Македонија
Млади математичари од цела Европа се натпреваруваат на голем турнир во Скопје

Млади математичари од Централна и Источна Европа два дена престојуваат во Скопје каде се натпреваруваат на меѓународен математички турнир чиј домаќин е училиштето „Нова“. Основци од образовни институции од седум држави кои минале повеќе нивоа на селекција уште пред да се појават на натпреварот, денес и утре ќе решаваат комплицирани, логички математички задачи. Имињата на најдобрите, на најподготвените и најбрзите математичари ќе се знаат во сабота во попладневните часови, а победниците ќе добијат медали и дипломи.
Турнирот е дел од програмата и активностите на асоцијацијата CEESA во која членуваат меѓународни училишта од Централна и Источна Европа меѓу кои и „Нова“. Во Скопје престојуваат 60 млади математичари од повеќе од 22 националности кои се натпреваруваат индивидуално и тимски решавајќи различен тип на задачи.
Идејата зад асоцијацијата CEESA е да се разменуваат искуства со цел да се подобри квалитетот на работа, но воедно формирани се и лиги за повеќе спортови како и академски натпревари. Основци од Македонија постојано ги мерат силите со млади математичари од други земји, но овој пат се и домаќини на настанот.
„Задачите кои се решаваат на овие натпревари се исклучителни тешки, но идејата не е да се тестира колку формули или равенки знаат децата туку да се погледне како размислуваат. Тие треба да размислуваат логички, да употребат принципи и правила кои ги научиле во математиката за да стигнат до вистинскиот одговор. Искуството покажува дека голем дел од основците кои учествуваат на овие турнири понатаму продолжуваат да се дообразуваат и да се занимаваат со професии кои на некој начин се поврзани со математиката“, велат од „Нова“ посочувајќи дека наши млади математичари повеќе пати имаат учествувано на овој натпревар и имаат освоено злато и бронза како тим, а индивидуално вообичаено се пласираат помеѓу првите десет.
Во рамки на асоцијацијата CEESA паралелно се одржуваат голем број на натпревари, па така додека Скопје е домаќин на турнирот по математика за основци, во Москва се случува математички натпревар за средношколци, а во Загреб е турнирот во општи знаења кој е концепиран како квиз.
„Лани турнирот во општи знаења наречен CEESA Кnowledge Bowl се одржа во Македонија, кога бевме домаќини на екипи од повеќе земји. Тогаш нашите ученици ги освоија и првото и второто место. Се надеваме дека и овојпат ќе можеме да прикажеме солидни резултати“, завршуваат од „Нова“./крај/смф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За време на СДСМ улица во Драчево е преименувана во Азем Морана

Срамно и дрско е СДС да зборува за темелите на македонската државност откако променија знаме, име и Устав на државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„СДС која тоне се подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште го дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно се повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“, пишува во реакцијата.
Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.