Европа
Уште четири лица извлечени од затрупаниот хотел во Италија

Уште четири лица се извлечени живи во текот на ноќта кон саботата од под урнатините на хотелот „Rigopiano“ во централна Италија кој во средата вечерта беше затрупан од лавина, а за жал се извлечени и две тела на загинати жени, пренесуваат локалните медиуми.
Со тоа, бројот на жртвите вкупно се искачи на пет, а уште се трага по други евентуално преживеани. Претходно во петокот беа спасени една жена и четири деца.
Според процените, во моментот на несреќата имало 34 луѓе, 22 туристи, осум членови на персоналот и четворица гости.
Спасувачките екипи работат деноноќно во потрага по исчезнатите во хотелот кај местото Фирандола. Во моментов властите ги објавија бројките за 11 преживеани, девет извлечени од урнатините и две лица кои ноќта ги спасила судбината излегувајќи на паркингот до нивните возила, има пет жртви чии тела се извлечени, а 23 лица се водат како исчезнати, пренесува агенцијата Ansa наведувајќи ги податоците од локалните власти.
Пожарникарите изјавиле дека добиле „и други сигнали од под купиштата снег и останки од хотелот“ кој беше поместен за десет метри од основната структура, и оти тие е се проверуваа. Звуците што ги слушнале можеби потекнуваат од преживеани, но и од движење на предмети кои се движат под тежината на снегот.
Лавината е покрената по четирите силни земјотреси со магнитуди меѓу 5,1 и 5,4 степени кои во средата ја погодија централна Италија. Хотелот „Rigopiano“ на масивот Гран Сасо е оддалечен 90 километри од епицентарот на потресите во Монтереале, селце близу Аматриче, уништен во разорниот земјотрес од август минатата 2016 година.
Веднаш беше издадено предупредување од лавини за целата област со кој доминира величествениот 2.912 метри висок Гран Сасо.
Оваа област е преполна со мали хотели и скијачки терени кои се особено популарни меѓу жителите на Рим и на урбаните центри на источниот италијански брег./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин потпиша мобилизација, вика најмногу луѓе во војска во последните 10 години

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за пролетна мобилизација, со кој се наредува регрутирање на 160.000 граѓани на воена служба во периодот од 1 април до 15 јули, јавуваат агенциите.
Во армијата ќе бидат повикани 160.000 руски државјани на возраст од 18 до 30 години, што е за 10.000 повеќе од лани и најголем број регрути во последните десет години.
Путин и овој пат вети дека регрутите нема да бидат испратени на бојното поле. Но, имаше и претходни случаи на заробени и убивани регрути за време на нејзината „специјална воена операција“ во Украина, како што Кремљ ја нарекува својата тригодишна инвазија на Украина.
Европа
Полска потпиша договор со САД во вредност од 2 милијарди долари

Полска потпиша договор со САД во вредност од 2 милијарди долари за програма за „повеќеслојна противвоздушна одбрана“, соопшти полското Министерство за одбрана.
Варшава презеде неколку мерки за зајакнување на својата национална одбрана од почетокот на руската целосна инвазија на Украина. Земјата редовно ги подигнува своите борбени авиони и ги активира единиците за противвоздушна одбрана поради руските напади во близина на нејзината граница.
Договорот со САД беше финализиран на 31 март и вклучува испорака на опрема за противвоздушна одбрана и логистичка поддршка за системите Патриот, објави полското Министерство за одбрана.
„Потпишувањето на договорот е потврда за долгогодишната и интензивна соработка меѓу Полска и САД на полето на безбедноста“, изјави полскиот премиер Доналд Туск.
Европа
(Видео) Украинците објавија снимка: „Со беспилотно летало уништивме моќен руски дрон во лет“

Украинските сили соборија руски повеќенаменски дрон Zala Kub со помош на беспилотно летало FPV, а снимката од акцијата беше споделена на социјалните мрежи од украинскиот волонтер Серхи Стерненко, пренесува „Милитарњи“.
„Таквото летало можеше да предизвика голема штета, па затоа е одлично што беше уништен во воздух“, рече Стерненко.
Zala Kub е дизајниран за прецизни удари на копнени цели – кога ќе ги открие, вертикално навлегува и исфрла експлозивен товар на горниот дел од возилото, каде што тенковите и оклопните возила се најранливи поради нивниот потенок оклопен слој.
Ова беспилотно летало е развиено од рускиот концерн „Калашников“, а првпат беше прикажано во 2019 година на меѓународната воена изложба IDEX во Обединетите Арапски Емирати.
Украина долго време користи беспилотни летала FPV како пресретнувачи за уништување руски летала. Ваквите дронови, во зависност од опремата, како дневни и термални камери, чинат меѓу 1.600 и 2.500 долари. Тие може да летаат со брзина до 160 километри на час, да имаат дострел до 35 километри и да останат во воздухот до еден час.