Македонија
СДСМ: Помали давачки и бесплатно болничко лекување
СДСМ најавува дека ќе ги насочи сите пари од државата кон граѓаните, за да ги намалат трошоците за живот, секаде каде што е можно, покрај тоа што ќе ги зголемат платите.
„Сиромашните ќе плаќаат помалку, а богатите ќе плаќаат повеќе. Нашата определба е фер даночен систем. Семејствата со најнизок доход ќе бидат целосно ослободени од плаќањето јавни услуги. Се грижиме и за еднородителските семејства. Оние со пониска плата од просечната, ќе бидат ослободени од такса, јавен превоз, општински комунални давачки, давачки за градинка, за основно училиште“, се вели во соопштението.
Најавија и енергетски ваучери за струја и затоплување, за да им помогнат на најзагрозените. Врачање на евтината тарифа на струјата, по два часа евтина струја во текот на денот, а наместо само во недела, евтина струка ќе користат цел викенд.
„За младите, ќе воведеме студентска платежна картичка со попусти за меѓуградскиот превоз и влезници за спортски и културни настани. На пензионерите со ниски примања, кои немаат свој имот и немаат поддршка од семејството, државата ќе им помогне да бидат сместени во старски дом. Ќе воведеме бесплатно болничко лекување за сите, за секој да може болнички да се лекува, ничие здравје да не зависи од тоа дали има пари. Ќе субвенционираме 50 проценти од комуналниот надоместок за индивидуални станбени куќи до 150м2, за да им помогнеме на граѓаните кои имаат потреба од дом“, додаваат од партијата.
Потсетија и на најавените враќања 15 проценти од платениот ДДВ во фискалните сметки и тоа, на крајот на годината ќе значи плата плус во секое семејство.
„За сите граѓани ќе ја укинеме радиодифузната такса, што е уште една давачка помалку за семејствата. Цената на зелениот картон ќе биде намалена, а ќе ги намалиме и судските, адвокатските и извршителските трошоци. Ќе ги намалиме трошоците и на земјоделците, ќе ги ослободиме од плаќање персонален данок оние чија основна дејност е земјоделството. Ќе добиваат и субвенции до 50% за нафта и механизација, за да имаат помали трошоци за производството и да им остануваат повеќе пари во семејниот буџет“, велат од партијата.
Ова се само дел од мерките со кои ќе обезбедат пониски давачки.
„Паралелно ќе ги качиме минималната и просечната плата за граѓаните, платите на лекарите, на наставниците, со што ќе овозможиме за граѓаните достоиствен животен стандард“, велат од СДСМ./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

