Европа
Британскиот закон за Брегзитот ја мина првата пречка
Британските пратеници, иако во мнозинство против, го одобрија напуштањето на Обединетото Кралство на Европската унија, а некои од нив притоа изјавија дека се сигурни оти прават „историска грешка“.
Во средата вечерата со 498 гласови „за“ и 114 „против“, британските парламентарци ја одобрија првата фаза од нацрт-законот што на премиерката Тереза Меј ќе ѝ овозможи да ги започне преговорите за истапување на Велика Британија од Европската унија. Расправата за текстот од законот ќе продолжи во долниот дом од парламентот следната седмица.
Но, како што пренесува AFP, во вестминистерскиот парламент атмосферата била необична. Дебатата била жива, на моменти и жестока, но надвладувало чувството за помирување со резултатите од сенародниот референдум на 23-ти јуни 2016 година, на кој британските избирачи во мнозинство се изјаснија нивната земја да ја напушти ЕУ.
Според податоците на британските медиуми, повеќе од две третини од британските пратеници на референдумот гласале против Брегзитот. Сега беа ставени пред дилемата: да ја почитуваат волјата на своите избирачи или да се поведат од сопствените уверување.
Повеќето од нив,и од левицата и од десницата во која имаше најмногу поделби околу напуштањето на ЕУ, истакнуваат дека „едноставно немаат друг избор“ и дека мора да ја почитуваат волјата на граѓаните, иако не се согласуваат со тоа.
„Бев одушевен поборник на останувањето во ЕУ и на тоа ја посветив својата работа во владата. Меѓутоа, со подеднаква доследност го бранам фактот дека сме демократија“, изјави поранешниот министер за финансии, Џорџ Озборн,.
„Бев против Брегзитот, но ќе гласам за нацрт-законот… Неки тоа го нарекуваат кукавучлук, а јас тоа го нарекувам демократија“, вели пратеничката од Лабуристичката партија, Ема Рејнолдс.
Некои пратеници познати „еврофили“ од лабуристите не можат да го прифатат раздружувањето од досега 28-члениот блок, иако гласачите во нивните изборни единици, посебно во Англија и во Велс, во голем број гласале за излегувањето од ЕУ. Повеќето незадоволници имаат намера да го прозват лани повторно избраниот партиски челник Џереми Корбин кој повика на прифаќање на текстот на нацрт-законот.
„Се бориме со совеста, тешко е“, изјави поранешниот челник на лабуристичката опозиција Ед Милибанд, со многу загрижен изглед, како што забележува AFP.
Наспроти тоа, евроскпетиците ова гласање го сметаат за повод за славење.
„Овој ден ќе влезе во аналите на британската историја, како ден кога ја потврдивме благородната, смела и славна одлука која народот ја донесе на тој историски ден 23-ти јуни летото Господово 2016-та“, истана конзервативниот пратеник Џејкоб Рис Мог, препознатлив по своите поетични изјави.
А пратениците од Шкотската национална партија (SNP) немаа дилеми, како и најголемиот број шкотски гласачи, решително се бореа против Брегзитот и гласаа против.
„Луѓето мислат дека долниот дом знае што прави, но единственото што го прави е да ги стискаат палците надевајќи се дека сето тоа ќе мине добро. Тоа е крајно неодговорно“, изјави незадоволниот пратеник од SNP, Ангус Брендан Мекнеил./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

