Европа
Шулц вети дека ќе ја направи SPD најсилна партија во Германија
Претседателството на Социјалдемократската партија на Германија (SPD) едногласно во неделата го избра донеодамнешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, за кандидат за канцелар на парламентарните избори во септември, а тој вети дека најстарата партија во земјата ќе ја направи најсилната во Германија.
„Возбуден сум и благодарен сум на укажаната доверба. Ветувам напната и чесна предизборна кампања“, изјави 61-годишниот Мартин Шулц откако претседателството на SPD едногласно го поддржа предлогот на досегашниот претседател на партијата Зигмар Габриел, Шулц да го преземе кормилото на партијата и согласно практиката за да може да биде кандидат за канцелар.
Пред повеќе од илјада делегати во седиштето на партијата во Берлин, Шулц најави враќање на SPD на политичката сцена и вети дека социјалдемократите ќе станата најсилната политичка партија во Германија.
„Ние мораме повторно да ја добиеме довербата. Само во општество кое застапува единство можеме да бидеме силни. Се чувствува раздвижување внатре во SPD, но и во целата земја. Ние сакаме и можеме да го искористиме ова еуфорично расположение“, порача Шулц.
Најави дека SPD повторно засилено ќе се сврти кон своите традиционални гласачи, дека ќе се бори за поправеден даночен систем и ќе настојува да осигури жителите во руралните области да ги уживаат истите придобивки како и жителите на големите градови.
„Особено ќе настојувам на тоа работниците да бидат ставени во центарот на вниманието“, рече Шулц најавувајќи зголемување на минималниот надомест за час работа во физички напорните занимања, како на негувателите и вети поголемо вложување во образованието и грижа за децата, како детски градинки и јасли.
Шулц, исто така, најави зајакната борба против затајувачите на данокот и нееднаквоста, особено неправедните односи на пазарот на трудот.„Неодржливо е менаџерот и покрај неспособноста по отказ да прими отпремнина во милиони, а продавачка на касата поради помали пропусти да биде отпуштена“, рече
Подеднакво е неправедно „меѓународен синџир кафулиња во Германија воопшто да не плаќа данок“, додека „мала пекарница на аголот да биде оданочувана од првото заработено евро“.
Шуцл вети чесна изборна кампања наспроти другите партии и од политичките противници побара потпишување на договор за „фер-плеј“.
„Ние кон политичките противници ќе се однесуваме достоинствено и со почитување, Недостигот од чесност и праведен пристап во текот на кампањата во САД длабоко ме вознемири. Такво нешто во Германија не смее да ни се случи“, рече Шулц и најави засилена борба против ширењето лажни вести и омразата на социјалните мрежи.
Привремената забрана за влегување на државјаните од седум муслимански земји на територијата на САД го нарече „бесрамно газење на табуата“.
Шулца најави и жестока борба против евроскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), којашто за многу кусо време се етаблираше како трета политичка сила во Германија и според рејтингот е веднаш зад неговата SPD.
„тоа не е алтернатива, тоа е срамота за Германија“, порача Шулц кусо откако се заложи за фер однос кон политичките противници.
Исто така, повика на поголема солидарност во Европската унија во мигрантската политика, а постапките на некои источноевропски членки и особено на унгарскиот премиер Виктор Орбан за тоа прашање ги нарече „навреда за европското единство“.
Откако во вторникот беше објавено дека Шулц ќе го преземе водството на SPD, во партијата се зачлениле 700 нови членови, a според некои анкети Шулц наводно по популарноста ја надминал актуелната канцеларка и кандидатка на демохристијаните на изборите, Ангела Меркел.
Но истовремено, според досегашните испитувања на јавното мнение, демохристијанската Унија CDU/CSU, предводена од канцеларката Ангела Меркел уверливо води со поддршка од 31 до 38 отсто, додека SPD има поддршка од 20 проценти од гласачите, а AfD, може да се надева на 10 до 15 отсто од гласовите, што ја прави трета според влијанието германска политичка опција./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Русите се предадоа на украински вооружен робот
Додека руската инвазија на Украина влегува во својата четврта година, далечински управуваните копнени роботи стануваат вообичаена глетка на бојното поле.
Украина стана светски лидер во развојот на беспилотни копнени возила (UGV), за кои војската вели дека ќе ѝ овозможат координирање на роботско војување, а воедно и намалување на човечките жртви, според Фондацијата Џејмстаун, одбранбен тинк-тенк.
Сега, видеото стана вирално на социјалните мрежи, наводно прикажувајќи двајца руски војници како се предаваат на токму таков робот, објавува Futurism.
A ground-based robotic complex captures three Russian soldiers. Zero Ukrainian casualties.
This is how Ukraine fights in 2026.
During a combat mission, Ukraine deployed the Droid TW-7.62 ground robot and forced 3 Russians troops to surrender. — Militarnyi. pic.twitter.com/dEDMpECZoB
— Tymofiy Mylovanov (@Mylovanov) January 28, 2026
Снимки од бојното поле
На видеото се прикажани двајца руски војници како излегуваат од зграда со кренати раце и се предаваат на вооружен робот.
Според украинскиот воен портал Militarnyi, станува збор за извидувачка и ударна копнена единица наречена Droid TW, произведена од украинската одбранбена компанија DevDroid. Дроидот користи вештачка интелигенција за автономно препознавање цели и е вооружен со муниција од 7,62 мм.
Роботот првично е развиен на барање на Првиот медицински баталјон на украинската армија, кој барал начин да ги евакуира ранетите под силен оган, но судејќи според снимките, армијата пронашла друга примена за него.
Европа
Макрон: Руските напади врз цивили се неприфатливи, испраќаме помош во Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера ги осуди руските напади врз цивилите и енергетската инфраструктура и најави испраќање генератори во Украина.
„Вчерашниот напад врз патнички воз во регионот Харков е неприфатлив. Франција остро ги осудува руските напади врз цивилите и енергетската инфраструктура. Соочени со итноста, се мобилизираме. По состанокот на Г7+, на кој копретседател е Франција, во Украина ќе бидат испратени генератори за да му се помогне на населението да ја преброди зимата“, рече Макрон на платформата за социјални медиуми Икс.
Неговата изјава следеше по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
J’ai échangé à l’instant avec le Président @ZelenskyyUa.
L’attaque d’hier contre un train de passagers dans la région de Kharkiv est inacceptable.
La France condamne avec la plus grande fermeté les frappes russes contre les civils et contre les infrastructures énergétiques.…
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) January 28, 2026
„Ставот на Франција е јасен: ние ќе ја поддржиме Украина колку што е потребно за да се одбрани и да ја победи агресијата предводена од Русија. Украина може да смета и на Франција во рамките на Коалицијата на волните. Ние продолжуваме да работиме на создавање услови за праведен и траен мир што ја гарантира безбедноста на Украина и Европа“, рече Макрон.
Тој додаде дека европските лидери се согласиле целосно да бидат вклучени во дискусиите што ги засегаат во контекст на тековните мировни преговори.
„Франција останува решена да го зголеми притисокот врз Русија сè додека таа избегнува мир. Работиме на нови санкции на европско ниво и ќе продолжиме со нашите напори за нарушување на флотата во сенка“, додаде Макрон.
Европа
Мерц: Влезот на Украина во ЕУ во 2027 година не доаѓа предвид, тоа не е можно
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека пристапувањето на Украина во Европската Унија во блиска иднина не е можно.
„Пристапувањето на 1 јануари 2027 година не доаѓа предвид. Тоа не е можно“, рече Мерц по разговорите со коалициските партнери во Берлин.
Секоја земја што сака да се приклучи на ЕУ прво мора да ги исполни Копенхашките критериуми, процес што обично трае неколку години, истакна канцеларот.
Сепак, тој нагласи дека на Украина ѝ е потребна перспектива што ќе го отвори патот за пристапување на долг рок.
„Можеме постепено да ја доближиме Украина до Европската Унија за време на овој процес“.
„Тоа е секогаш можно, но толку брзо пристапување едноставно не е изводливо“, додаде Мерц.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повтори барањето на неговата земја за членство во ЕУ уште во 2027 година.
„Пристапувањето на Украина во Европската Унија е една од клучните безбедносни гаранции не само за нас, туку и за цела Европа“, напиша тој на платформата Икс по телефонскиот разговор со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
„Колективната сила на Европа е можна, особено благодарение на безбедносниот, технолошкиот и економскиот придонес на Украина“, истакна Зеленски.

