Европа
Европски парламент утре ќе избира претседател
Европскиот парламент (ЕП) во вторник во Стразбур ќе бира нов претседател кој ќе го наследи Мартин Шулц, а според процените најголеми шанси за победа имаат двајца Италијанци и еден Белгиец.
Меѓу кандидатите за кои ќе се изјаснат 751 член на ЕП во предност е италијанскиот политичар Антонио Тајани, поранешен портпарол на Силвио Берлускони, оценува AFP и додава дека Европскиот парламент се соочува со бурни избори по распаѓањето на коалицијата на проевропски партии во време на кризата во ЕУ, која се соочува со бран евроскептичен популизам.
Најмалку седум кандидати претендираат за оваа функција – двајца Италијанци, двајца Белгијци, еден Унгарец, и една Британка Жан Ламбер и покрај Брегзитот.
Тајани (63) се кандидира пред Европската народна партија (EPP) на десниот центар – најголема група во парламентот со 751 места., и поради тоа се проценува дека најверојатно ќе победи, наведува француската агенција AFP.
Тајани има солидно политичко искуство. Тој беше комесар на ЕУ за сообраќај од 2008 до 2010 година, а потоа комесар за индустрија 2010-2014. Тоа му помогна „однатре“ да ја согледа работата на Европската комисија.
Тајани влезе во Европскиот парламент во 1994 година. Тогаш тој стана основачки член на партијата Форца Италија на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.
Меѓу кандидатите има и либерал, поранешниот белгиски премиер Ги Верхофстат.
„Во овие несигурни времиња кога Европа е загрозена од националисти и популисти од сите видови, потребни ни се визионери, градители на мостови и компромиси. Јас сакам да бидам еден од нив,“ истакна неодамна Верхофстат објавувајќи ја својата кандидатура.
Тој беше премиер на Белгија девет години од 1999 до 2008. Од 2009 година тој е пратеник во ЕП, каде што го предводи Сојузот на либерали и демократи за Европа (ALDE) четврта по сила фракција во парламентот.
Тој е еден од најгласните заговорници на европски федерализам,а Европскиот парламент во септември минатата година го именуваше преговарач за Брегзит.
Втор Италијанец во трката е Џани Питела од социјалдемократските редови. Иако според претходен договор сегашниот претседател Мартин Шулц, германски социјалдемократ, требаше да го замени некој од EPP, тој договор веројатно повеќе нема да важи откако Питела влезе во трката./крај/мф/вс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

