Свет
Ирачките сили ослободија владина зграда во Мосул, минаа мост на Тигрис
Силите на ирачката влада во петокот ја ослободиле од џихадстите на ултрарадикалната сунитска организација Исламска дражва главната владина зграда во вториот по големина град во земјата Мосул, административен центар на покраината Нинева, изјави помошникот на министерот за одбрана на САД за меѓународна безбедност Елиза Слоткин, а ирачките медиуми објавија дека безбедносните сили продреле и на територијата на тамошниот универзитет во северниот дел од градот, каде е последното силно упориште на џихадистите во Мосул.
„Штотуку ја добив информацијата дека ирачките безбедносни сили напредувале кон административната зграда на гувернерот на покраината Нинева. Над зградата на покраинската влада е развиорено ирачкото знаме“, изјавила Елиза Слоткин, според која станува збор за симболички важна победа и голем успех во операцијата за ослободување на Мосул, пренесува агенцијата РИА.
Истовремено ирачката телевизија al-Sumariah пренесе дека специјалните единици на ирачките безбедносни сили водат борби во кампусот на универзитетот во Мосул и заземале голем број објекти во комплексот. Универзитетскиот кампус служел како база на џихадистичките терористи, кои, наводно, во тамошните лаборатории произведувале хемиско оружје, се додава во извештајот.
Покрај тоа, припадниците на Елитните антитерористички сили (CTS) во петокот го заземале и „Мостот на слободата“. кој е еден од четирите поважни кои преку реката Тигрис го спојува западниот и источниот дел на Мосул, и симболично го истакнале ирачкото знаме. Телевизијата al-Sumariah пренесе дека џихадистите имале план да ги кренат во воздух сите мостови за да го спречат напредувањето на ирачките сили. Нејасно е под кои околности овој мост не бил урнат.
Челникот на операциите за враќање на контролата врз покраината Нинева (Ниневија – Најнива), Абдул-Амир Јар-Алах, објави дека се ослободени и станбени комплекси, како и други владини објекти во административниот покраински центар.
Ирачки извори, исто така, рекле дека и квартот ал-Садријах, на западниот брег од Тигрис, е под контрола на владините трупи. Изворите додале дека најмалку 90 џихадистички борци се убиени и две борбени возила се уништени во судирите во петокот на источниот брег.
Операцијата за ослободување на северниот ирачки град Мосул, кој од летото 2014 година е под контрола на Исламската држава и дефакто претставуваше „престолнина“ на нејзиниот „калифат“ прогласен на териториите во Ирак и соседна Сирија, започна во октомври 2016 година. Во тешките борби терористите загубија многу населби на истокот од Мосул, но западниот дел на спротивниот брег од Тигрис уште е под нивна контрола. Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади изјави дека ќе бидат потребни најмалку уште три месеца да се извојува целосна победа над Исламската држава./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.
Свет
Ученик пукал во училиште во Русија
Ученик од деветто одделение отворил оган со воздушна пушка во една гимназија во Уфа, најголемиот град во Република Башкортостан во Русија, потврди гувернерот на таа република Радиј Хабиров.
Според неговите зборови, во инцидентот немало повредени, а малолетниот напаѓач бил приведен. Како што пренесува руската агенција ТАСС, безбедносните служби веднаш реагирале, а состојбата во училиштето била ставена под контрола.
Хабиров наведе дека нема опасност за учениците и наставниот кадар и дека во моментов се утврдуваат сите околности поврзани со настанот.
Европа
Сојузник на Зеленски: Украинскиот народ е исцрпен, победа е запирање на војната
Висок политички сојузник на украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на мировен договор што ќе ги стави луѓето пред територијата.
Изјавата доаѓа пред големата конференција во Украина во четврток, на која ќе се соберат гувернери и градоначалници за да разговараат за условите за мир со Русија.
Виталиј Ким, гувернер на Николаевската област и едно од имињата во подем во украинската политика, предводеше огранок на партијата „Слуга на народот“ на претседателот Зеленски на изборите во 2019 година и беше назначен за регионален гувернер од Зеленски во ноември 2020 година, објавува „Индипендент“.
Ким зборуваше пред Форумот на градовите и заедниците на фронтот во 2026 година, каде што локалните лидери ќе се обидат да се договорат што очекуваат од мировниот договор, нагласувајќи ја подготвеноста да се префрли фокусот од граничните спорови на безбедносните гаранции. Запрашан за неговите приоритети во мировниот план поврзан со Доналд Трамп, гувернерот Ким рече: „Земјата е важна, но луѓето се поважни, а ситуацијата е таква што не знаеме што носи утрешниот ден“.
Ким призна дека перцепцијата за победата се променила под тежината на долготрајниот конфликт. „За мене лично, победата се нашите граници од 1991 година, среќни луѓе кои не умираат, но сите се многу уморни“, изјави тој.
„Затоа, за украинскиот народ, мислам дека победата е едноставно запирање на војната и добивање безбедносни гаранции за иднината, за нашите деца да можат да го имаат животот што го имавме пред инвазијата. Верувам дека за повеќето од нашите луѓе, победата е враќање во животот каков што беше порано. Ова е исклучително важно за нас бидејќи помина долго време.“

