Регион
Постигнат договор за ѕидот на мостот во Митровица

Градоначалникот на северна Митровица, Горан Ракиќ и косовскиот министер за просторно планирање Ферат Шаља постигнале договор за ѕидот кој симболично го раздвојува северниот дел од Косовска Митровица каде живеат Србите, и јужниот дел каде се Албанците.
Од канцеларијата на Градоначалникот на северна Митровица, Горан Ракиќ во саботата објавија дека изминатата ноќ „се дојде до решение кое ќе ги намали тензиите на северот од Косово и Метохија, ќе го олесни слободното движење и ќе создаде амбиент кој ќе биде од полза на сите граѓани од северниот и од јужниот дел на Косовска Митровица“.
Сепак, не е прецизирано што ќе се случи со ѕидот кој се наоѓа на крајот од мостот, а кој е предмет на спорот меѓу Белград и Приштина. Наместо тоа, најавено е дека „во следните неколку денови на јавноста ќе ѝ биде претставено како просторот околу мостот треба да биде уреден“.
Директорот на канцеларијата на српската влада за нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија која прогласи еднострано самостојност во 2008 година, Мерко Ѓуриќ за Радио-телевизија Србија потврди дека претставниците на Србите се задоволни од постигнатиот договор кој ќе помогне во смирувањето на напнатоста.
„Доколку биде спроведен, на овој договор може се гледа со умерен оптимизам“, изјави Ѓуриќ, истакнувајќи дека до него е дојдено исклучиво благодарејќи на „дипломатската активноста и фактот дека премиерот Александар Вучиќ застана зад Србите на Косово велејќи дека насилството нема да биде толерирано“.
Ѓуриќ не одговори на прашањето дали очекува поголема подготвеност на Приштина за формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО), но рече дека договорот за тоа е постигнат пред четири години, а Приштина не направила ниеден чекор во неговата примена.
Тој, исто така, ги критикуваше посредниците од Европската унија „бидејќи не ги третираа исто двете страни, односно беа попустливи кон делегацијата од Приштина“.
Меѓу Белград и Приштина, како и на самото Косово, зајакнати се тензиите, особено по последните две рунди од преговорите во Брисел, коишто според оцените на медиумите и коментаторите „целосно пропаднале“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ужас во Јагодина: Внук ги заклал бабата и дедото и избегал

Двојно убиство се случило во близина на Јагодина. Според првичните информации М.М. (39) ги заклал бабата Р.Ж. (76) и дедото Р.М. (79) и избегал. Неофицијално, убиството се случило во селото Богава, општина Деспотовац, а телата на сопружниците биле пронајдени рано утрово во семејната куќа.
Полицијата е на местото на настанот и во тек е истрага, а пристигнати се и обвинителот на Вишото јавно обвинителство во Јагодина.
Регион
Шеќеринска: НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во БиХ

Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, денес изјави дека алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, откако српскиот лидер Милорад Додик објави дека ќе побара од Москва да ја прекине воената мисија ЕУФОР во таа земја.
Шеќеринска изјави дека НАТО е „трајно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Таа додаде дека НАТО нема да дозволи дестабилизација во Босна и Херцеговина, соопшти канцеларијата на бошњачкиот член на колективното претседателство на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој се сретна со претставничката на НАТО.
„Без оглед на исходот од претстојната седница на Советот за безбедност на ООН, НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина“, рече Шеќеринска.
Регион
Албанска министерка го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење

Министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење во ресторан во САД, објавува „Спутник“.
Таа потврди на социјалните мрежи дека го сторила тоа врз основа на пријавата на албански државјанин кој живее во Њујорк, каде што бил во посета нејзиниот заменик Анди Махила. Како што изјави, тој пушел цигара во ресторанот „што предизвикало немир кај присутните“.
Албана Кочиу е првата жена на чело на полицијата во историјата на Албанија, а во претходната влада беше министерка за здравство.
Фото: принтскрин