Европа
Бројот загинати во лавината во Италија достигна 17 луѓе

Бројот на загинатите под снежната лавина во италијанскиот хотел „Rigopiano“ крај местото Фирнадола на планинскиот масив Гран Сасо во централна Италија во вторникот вечерта се зголеми на 17 луѓе.
Спасителите во вечерните часови во вторникот го извлекле телот на една жена. Претходно во вторникот во текот на денот беа извлечени шест тела на настрадани. Според новинската агенција ANSA, во моментов бројот на исчезнатите е 12 лица.
Спасени се 11 луѓе, од кои четири деца, вклучително и двајцата мажи кои кобната ноќ минатата среда во време на уривањето на лавината биле надвор од хотелот и се засолнале во нивните возила.
Во понеделникот беше прокопан нов пат низ девастираниот хотелски комплекс во напорите да се најдат евентуални други преживеани, а сé погласно се поставува прашањето дали трагедијата можела да биде избегната. Спасувачите настојуваат да продрат до централниот дел од хотелот надевајќи дека таму би можел да се создаде ткн „воздушен џеб“ и да има преживеани.
На интернет започна да кружи електронска порака која управата на хотелот им ја испратила на властите барајќи помош, само неколку часа пред катастрофата. И покрај тоа што не е споменато стравување од лавина, се опишува дека кај гостите расте паниката кои поради многу силните снежни врнежи останале блокирани, кога четирите силни земјотреси претходно го погодија истиот регион.
Минатата среда вечерта, голема лавина испровоцирана од четирите силни земјотреси кои претходно истиот ден ја погодија централна Италија, целосно го затрупа и урна хотелот кој се наоѓа во регионот Абруцо.
Според процените на експертите, врз хотелот се урнале 120.000 кубни метри снег, кои налетале на објектот со брзина од 100 километри на час./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски објави колку заработил лани: приходите му се зголемени во однос на 2023 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави декларација за имотот, приходите, трошоците и финансиските обврски на неговото семејство за 2024 година.
Системот на задолжителни електронски изјави за имот за јавни службеници беше воведен во 2014 година како дел од борбата на Украина против корупцијата. Откако беше суспендиран на почетокот на војната, Зеленски потпиша закон во октомври 2023 година со кој се вратија задолжителните декларации, пишува Киев Индипендент.
Според последните податоци, приходот на семејството Зеленски во 2024 година бил 15.286.193 гривни (368.556 долари), вклучувајќи 8.585.532 гривни (207.000 долари) од продажба на државни обврзници. Останатите приходи се состојат од претседателската плата, банкарските камати и приходите од издавање на сопствен недвижен имот.
„Зголемувањето на приходите на семејството на претседателот на Украина во однос на претходната година се должи на продолжувањето на целосната исплата на киријата“, соопшти прес-службата.
„Немаше други значајни промени во имотот, недвижниот имот или возилата на семејството на претседателот минатата година“, додаваат тие.
Зеленски и членовите на неговото семејство пријавиле приход од 316.700 долари во 2023 година.
Европа
Единаесетгодишно девојче исчезна откако вчера влегло во реката Темза во Лондон

Единаесетгодишното девојче кое исчезна откако вчера влегло во реката Темза во источен Лондон е именувано како Калија Коа, потврди полицијата.
Калија беше надвор и играше и влезе во реката во близина на аеродромот во Лондон Сити.
Итната помош била повикана на местото на настанот во 13 часот и 23 минути. по локално време, а во потрагата по девојчето се вклучени лондонската Брза помош, пожарникари, крајбрежна стража и спасувачка служба.
Метрополитенската полиција води операција за пребарување и спасување долж Темза.
Ден Кард, началникот на локалната полиција за североисточен Лондон, рече: „Нашите службеници специјалисти го поддржуваат семејството на девојчето во овој исклучително тежок момент, а нашите мисли се со сите погодени од овој настан. Посветени сме на наоѓање на Калија и, работејќи со партнерите, спроведуваме детална потрага на широк простор, користејќи беспилотни летала и чамци“.
Тој им се заблагодари на граѓаните, полицајците и другите служби за итни случаи за брзата реакција и големата операција за пребарување.
Една жена која се обидела да помогне, рече дека стигнала до брегот со појас за спасување, но не можела да го најде девојчето.
Кери Бенаџауд (62) изјави за новинската агенција PA дека децата трчале и викале дека нивната другарка е во реката.
„Ми се јави еден сосед. Тој рече дека повикал полиција и тогаш видел дека нејзините раце исчезнуваат под водата. Кога пристигнав со појасот за спасување, повеќе не ја видов“, рекла таа.
Европа
Мелони застана во одбрана на Ле Пен: „Им се одземаат правата на милиони граѓани“

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска ја критикува одлуката на францускиот суд со која ѝ се забранува на лидерката на екстремната десница, Марин Ле Пен, да се кандидира на претседателските избори во 2027 година.
„Не ги знам деталите за обвиненијата против Марин Ле Пен, ниту причините за ваквата сурова одлука, но мислам дека никој што се грижи за демократијата не може да се радува на пресуда што ќе влијае на лидерот на голема партија и ќе ги лиши правата на милиони граѓани“, рече Мелони во интервју за италијанскиот весник „Ил Месаџеро“.
Мелони, која важи за најмоќниот десничарски лидер во Европа, со оваа изјава застана во одбрана на француската политичарка, која во понеделникот од парискиот суд беше прогласена за виновна за проневера на средства на Европската Унија.
Ле Пен е осудена на четири години затвор, од кои две ќе поминат под електронски мониторинг во домашен притвор, а две години се условни. Покрај тоа, таа е казнета со 100.000 евра и забрана за учество на избори во следните пет години.