Култура
Филмот „Кога денот немаше име“ инспириран од злосторството кај Смилковско езеро на Берлинале
Новиот македонски филм „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска во продукција на „Сестри и Брат Митевски“ кој е инспириран од злосторството кај Смилковско езеро крај Скопје, својата премиера ќе ја има на престижниот Берлински филмски фестивал, како дел од програмата Панорама.
Продуцентката Лабина Митевска од „Сестри и брат Митевски“ вели дека ова е најзрелиот филм на сестра ѝ Теона.
„Како продуцент горда сум што Македонија ќе има филм на Берлин што е голема шест за нашата кинематографија. Нема автор кој не посакува да биде дел од Кан, Берлин или Венеција. Таму конкурираат над 10.000 филмови, а само од регионот над стотина“, рече Митевска.
Берлиналето трае од 9 до 9 февруари, а македонскиот филм премиера ќе има на 14-ти февруари во „Зоо паласт“, салата каде што е свеченото отворање на фестивалот и во која има 780 седишта.
Покрај премиерата, филмот ќе има уште шест проекции. На премиерата ќе присуствуваат режисерката Теона Митевска, продуцентот Лабина Митевска, сценаристот Елма Татараѓиќ и шесте млади главни актери натуршчици, кои се селектирани од над 400 кои се пријавиле за улогите. Во селекцијата Панорама ќе бидат прокажани 51 филм од 43 земји.
„Кога денот немаше име“ е работен во копродукција со со „Вертиго“ од Словенија и „Ентре шиен“ од Белгија и во Берлин ќе има вкупно седум проекции.
Филмот пред две години се снимаше во Македонија, а во него играат главно млади момчиња кои беа бирани на кастинг. На страната на филмот сега се открива дека се работи за случајот кога „денот пред Велигден во 2102 беа најдени застрелани четворица тинејџери кои беа на рибарање, крај езеро близу Скопје. Нацијата беше шокирана, во јавноста се ширеа шпекулации“, а авторката вели оти е ова филм за „земја каде што животот може одеднаш да прекине, како и што се живее“.
Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на РМ со 30 милиони денари (500.000 евра).
Копродуценти на филмот се продукциите од Словенија „Вертиго“ и „Ентре Шиен е Луп“ од Белгија, а доби поддршка и од престичниот европски фонд Еуримаж.
Покрај филмот на Теона Митевска, Агенцијата за филм на годинашното Берлинале ќе биде застапаена и со уште една малцинска копродукција филмот „Реквием за Госпоѓа Ј“ од Бојан Вулетиќ, каде како копордуцент од македонската страна се јавува „Скопје филм студио“.
Ова е трето учество на Теона Струга Митевска на Берлиналето по „Како убив светец“, „Јас сум од Титов Велес“ и „Жената која ги избриша солзите“./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

