Македонија
Владата ги намалува средствата за рано откривање на рак на грло на матка
Една од целите на кампањата за Светскиот ден за борба против карциномот во 2017 година е обезбедување на универзален пристап до здравствените услуги, поврзани со карциномот, а клучна улога во борбата против карциномот претставуваат здравствените услуги за рано откривање на карциномот.
Имено според Светската декларација за карцином, секоја држава треба да обезбеди универзален пристап за населението до скрининг методите за рана детекција на карциномите, вклучувајќи го и карциномот на ракот на грлото на матката. Со воведување на овие методи значително се намалува стапката на смртност од карциномите.
Смртноста од ракот на грлото на матката во Македонија бележи пораст во периодот од 2011 до 2014 година. Имено во 2011 година стапката на смртноста изнесува 1,5 на 100.000 жени, додека во 2014 изнесува 4,1 на 100.000 жени, и покрај тоа што овој вид на карцином може навремено да се открие и излекува.
Покрај оваа состојба, и спротивно на препораките дадени на Светскиот ден Владата на Македонија го намали буџетот за Програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка за 2017 година за 2.950.000 денари во споредба со Програмата за 2016 година. Ова намалување се должи на намалениот предвиден опфат на жени со оваа Програма во 2017 година.
Во 2015 година со Програмата за рано откривање на ракот на грлото на матката биле опфатени 29.887 жени, а Владата во 2017 година планира со скрининг да опфати 10.000 жени помалку од постигнатиот опфат во 2015 година.
Организираниот скрининг на рак на грло на матка игра клучна улога во намалувањето на смртноста од ова заболување. Намалувањето на средствата и планираниот опфат на жени со Програмата ќе води кон понатамошен пораст на смртноста од ова заболување.
„Поради тоа бараме од Министерството за здравство и Владата на Македонија да го зголемат планираниот опфат на жени со Програмата за скрининг на рак на грло на матка за 2017 на најмалку 20% од целната популација на жени и да го зголемат планираниот буџет за истата програма. Р. Македонија треба да цели кон постигнување на опфат на најмалку 70% од жените на возраст од 24 до 60 години во наредните пет години со оваа Програма“, велат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
За Светскиот ден за борба против карциномот
Светскиот ден за борба против карциномот претставува глобален настан кој се одвива секоја година на 04 февруари и ја обединува светската популација во борбата против карциномот.
Главната цел на овој настан е да се спречат милиони смртни случаи секоја година преку подигнување на свесноста и едукација за болеста, преку наметнување притисок врз владите и поединците ширум светот да ги преземат потребните акции.
Светскиот ден за борба против карциномот во периодот 2016 – 2018 година се спроведува под слоганoт “Ние можеме, јас можам” и повикува на активно вклучување на поединците, заедницата, и надлежните институции со цел превенција и намалување на последиците од појавата на карциномите. Кампањата се фокусира на информирање и едукација за зголемена свесноста за превенција од карцином; обезбедување на соодветен пристап до здравствените услуги; обезбедување здрава животна средина; и повикува на унапредување на политиките по однос на ова прашање./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.
Македонија
По реакции од граѓани, се чисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на државата.
Според Ѓорѓиевски, во акцијата се вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, а целта е уредување на, како што посочи, срцето на македонското здравство, по долгогодишна негрижа за овој исклучително важен комплекс. Акцијата, како што нагласи, е директен одговор на оправданите реакции и забелешки на граѓаните.
„Местото каде што се лекува народот мора да биде чисто, безбедно и достоинствено“, порача градоначалникот, додавајќи дека Клиничкиот центар заслужува уредена и пристојна околина.
Во рамки на акцијата се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната и запуштена вегетација, се чистат сливниците, се метат сите јавни површини со специјализирани возила, како и се подига кабастиот и комуналниот отпад. Според најавите, секој дел од комплексот ќе биде уреден со цел Клиничкиот центар да добие лик соодветен на неговото значење.
Ѓорѓиевски потенцираше дека ова не е изолирана интервенција, туку почеток на континуирана грижа, најавувајќи дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина со цел одржување на хигиената и безбедноста во најзначајните јавни простори во градот.

