Црна хроника
Пресечен синџир на трговија со марихуана Косово-Македонија-Швајцарија
Марихуана од Косово, која преку Македонија, требало да заврши на швајцарскиот пазар, чија вредност би достигнала 300.000 евра, беше запленета од македонските служби.
Одделот за крим полиција–Секторот за недозволена трговија со дрога во заедничка акција со Царинската управа, реализира случај на недозволена трговија со марихуана.
Кон средината на декември во Скопје, во царински склад, од страна на Царинската управа е извршен преглед на товарно возило марка „Сканиа“ со скопски регистарски ознаки, управувано од лицето А.С од Скопје, при што во внатрешноста на пластични прозорски рамки биле пронајдени околу 67 килограми наркотична дрога марихуана. Со акцијата е пресечен меѓународен канал на недозволена трговија со марихуана на релација Косово – Македонија со крајна дестинација Швајцарија.
Од страна на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи извршено е вештачење при што утврдено е дека 29 пластични прозори биле исполнети со пресувана марихуана, со просечна нето маса од два килограми. Запленетата наркотична дрога на нарко пазарот би достигнала цена од околу 300.000 евра.
По преземени мерки и активности утврдено било дека возилото било пријавено за транзит низ Македонија и дека марихуаната била натоварена во Косово, со крајна дестинација Швајцарија.
Во врска со овој случај разменети се информации со косовската служба за борба против дрога, по што од нивна страна, по преземени мерки и активности, е поднесена кривична пријава за недозволена трговија со дрога против три лица./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Струмичанец измамил постари жени со приказна за „итна операција“, приведен со 15.000 евра кај себе
38-годишниот О.В. од Струмица е приведен под сомнение дека учествувал во серија измами на постари лица, користејќи лажна приказна за итни операции на блиски роднини. Кај него се пронајдени над 15.000 евра и 50 швајцарски франци, за кои се верува дека се стекнати со криминални активности.
Според информациите од полицијата во овој град, осомничениот во два случаи успеал да измами 84-годишна и 68-годишна жена од Струмица, а во трет случај бил спречен да ја измами 77-годишна жена. Измамите се случувале преку телефон, каде друго лице ѝ се јавувало на жртвата претставувајќи се како медицински работник. Со тврдења дека е неопходна итна операција на нивна ќерка или снаа, жртвите биле убедени да предадат пари.
Откако ќе се договорел со жртвите, О.В. доаѓал на локациите што му биле кажувани и ги подигал парите. Полицијата го уапсила вчера напладне, а во моментот на приведување биле пронајдени 15.150 евра и 50 франци.
Во службен разговор, О.В. го признал начинот на кој ги извршувал делата. Случајот е пријавен во Обвинителството, и по негово целосно документирање, против него ќе биде поднесена кривична пријава.
Надлежните повторно апелираат до граѓаните, особено повозрасните, да бидат внимателни при телефонски контакти со непознати, да не веруваат во итни приказни без проверка, да не предаваат пари на непознати лица и секој сомнителен случај веднаш да го пријават.
Црна хроника
Двајца млади возачи фатени без дозвола во Струга и Кичево, одземени им се возилата
Во два одделни случаи, полицијата во Струга и Кичево привела млади возачи кои управувале возила без положен возачки испит. На двата инцидента им претходеле рутински контроли во сообраќајот, по што возилата им биле одземени.
На 8 февруари околу 02:55 часот, на регионалниот пат Подмоље–Струга, полициски службеници го сопреле патничко возило „Фолксваген Поло“ со струшки регистарски таблички. При проверката било утврдено дека возилото го управувал 20-годишниот А.З. од селото Франгово, без да има положено возачки испит. По насока на јавен обвинител, возилото е одземено, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Сличен инцидент се случил и претходната ноќ, на 7 февруари, исто така во 02:55 часот, на улицата „Борис Кидрич“ во Кичево. Полициска патрола запрела патничко возило „Мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од 21-годишниот Ф.В. од Кичево. И во овој случај било утврдено дека лицето нема положено возачки испит. Возилото е одземено, а по насоки од обвинителството ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Нападнати деца на училиште, во автобус, градинка – во Скопје пријавени повеќе случаи на насилство со малолетници за еден ден
Во текот на вчерашниот ден во полицијата биле пријавени неколку случаи на физички напади, најголем дел врз малолетни лица, кои се случиле на различни локации во главниот град. Надлежните служби преземаат мерки за расчистување на сите случаи.
Напад во автобус на ЈСП
Татко пријавил дека вчера неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници од селото Батинци, додека се возел во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие на подрачјето на Драчево.
Младо момче нападнато од малолетници
Дваесет и шест годишниот С.Т. Зелениково пријавил дека околу 23:10 часот, во паркот во село Пакошево бил физички нападнат од двајца малолетници, кои употребиле тврд предмет. Тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Инцидент во средно училиште во Центар
Во 21:15 часот, Ж.П. (47) од Скопје пријавил дека околу 12:00 часот, во двор на средно училиште на подрачјето на Центар, неговиот 16-годишен син бил нападнат од друг ученик.
Напад во градинка во Чаир
Во 13:00 часот, Н.Ќ. (49) од с. Страхојадица, општина Зелениково, пријавил дека околу 12:30 часот, во двор од градинка на подрачјето на Чаир, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку други малолетници.
Напад во Кисела Вода
Во 22:30 часот, Н.Ц. (46) од Скопје пријавила дека околу 20:30 часот, нејзиниот 15-годишен син бил физички нападнат од женско лице на подрачјето на Кисела Вода.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека за сите случаи се преземаат мерки за расчистување.

