Македонија
Лицата со ниски примања нема потреба да доаѓаат во ФЗОМ за здравствено осигурување
Секоја година во периодот од 1 февруари до 31 март, лицата со ниски примања беа обврзани да дојдат да дадат изјава на шалтерските служби во Фондот за здравствено осигурување, со цел да го продолжат правото на здравствено осигурување кое им го покрива државата преку Министерството за здравство, а годинава продолжува автоматската пререгистрација.
Лицата со ниски примања, кои во минатата година оствариле нето приход под 120.960 денари дека нема потреба да дојдат во подрачната служба на Фондот да се пререгистрираат и нивното здравствено осигурување автоматски ќе се продолжи. Лимитот според кој граѓаните го остваруваат ова право бележи континуиран раст од 96,600 денари во 2014 година до 115.080 денари во 2015 година и 120.960 денари денес, што е последица на растот на минималната плата.
Исто така, Фондот автоматски ќе ги пререгистрира и лицата кои последните два месеци оствариле приход помал од 20.160 денари, а се во категоријата на осигуреници кои оствариле приход од 120.960 денари до 197.262 денари минатата година. Другите две категории осигуреници кои плаќаат 50% или 100% од здравствениот придонес на просечна плата, ако се во рамките на лимити 120.960 денари до 197.262 денари, исто така не е потребно да дојдат да се пререгистрираат на шалтерите на подрачните служби на Фондот.
На осигурениците на кои автоматски ќе им се продолжи здравственото осигурување, нема да добиваат нови решенија по пошта. Лицата на кои нема да им се продолжи здравственото осигурување поради повисоки приходи од наведените лимити ќе добијат решение по пошта и ќе треба да дојдат во подрачната служба да го регулираат своето здравствено осигурување.
Лицата кои ова право не го искористиле и не се во базата на Фондот, а се во овие категории на приходи потребно е да дојдат и да се пријават на шалтерите во подрачните служби на Фондот. Исто така и лицата кои првпат поднеле пријава за здравствено осигурување во текот на месец јануари потребно е да дојдат на шалтерите во Фондот повторно да се пријават, согласно сегашните објавени законски лимити, бидејќи истите за 2016 година се зголемени со цел да го остварат правото на здравствено осигурување. Бројката на лица кои поднеле првпат барање во јануари 2017 година изнесува 3.117 лица и истите потребно е да дојдат и да се пререгистрираат. Воедно и лицата кои имаат промена во висината на нето приходите, потребно е да дојдат во подрачните служби на Фондот од 1 февруари до 31 март оваа година и да донесат документи за нова пререгистрација.
Како приходи на семејство се сметаат личните и приходите на членовите на носителот на здравственото осигурување ( брачен другар, деца).
Доколку се утврди дека осигуреното лице спаѓа во друга категорија со повисоки приходи, а не пријавило дека има приходи и користело здравствени услуги, Фондот по службена должност ќе донесе решение за престанок на својството на осигурено лице, со што му се укинуваат правата од задолжителното здравствено осигурување, освен правото на итна медицинска помош./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
„Претседателот на Пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посака срдечно добредојде на присутните и истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласи дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија“, соопшти собраниската прес – служба.
Работната средба продолжи со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентираше уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
Во дискусијата учество зеде и пратеничката Дијана Илиевска, која изрази задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посака успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
Во продолжение на средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата беше нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразија подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
„Во насока на унапредување на парламентарните односи, беше предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

