Скопје
Град Скопје ќе ги донира планираните средства за новогодишната прослава за нов пункт за бездомници
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседалелот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, во средата го посетија Пунктот и Прифатилиштето за бездомни лица, лоциран во Момин Поток им поделија хигиенски пакети, пакети со прехранбени производи и гумени чизми и го најавија новиот проект за проширување на неговит капацитет за кој Градот Скопје ќе ги донира планираните средства за Новогодишната прослава од два милиони денари.
„Сега имаме нов проект од Црвен крст за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица, односно за уште еден контејнер со 16 легла и повеќе туш кабини и јас на следната седница на Советот на Град Скопје ќе предложам средставата во износ од два милиони денари кои беа предвидени за Новогодишната прослава во градот да ги намениме за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица во пунктот во Момин Поток“, истакна градоначалникот Трајановски.
„Градот Скопје во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, континуирано го помага работењето на овој центар, а во 2011 година го отвори Прифатилиште за згрижување и привремено прифаќање на лицата бездомници кое овозможува засолниште, дневен престој со оброк, здравствена заштита, услови за одржување хигиена и други психосоцијални услуги. Бездомниците во овој центар добиваат хигиенски услуги, чисти алишта, берберски услуги, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог и топол оброк. Градот Скопје за набавка на сместувачки капацитети во 2011 година издвои 1.400.000 денари и со отворањето на Прифатилиштето, капацитетите на постојниот Пункт на Црвен крст се зголемија за 60 квадратни метри. Просторот е опремен сo 16 кревети, тоалети, кабина за туширање, чајна кујна и други неопходни средства за функционирање на Пунктот со што може да одговори на потребите на овие лица“, додаде тој.
Пунктот за бездомници на Црвен крст на град Скопје е отворен во 2008-та година, и во текот на работната недела работи во понеделниците кога бездомниците добиваат хигиенски услуги и секој петок кога добиваат и чисти алишта, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог, оброк и топол напиток. Транспортот на корисниците на услуги на пунктот го обезбедува Црвениот крст и тоа од неколку локации во градот и по добиените услуги, бездомниците повторно се враќаат на истата локација.
Прифатилиштето ги нуди своите услуги и во ситуации кога температурите надвор се многу високи или ниски со цел да се згрижат привремено и да се избегне смртноста кај оваа група на граѓани.
Црвениот крст на град Скопје, со поддршка на Град Скопје и годинава од 30-ти декември 2016-та година, поради екстремно ниските температури им понуди 24 часовно згрижување на бездомниците. Изготвен е логистички план кој вклучува ангажиран тим кој функционира 24 часа и е воедно мобилен и спремен да ги преземе бездомниците од местата каде што се лоцирани. Од неговото отворање па до сега секоја зима во прифатилиштето се реализираат акции за згрижување од студен бран кога се сместуваат во просек 20 лица, а во текот на годината заради болест се згрижуваат во просек 5-10 лица.
Градоначалникот Трајановски им се заблагодари на вработените и на волонтерите во Црвениот крст на Град Скопје за нивната посветоност во помагањето на бездомните лица за да им се подобрат условите на живот и за ангажирањето на едно нивно возило за превоз на бездомните лица до Пунктот.
Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска се заблагодари за поддршката на Градот Скопје со помош на која им го олеснуваат животот на бездомните лица.
Бездомниците може да го повикаат тимот од Пункот на телефонскиот број 3139 578 во Дирекцијата на Црвениот крст на град Скопје.
Вкупниот трошок за функционирање на пунктот на годишно ниво изнесува 1.700.000 денари, од кои 500.000 ги обезбедува Град Скопје, а преостанатите се обезбедуваат од буџетот на Црвениот крст на град Скопје, како и од други донатори./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Со песна и насмевки коледарчињата од Кисела Вода во Бадниковата поворка
Со песна, радост и детска насмевка, коледарчињата од Кисела Вода денеска беа дел од Бадниковата поворка. Дарувани со подароци од градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и со Божикни ѕвезди кои претходно ги изработуваа на креативните работилници, тие од Кисела Вода се упатија кон Музејот на Град Скопје, а потоа и кон Плоштад Македонија, пред големата пештера, каде што празничната програма во пресрет на Хистовот раѓање-Божик, продолжи во организација на Град Скопје.

„И покрај дождливото утро, денеска во Кисела Вода силно ја почувствувавме празничната атмосфера и духот на Бадник. Коледарчиња од нашата општина, со песна и насмевки, го најавија Христовото Раѓање и ја продолжија традицијата што со генерации се пренесува и се чува.

Со задоволство ги пречекавме и ги дарувавме дечињата, како дел од обичаите кои нè обединуваат и нè потсетуваат на вистинските вредности: заедништво, почит и грижа еден за друг“, рече градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.

„Заедно продолживме кон Музејот на Град Скопје, а потоа и кон Плоштад Македонија, пред големата пештера, каде што празничната програма продолжи во организација на Град Скопје.

Овие денови нè потсетуваат колку е важно да бидеме заедно, со отворено срце и подадена рака, не само на празник, туку во секој ден од годината.

Од срце им благодарам на дечињата за убавината што ја донесоа во ова утро, како и на нивните родители што ја негуваат љубовта кон обичаите и вистинските животни вредности.

Нека ни е за многу години овој светол празник и нека ни донесе здравје, мир и љубов во секој дом“, изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.

Македонија
(Фото) Герасимовски: Бадник е ден кога ја негуваме традицијата и си подаваме рака едни на други
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на традиционалната прослава пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ упати порака за заедништво, солидарност и хуманост по повод Бадник и Божик.

„Во овие мигови да се потсетиме што си значиме и да си подадеме рака. Да помогнеме таму каде што е најпотребно. Верата и надежта да ни помогнат да се сплотиме и да станеме посилни“, порача Герасимовски.

Тој изрази благодарност до „Здружението за традиционална прослава на Бадник“ за одличната организација и посветеноста во чувањето и негувањето на бадникарските обичаи.

Со здравица и желба за среќни и радосни празници, на скопјани им се обратија новиот бадникарски кум Зоран Кондратенко и здравичарот Јаков Дренковски.

Во присуство на поглаварот на Македонската православна црква Охридска архиепископија, г.г. Стефан, беше извршен чинот на примопредавање на Бадникарскиот ќуп и се освети кумовата погача.

На присутните им беа поделени осветени дабови гранчиња, кои претставуваат симбол на сила, долговечност и издржливост.

Општина Центар и понатаму ќе ја поддржува бадникарската традиција како вредност што ги обединува граѓаните и го чува духот на празникот.
Македонија
(Видео) Пенов: Потребни се итни мерки за загадувањето во Скопје – само оџакот на Цементарница чади колку 10.000 станбени единици
На последната вонредна седница во Советот на Град Скопје посветена на загадувањето во главниот град и неговите причинители, советникот од ЛДП, Ристо Пенов, изјави дека тој, лично стравува дека и вонредната седница ќе помине како досега, во општи констатации и неверување дека нешто навистина може да се промени, додека искуствата во светот говорат дека големи промени се можни и тоа со не толку многу средства.
„Ние откако го донесовме заклучокот за Цементарница Усје, иако е тој премногу општ, се рашири еден дефетизам, ‘кој тоа може, чини многу’… па ние само да ги прашаме сопствениците на Цементарница Усје како им ги затворија во нивната држава цементарите и колку им платија? Кога ние ќе си ги поставиме условите што се потребни, тогаш тие самите се повлекуваат. Мора да почнеме од фактот дека во 2025 година никој со мал прст не мрдна за загадениот воздух во Скопје. Ниту градот Скопје, ниту институции, ниту владата, никој ништо не направи со било каков ефект и затоа е состојбата ваква каква што е“, изјави Пенов.
Тој додаде дека „мора да признаеме после последната прес конференција на Државниот инспекторат за животна средина дека таа институција не е сојузник во нашата битка, затоа што тие констатираа дека е сѐ во ред“.
„Неколку казни напишаа, не ни кажаа што и како нѐ загадило, од што да се штитиме… плус тоа, ни кажаа и дека не си ја работат работата. Конкретно, додека цело Скопје врие околу Цементарница, државниот инспектор бил во 2 инспекции во Цементарница, на 18.11 и на 20.12. Четириесет дена за 2 инспекции кога градот се гуши и кога сите факти говорат дека во Цементарница се гори и петрол бокс и увезено ѓубре од непознат квалитет, можеби со документи, но на нашата царина кој може да ѝ верува?“, прашува Пенов.
Град Скопје исто така има вработен инспектор за животна средина, кој бил во една инспекција на Цементарница, само на 18.11.
„Ние овде правиме вонредни седници, носиме вонредни заклучоци, тој не најде за сходно да нѐ информира што видел и што гледа кога оди во Цементарница. Или да побара совет, да му кажеме што да види. Затоа што не мора многу високо на Водно да се качи, гледате дека тој оџак чади колку 10.000 станбени единици што не можат да зачадат и формира еден црн талог, најпрво низ Лисиче и покрај реката Вардар, а потоа тоа се распоредува и во центарот на Скопје. И ние на тоа ќе молчиме и ние тоа ќе го прифатиме и ние само ќе констатираме низ некакви заклучоци; или сме и ние некаков орган, некаква власт и можеме нешто да преземеме или да се изјасниме и да побараме некој да го преземе што е надлежен во наше име“, вели Пенов.
Советникот Пенов посочува дека Советот исто така има и свои задачи кои сѐ уште не ги исполнува.
„На 25 декември донесовме Буџет и ставивме ставка „филтри за оџаци“. Имаме нешто преземено? Ќе речеме ај, краток период, празници, во ред. Но Скопје гори. Скопје е под пожар. Тоа можеби не може туку така да се набави, дури јас и не знам дали постојат такви филтри на домашниот пазар. Но, да преземеме нешто. Кој ќе ги монтира тие филтри? Тие луѓе што од социјални причини горат сѐ и сешто да стават филтри? Па да потрошат уште 1000-2000 денари за мајстор? Тоа е мисловна именка и тоа мораме ние да го направиме. И мора да определиме од таа сума колку за монтажа, колку за набавка?… да направиме тендер, сигурно треба, од Бирото итна набавка, да видиме кои типови филтри ќе ги набавиме“, вели Пенов и посочува дека времето ги гази и доколку сега се почне, за наредната зима нема да има некаков ефект.
Пенов заклучи дека „потребно е да се има волја за да се дискутира, но треба таа дискусија да има и некаков ефект, затоа што советниците во Советот на Град Скопје ги претставуваат граѓаните кои на нив им дале доверба за да ги променат работите, а не само да дискутираат“.

