Свет
Поддржувач на републиканците „копал“ по компромитирачки материјали за Трамп
Приврзаник на Републиканската партија ангажирал приватна фирма за соборање компромитирачки материјали за сега избраниот американски претседател Доналд Трамп уште во 2015 година, кога тој решил да се кандидира за претседателска номинација, пишува весникот The New York Times.
„Богат републикански донатор, кој бил противнички настроен против Трамп, со сопствени пари ја ангажирал истражувачката компанија ‘Fusion GPS’ за собирање информации за скандали поврзани со бизнисот на магнатот, како и за неговите слабости“, се наведува меѓу другото во написот на влијателниот њујоршки дневен весник.
Според сознанијата на The New York Times, истражувања во врска со Доналд Трамп, исто така, финансирале и групи и донатори кои ја поддржувале неговата подоцнежна противкандидатка на претседателските избори од Демократската партија, Хилари Клинтон.
Имено, откако станало јасно дека Трамп е најверојатниот кандидат за номинацијата за претседателската должност, републиканците престанале да го финансираат истражувањето на „Fusion GPS“, но нивната иницијатива веднаш ја пресретнале демократите поддржувачи на Клинтон. Затоа тимот на Симпсон продолжил да работи на вадењето „валканици“, само менувајќи го клиентот.
Собирањето на информациите започнало во септември 2015 година, кусо време откако Трамп објави дека ќе учествува на претседателските избори. Тогаш на чело на компанијата „Fusion GPS“ бил поранешниот новинар на The Wall Street Journal, Глен Симпсон, кој се прослави на своите истражувања и разобличувачки стории.
Симпсон главно работел со клиенти од бизнис секторот. Во текот на претседателската кампања, „Fusion GPS понекогаш била најмувана“ од кандидати, политички организации и донатори на партиите за извршување „компромитирачки работи“.
„Fusion GPS“, чиешто седиште е во Вашингтон, „со месеци работела на собирање информации за Трамп“, пишува NYT. Во јуни минатата 2016 година Симпсон го најмил да учествува во истрагата поранешниот британски таен агент Кристофер Стил, кусо време по избувнувањето на скандалот со кражбата на доверливата преписка на Националниот демократски комитет (DNC), што официјален Вашингтон го припиша на „руските хакери“ кои дејствувале по налог на Кремљ и објавувањето на тие документи од хакерот познат по прекарот Guccifer 2.0.
Името на овој 52-годишен поранешен припадник на британското разузнавање MI6 се појави во медиумите првпат во четвртокот во врска со објавувањето од страна на порталот BuzzFeed на извештај на 35 страници кој содржи тврдења дека руското разузнавање наводно собирало диксредитирачки информации за Трамп кој на сегашниот и новиот претседател на САД им го предале американските разузнавачки служби. Потоа медиумите открија дека Стил, кој работел како разузнавач во 1990-те во Париз, Брисел и Москва, е коосновач на лондонската компанија „Orbis Business Intelligence“, специјализирана за истраги во деловниот свет.
The New York Times пишува дека подоцна дел од информациите добиени од Стил се заинтересирало и британското разузнавање и американското FBI. Бирото, најверојатно, ги вклучило овие податоци во разузнавачкиот брифинг,во текот на кој според CNN, Трамп бил информиран за наводното поседување на непријатни информации и докази за него од страна на руското разузнавање, додава весникот.
Според сознанијата на телевизијата CNN, многу од важните детали од споменатиот извештај кој го објави BuzzFeed, не се потврдени од Федералното биро за истраги (FBI), каде што пријава и извештајот за Трамп го предал републиканскиот сенатор Џон Меккејн.
Во меѓувреме Трамп на Twitter објави дека BuzzFeed објавил непотврдени информации./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

