван од косовски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Деве Баир, пронајдени се 105 штеки цигари, од кои 55 штеки со косовски акцизни маркички и 50 штеки без акцизни маркички.
Непријавените цигари се пронајдени позади фрижидерот, во делот наменет за алат што се наоѓа позади седиштето на возачот и во просторот за багаж на возачите. Во вториот случај, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат, откриени се 32 штеки цигари марка 57 и Monte Carlo со македонски акцизни маркички. Цигарите се пронајдени во внатрешноста на потпирачот на задното седиште и во внатрешноста на резервната гума на возилото.
На скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на двајца патници пријавени за излез од државата откриени се вкупно 52 штеки цигари со македонски акцизни маркички.
Во првиот случај, при контрола на чекираниот багаж на шведски државјанин кој имал намера да отпатува за Стокхолм, откриени се 29 штеки цигари Marlboro Gold, West Silver и West red, додека во вториот случај, во чекираниот багаж на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Лондон, пронајдени се 23 штеки цигари Winston blue.
На граничниот премин Табановце автопат бил откриен обид за криумчарење четири грама марихуана и печурки со присуство на психотропна супстанца ЛСД. Во неделата вечер за излез од државата се пријавил автобус со германски регистарски таблички сопственост на компанија од Германија, управуван од германски државјанин, во кој биле присутни уште совозачот и две патнички, сите германски државјани.
На прашање на царинските службеници, сите изјавиле дека немаат што да пријават за царинска контрола, по што било пристапено кон детален преглед на автобусот. Притоа, позади возачкото седиште, во кожна футрола се пронајдени две зипер кесички со околу четири грама зеленкаста растителна материја, за која со помош на тестер на дрога било утврдено дека се работи за марихуана. Автобусот бил прегледан и со помош на царинско куче, при што во горниот дел од истиот, поточно на вториот кат од креветот, под јорганска прекривка, е пронајдена стаклена тегла со четири печурки, во кои, со помош на тестер на дрога, било утврдено присуство на психотропна супстанца ЛСД./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен жител на Богданци за убиство на сопствената мајка
Полицијата уапси 39-годишен жител на Богданци, осомничен за убиство на сопствената мајка.
Според информациите од МВР, денеска во Полициската канцеларија Богданци, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода П.С.(39) од Богданци.
На 11.01.2026 околу 21:00 часот во стан во кој престојувале дошло до расправија помеѓу П.С. и неговата мајка М.С.(58) од Богданци, која преминала во физичка пресметка во која П.С. со остри предмети и нанел убодни рани на М.С. во пределот на главата.
Од здобиените повреди М.С. починала, а смртта е констатирана и од лекар од Итна медицинска помош Гевгелија.
На 12.01.2026 година во 07:05 часот во Полициската канцеларија Богданци П.С. сам го пријавил делото. Увид на местото изврши јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и екипа од ОВР Гевгелија.
По наредба на обвинител телото на починатата е предадено на обдукција, а против сторителот во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава под сомнение за сторено кривично дело „убиство“.
Црна хроника
Пронајдени и одземени 220 таблети во пакет за осуденик во затворот Идризово
На 11 јануари 2026 година во 15:00 часот во СВР Скопје, од Казнено-поправна установа Затвор Идризово било пријавено дека околу 12:30 часот, при извршен претрес на пакет наменет за осудено лице А.Н. (39) од Скопје, биле пронајдени и одземени 220 таблети.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Инцидент во трговски центар: две жени меѓусебно се пријавиле за физички напад
На 11 јануари 2026 година во 13:10 часот во СВР Скопје, С.К.П. (41) пријавила дека околу 12:20 часот во трговски центар на подрачјето на Центар била физички нападната од М.Д. (56).
Според пријавата, со М.Д. било и едно машко лице кое ја снимало С.К.П. со мобилен телефон.
Од полицијата информираат дека и М.Д. поднела пријава, во која навела дека била физички нападната од С.К.П.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

