Регион
Продолжуваат масовните протести во Романија
Меѓу 200.000 и 250.000 луѓе, според процените на медиумите, во петокот навечер во главниот град Букурешт и во други педесетина градови низ Романија протестираа против ублажувањето на законот за сузбивање на корупцијата.
Владата на Романија ја прифати уредбата во вторникот вечерта, којашто би се однесувала на тековните истраги и судења, како и на новите случаи. Криминалната негрижа повеќе не би била кривично дело, а дефиницијата на судирот на интересите е стеснета.
Доколку биде спроведена, како што е планирано во рок од десет дена, уредбата ќе овозможи, меѓу другото, и декриминализација на злоупотребата на службените овластувања во кои сумите не минуваат над 200.000 леи, или 48.000 долари.
Со тоа би се прекинала тековната постапка против претседателот на Социјалдемократската партија, Ливиу Драгнеа, обвинет дека го користел политичкото влијание за да обезбеди плати за две лица кои работеле во штабот на неговата партија во периодот од 2006 до 2013 година. Меѓутоа, и десетици други политички функционери од сите политички партии во Романија би требало да имаат полза од оваа владина уредба.
Во престолнината Букурешт стотина илјади луѓе четврти ден по ред се собраа на големиот плоштад Викториеи, каде е зградата на владата, епицентарот на протестното движење невидено досега во Романија.
Демонстрантите, повеќето млади луѓе, бараат повлекување на уредбата. Со силен аплауз поздравија група млади кои носе ковчег и дрвен крст со натписот „романска правда“. Ја отпеаја националната химна „Разбуди се Романија“ прекинувајќи ја со повиците за остава на владата.
Во сабота планираат околу пладне во поворка да минат пред зградата на парламентот, пред кој ќе формираат човечки синџир.
На сличните собири во педесетина романски градови, како Клуј, Синиу и Темишвар, учествувале меѓу 100.000 и 150.000 луѓе, пишуваат медиумите.
Романските социјалдемократи повторно дојдоа на власт на изборите во декември 2016 година, цела година откако демонстрантите ги соборија од власт во гневните протести поради смртоносниот пожар во еден ноќен клуб во Букурешт во кој загинаа неколку десетици млади луѓе, за што многумина ја обвинуваа корупцијата и практиката на неказнивост. Владата упорно истакнува дека има намера да оди натаму со оваа реформа на кривичниот законик.
Антикорупциските обвинители во моментов истражуваат повеќе од 2,000 случаи на злоупотребана власта и позициите./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

